Тужба за неовластено преземање вести од Интернет порталите
Повеќе македонски медиуми во иднина нема да го толерираат неовластеното преземање на содржините кои се објавени на нивните Интернет Портали.
На средбата одржана на 24.12.2009, присутните претставници од десетина медиуми ја утврдија штетата која произлегува од неавторизираното и неконтролираното преземање на информации од овие медиуми во целост или делумно, со што директно се крши законот за авторски права, но и се нанесува реална штета со намалување на бројот на посети на порталите односно медиумите кои ги продуцирале овие вести (информации).
За таа цел, а пред се заради заштита на сопствените интереси и почитување на законот, се повикуваат сите медиуми, најдоцна до 01.02.2010 на своите портали, преземените вести да ги објавувате само со наслов (поднаслов), директен линк (URL) до изворната вест, и тоа само оние вести и други информации кои соодветниот медиум би ги публикувал во наменски RSS (Really Simple Syndication) формат и во количина (наслов, датум, линк, фотографија итн.) која е публикувана со истиот RSS формат.
Истото се однесува и на радио станиците кои без договор и неовластено во своите програми пренесуваат туѓи вести, информации и други содржини кои потпаѓаат под Законот за заштита на авторски права.
Воедно се повикуваат сите заинтересирани страни до горенаведениот датум да постигнат договор со сите медиуми од кои ги преземате вестите и другите информации кои потпаѓаат под Законот за заштита на авторски права, како не би дошло до поведување на постапка пред надлежните судски органи во Р. Македонија.
Оваа иницијатива е почеток на здружен настап на електронските и печатените медиуми кои имаат свои веб страници и создаваат свои содржини, и со која и во иднина ќе ги заштитуваат своите интереси, во согласност со важечките закони и прописи.

|