Една деценија од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор

Скопје, 13 август 2011 (МИА) - Денеска се навршуваат 10 години од потпишувањето на Рамковниот договор со кој се стави крај на конфликтот во 2001 година и се постави рамка за меѓуетнички соживот и евроатлантска перспектива на државата.

Охридскиот договор и по една деценија ја ужива поддршката од меѓународната заедница и од поголем дел од партиите од македонскиот и албанскиот политички блок, како единствена рамка за развој на државата. Вообичаено амбасадата на САД и мисиите на ЕУ, НАТО и на ОБСЕ во земјава секоја година се произнесуваат за значењето на овој договор.

Во рамки на одбележувањето на една деценија од Рамковниот договор централен настан е дводневната конференција што од вчера се одржува во Охрид, во организација на Секретаријатот за имплементација на Охридскиот договор (СИОФА).

Конференцијата ја отвори претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, а се обрати и вицепремиерот задолжен за спроведување на Рамковниот договор Муса Џафери.

Претседателот Иванов посочи дека Охридскиот рамковен договор беше основа за измени во Уставот, легислативата, децентрализацијата на моќта, правичната застапеност во државната администрација, обезбедувањето образование на мајчин јазик, употребата на јазиците, изразувањето на идентитетот.

- Оттогаш достигнавме едно ниво на поголемо разбирање, почитување и толеранција за разликите. Во изминатите години, исполнувајќи го сето она што произлезе од Рамковниот договор ги исполнивме и критериумите за членство во НАТО и подготвени сме за отпочнување на преговорите со Европската унија. Но, во процесот на тоа евро-атлантско приближување станавме носители на уште една вредност – модел кој се стреми да интегрира, а не да асимилира, рече претседателот Иванов.

Тој притоа нагласи дека македонскиот модел има двојна улога – се јавува како инструмент со кој се обезбедува довербата на граѓаните во државата и нејзините институции, нејзините симболи, но и како основа за градење и развивање на меѓуетничката доверба.

Муса Џафери пред учесниците нагласи дека Рамковниот договор ги постави темелите за подобра иднина на сите граѓани на Република Македонија.

- Со него се кажани „не“ на дискриминацијата, на употребата на сила и на етничките поделби, а „да“ за етничкиот соживот и разликите меѓу етничките заедници. Тој имаше голема поддршка од меѓународната заедница, која го поддржа неговото потпишување и имплементација. Присуството на нејзните претставници тука во Охрид ја потврдува нивната безрезервна поддршка на договорот, рече Џафери.

Притоа, тој посочи дека од 2001 година Рамковниот договор се спроведува со одредена динамика, во сите општествени сектори, со цел изградба на ново општество и модел на нова мултиетничка држава, со што во целост се елиминираат причините за конфликтот.

Пред учесниците на Конференцијата во Охрид свои излагања имаа Филип Рикер, заменик државен потсекретар на САД, Џејмс Пердју, олеснувач на Охридскиот договор и Ален Ле Роа, генерален потсекретар за мировни операции при ОН.

Постојат многу прашања во врска со договорот, дали е тој успешен, дали се почитува, но мислам дека тие дилеми треба да се остават настрана и да се гледа напред во иднината. Прашање е што сакаме и каква сакаме да биде оваа земја, доколку навистинна сме посветени кон евроатлантските интеграции, како да стигнеме до нив. Како да го максимизираме бенефитот од потенцијалите што на една земја и ја дава мултиетничноста, како што тоа го прават САД, изјави Рикер.

Според него, лесно е да се посочат недостатоците на Охридскиот рамковен договор од оваа временска дистанца, но не треба да се заборави дека пред десет години Република Македонија беше на работ на граѓанска војна. - Покојниот претседател Борис Трајковски побара помош од САД и меѓународните партнери за решавање на конфликтот, што доведе до мировниот процес и конечно до овој договор кој и овозможи на Македонија да стане мултикултурна земја и мултиечничко општество, рече Рикер.

Рикер нагласи дека десетгодишнината на Рамковниот договор секако е можност за обновување на посветеноста на САД за поддржување на Македонија во нејзините напори и активности за просперитетна иднина.

Џејмс Пердју, кој како олеснувач беше директен учесник во преговорите и креирањето на документот, истакна дека Македонија каква што е денес немаше да постои доколку пропаднеше мировниот процес што се водеше овде во 2001 година. Неговата успешна имплементација, пак, додаде, го направи модел за решавање етнички конфликти во светот и потврди дека не постојат територијални решенија за етничките конфликти.

- Можеби еден од најголемите предизвици со кои се соочува Македонија е меѓународната изолација предизвикана од проблемот со името со Грција. Тоа е постојана пречка за нејзина интеграција во западноевропските институции, а Македонија тоа очајнички го посакува. Јас бев тука во 1995 година со Холбрук кога дојде да преговара со Македонија и Грција и беше лично вклучен во Охридскиот процес за спречување на војната. Можеби ќе биде потребна меѓународна помош за да се разврзе Гордиевиот јазол, можеби се приближува времето кога САД и Европа треба да направат такви усилби до лидерите на двете држави вклучени во спорот, рече Пердју.

Ален ле Роа, како поранешен претставник на ЕУ, се согласи со изнесените забелешки на Рикер и Пердју дека Охридскиот договор и овозможи на Македонија да живее и да се развива во мир, да напредува на патот кон остварување на нејзините стратешки цели и зацртани приоритети.

Притоа тој се потсети на клучните личности, политичари и експерти кои придонесоа при изготвувањето и потпишувањето на договорот од Охрид. Особено ја нагласи искреноста и личниот ангажман на тогашниот претседател на Македонија Борис Трајковски во преговорите.

- Постигнат е голем напредок. Се уште има крупни прашања како што е проблемот со името, потоа независноста на судството, прашањето на слободата на медиумите. Тоа се мошне важни аспекти, но сметам дека Македонија може да ги надмине. И од гледна точка на ЕУ ние со нетрпение очекуваме да ви посакаме добредојде во Унијата, колку што е можно поскоро, затоа што потенцијалот на вашата земја уште повеќе ќе се развие откако ќе влезете во ЕУ, додаде Ле Роа.

Според лидерот на ДУИ Али Ахмети, секој дијалог и унапредување на Охридскиот договор е за доброто на сите граѓани на Македонија.

- Доколку ме прашате како се чувствувам сега, јас сум денес полојален граѓанин кон мојата држава, затоа што мојата држава е полојална кон мене и кон заедницата кон која припаѓам, рече Ахмети од говорницата на Конференцијата.

Од десетгодишна временска дистанца по охридските мировни преговори, оценувајќи дека меѓународната заедница навреме реагирала во конфликтот во Македонија и со тоа спречила повторување на сценаријата во Босна и Косово, Ахметуи од меѓународниот фактор побара исто така да се заложи и во решавањето на, според него, последниот чекор кон обезбедувањето треаен мир во Македонија, но и во регионот, а тоа е изнаоѓање разврска за прашањето со името.

- Последниот чекор во обезбедувањето мир не само во Македонија, туку и во регионот, би била засилена меѓународна помош во разрешувањето на проблемот со името, да се изнајде разврска на тоа прашање. Најдобар начин за тоа е да се формира група, чие седиште нема да биде во Њујорк, туку која ќе делува тука, во регионот. Би сакал таа група да функционира одвнатре, така како што функционираше групата на Ахтисари, групите кои што ги создадоа Рамбује и Дејтон, и преку еден засилен ангажман на крајот да се постигне мирот, а мојата држава да се зачлени во НАТО и ЕУ, и со тоа да почне нашата успешна приказна, рече Ахмети.

Во врска текот на имплементацијата на одредбите од Договорот рече дека независно што не се целосно реализирани, вината за тоа не треба да се бара само кај македонската страна, туку и во редовите на албанската заедница.

На тема „Евалуација на Охридскиот договор“ на вториот ден од конференцијата се очекува да говорат министерот за надворешни работи Никола Поповски, Питер Соренсен, раководител на Европската делегација во Република Македонија, Ралф Брет, раководител на ОБСЕ мисијата во Република Македонија, Брајан Агелер како вд. амбасадор на САД во Македонија и британскиот амбасадор Кристофер Ивон.

„Идните чекори и очекувања“ ќе биде последниот наслов на кој главно ќе дебатираат домашни и странски експерти. Меѓу другите најавени се Даниел Сервер, американскиот академски експерт и предавач за конфликтен менаџмент, претседателот на Комитетот за односи меѓу заедниците во Република Македонија и Абдилаќим Адеми, актуелниот министер за животна средина и просторно планирање и поранешен заменик-претседател на Владата одговорен за спроведување на Охридскиот договор.

Франсоа Леотар, кој во 2001 година беше испратен од ЕУ како нејзин „олеснувач“, во интервју за МИА првпат зборува за тој период и нагласува дека Рамковниот договор и она што го направил за време на неговиот мандат во Македонија е еден од најголемите успеси во неговата политичка кариера. Охридскиот договор беше заедничко дело, потенцира тој, оценувајќи оти тоа беше одличен успех на Европската унија и првпат вистинската европска дипломатија дојде до израз.

- Во ситуација каква што се наоѓаме денес, кога европската заедничка монета е загрозена, треба да се потсетиме дека Европејците секогаш, кога покажале интерес да решат некој проблем, можат да го сторат тоа. И тоа од три причини: имаме војници, имаме пари и имаме дипломати, вели меѓу другото Леотар.

Леотар смета дека со Рамковниот договор надвладеа разумот во Македонија, односно дека раководните лица, дури оние кои беле исполнети со омраза кон спротивната заедница, сфатиле дека лансирањето идеи за поделба на територијата, што било случај во моментот кога пристигнал во Македонија, претставува ќорсокак.

- Помирете се меѓу вас, почитувајте го вашиот сосед без разлика на неговата религија и лице. Верува во иднината на Македонија и укажува дека иако не ги познава денешните политичари, верува во нивниот економски и социјален успех и во нивниот национален идентитет, е една од пораките од Леотар, дадени во интервјуто.

Повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања се донесени во изминатите 10 години од имплeментацијата на Охридскиот рамковен договор, од кои најголем дел - 59 се закони за недискриминација и правична застапеност, 40 се во сферата на идентитет, култура, образование и децентрализација на власта.

Тоа е заклучокот во една од 19-те студии презентирани во публикацијата на Македонскиот центар за меѓународна соработка во која се нуди сеопфатен преглед на имплементацијата на Рамковниот договор.

Авторот на студијата Фисник Шабани смета дека државните институции се уште не поседуваат и не водат евиденција колку закони се изменети или дополнети според Рамковниот договор или не биле доволно кооперативни во врска со тоа.

Рамковниот договор, на 13 август 2001 година, по повеќедневни усоглсувања во Охрид, беше потпишан во Скопје од тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски и лидерите на СДСМ Бранко Црвенковски, на ДПА Арбен Џафери и на ПДП Имер Имери. Во својство на гаранти, документот го потпишаа и специјалните претставници на ЕУ и на САД Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.

На Конференцијата во Охрид не учествува ниту еден од потписниците на Охридскиот рамковен договор.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Седат Буш и Пауел во кафич и прават муабет. Влегува човек во кафичот, ги гледа двајцава и не му се верува дека се таму. И приоѓа на маса и ги прашува:
- Абе, вие Буш и Пауел...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
1533.- Роден е холандскиот државник Вилхелм I...
1731.- Умре англискиот писател Даниел Дефо, кој...
1815.- Роден е англискиот писател Ентони Тролоп...
1854.- Врховниот суд на САД донесе пресуда дека...