kapital

И да е чудо, науката никогаш нема да престане да бара рационално објаснување

Додека науката сe уште без резултат се обидува да го демистифицира самочистењето на фреските во црквата Свети Димитрија, духовниците веќе имаат конкретно толкување на чудото, имајќи ја предвид специфичната поврзаност на одредени личности и настани со овој храм

Одговорот на прашањето дали во храмот посветен на свети Димитрија се случува чудо или не, за верниците е неважен бидејќи за нив е чудо божјо самото постоење на светот со целата негова феноменологија. А луѓето кои не веруваат дека постои нешто надвор од физичката стварност и од компетенцијата на позитивистичката наука, нема никогаш да престанат да бараат рационално објаснување. Ова е заклучокот што може да се извлече од ставовите на компетентните луѓе што ги консултираше „Капитал“, некои поради духовно искуство, некои поради научните титули, за таканареченото самочистење на фреските во скопскиот храм Свети Димитрија. Дилемата каде треба да се бара одговорот – во физичката или метафизичката стварност, научните институции сe уште не можат да ја разрешат.

Од Градскиот конзерваторски центар трет ден се на местото на настанот, но засега нема ниту првични согледувања за вистинската природа на феноменот. Помош од хемичари била побарана и од Националниот конзерваторски центар чии експерти во тек на целиот вчерашен ден правеле анализи. Двете институции не излегуваат со став додека не ги направат сите испитувања. На прашањето дали е воопшто можно поради третман со некоја хемикалија или поради некое друго, научно објасниво влијание, да се случува осветлувањето на фреските, конзерваторите немаат конкретен одговор:

„Во кругот на црквата ова е чудо, но за науката секогаш постои научно објаснување. Пред да излеземе со став мораме да направиме експертска анализа. Добро го познавам фрескоживописот во Свети Димитрија, кој пред 15 години требаше да го чистам, а бев и вчера да видам што се случува. Фреските се посветли, но не приметив дека се чистат сами од себе“, изјави за „Капитал“ професорот на Факултетот за ликовни уметности и виш конзерватор, Благоја Кузмановски.

Дел од зографите (животописците) кои ги консултираше „Капитал“ целосно ја отфрлаат можноста самочистењето на фреските да е вешта измама изведена од страна на заинтересираните страни. Иконописецот Кирил Златанов, чии дела може да се најдат во иконописни ризници од САД, Шпанија, Италија, Франција, кој е коавтор и на фрескоживописот во православниот храм Свети Спас во скопско Маџари, опишувајќи ја технологијата на чистење фрески, потенцира дека не е можно процесот на самочистење да е последица на третирање со некоја хемикалија која дава одложени резултати:

„Фреските се мијат со калиев сапун, кој потоа треба да се неутрализира, па парче по парче да се премие фрескоживописаната површина за механички да се отстрани омекнатата валканост. За да се спроведе процесот неопходно е да се постави скеле во целата црква. Така што, тезата дека некој напрскал нешто од кое подоцна фреските се исчистиле е апсурдна. Ако се напрска со калиев сапун и потоа во соодветен момент реакцијата не се неутрализира, ќе се предизвика нивно распаѓање. Уште попроблематично би било чистењето на златните ореоли“, изјави Златанов за „Капитал“.

ОТЕЦ ПАРТЕНИЈ: ЧУДОТО Е ДОКАЗ ДЕКА БОГ ЈА ПОДДРЖУВА АВТОКЕФАЛНОСТА НА МПЦ

За архимандритот Партениј од Бигорскиот манастир нема дилеми дека во црквата Свети Димитриј се случува чудо. Тој како многу индикативна во овој контекст ја смета и констелацијата на настани и личности поврзани со историјата на скопскиот храм:

„Секогаш кога Бог прави вакви големи и јавни чуда, сака да ни испрати некаква порака. Чудото со самоочистувањето на фреските и иконите е несомнен показател за огромната милост божја кон нашата црква и татковина. Храмот Св. Димитрија е првиот соборен храм на возобновената Охридска Архиепископија во лицето на МПЦ, а таму се наоѓаат гробовите и на првиот Архиепископ на возобновената наша црква, блаженоупокоениот г. г. Доситеј и неговиот достоен наследник, г. г. Ангелариј. Правејќи го ова прекрасно чудо пред очите на сите, токму на тоа место каде што почиваат моштите на возобновителот на нашата Мајка Црква, Бог како да сака да нe извести дека угоден му е чекорот што го презел г. г. Доситеј за обнова на Охридската Архиепископија и дека тој е со нас и нe поддржува во овие 45 години автокефалност и ќе продолжи да биде со нас и понатаму“, изјави отец Партениј за „Капитал“.

Бигорскиот монах смета дека чудото треба да се толкува и како божја волја за покајание на луѓето и на црковниот клир. Слични појави кои науката не успеала да ги демистифицира се случиле досега во Свирскиот манастир во Русија, каде што се појавиле фрески кои претходно биле безмалку уништени за време на комунистичкиот режим, и во Украина каде што икона самата создала своја копија пресликувајќи се во стакло кое било поставено пред неа.

ТУРИСТИЧКИОТ ПОТЕНЦИЈАЛ НА ЧУДОТО

Чудесното освежување на фреските во Свети Димитрија за кое пишуваа и светските медиуми, не е исклучено дека може да го претвори Скопје во нов центар на верскиот, поклонички туризам. За илустрација, босанското место Меѓугорје каде што верници уште од 1981 година тврдат дека им се појавила Дева Марија, денес годишно го посетуваат околу милион католици од целиот свет. Уште попосетен е францускиот град Лурд, каде што поради истото верување во текот на годината доаѓаат околу шест милиони туристи.

ЗА ЧУДОТО НА СВЕТИ ДИМИТРИЈА СЕ ИНТЕРЕСИРА И ВСЕЛЕНСКИОТ ПАРТИЈАРХ, ВАРТОЛОМЕЈ

Меѓу многубројните чуда опишани во житието на светиот великомаченик Димитрија Солунски, немалку се случиле и во Македонија, каде што, како и насекаде во христијанството, овој светител ужива голема почит. Меѓу нив се издвојува она што се случило во Марковиот манастир (во близина на Скопје) чија црква е посветена токму на Свети Димитрија. Во 19 век скопскиот паша Хамзи, одлучил да ги одземе од манастирот покривните оловни плочки, во интерес на османлиските леарници за топови. Но, на сон бил предупреден од некој светител, а кога утредента потресен влегол во црквата се уверил дека тоа бил свети Димитрија, препознавајќи го на една од фреските. Вдахновен од необичното искуство, Хамзи-паша ја изградил припратата (тремот) и крстилницата во манастирот. За последното чудо на овој светител пројавил интерес и вселенскиот, односно, цариградскиот патријарх Вартоломеј, кој ја искористил вчерашаната средба со македонскиот претседател за од прва рака да се информира за чудото во Македонија.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Седат Буш и Пауел во кафич и прават муабет. Влегува човек во кафичот, ги гледа двајцава и не му се верува дека се таму. И приоѓа на маса и ги прашува:
- Абе, вие Буш и Пауел...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
1533.- Роден е холандскиот државник Вилхелм I...
1731.- Умре англискиот писател Даниел Дефо, кој...
1815.- Роден е англискиот писател Ентони Тролоп...
1854.- Врховниот суд на САД донесе пресуда дека...