Скопје се сеќава - 50 години од катастрофалниот земјотрес

Скопје денеска со повеќе активности и манифестации ја одбележува 50-годишнината од катастрофалниот земјотрес од 1963 година во кој 1.070 луѓе го загубија животот, а 3.000 беа повредени.

Одбележувањето ќе почне во 10 часот со положување цвеќе на Градските гробишта во Бутел, пред Споменикот на загинатите во земјотресот. Потоа ќе следи традиционалната крводарителска акција на Црвениот крст на Град Скопје. 

Во спомен на жртвите од катастрофалниот земјотрес во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во 8:30 часот ќе биде отслужена Заупокоена литургија, а во 10 часот Панихида.

Официјалната програма ќе почне во 19 часот со поетско читање „За Скопје со љубов“ пред Музејот на Град Скопје. Во просториите на Музејот, во 20 часот ќе биде отворена изложбата „26 јули 1963“, а Град Скопје на сите земји кои по големата катастрофа ја покажаа својата солидарност и испратија помош ќе им додели благодарници.

На плоштадот „Македонија“ во 21:30 часот ќе почне мултимедијалниот проект „Скопје се сеќава“, а Македонската филхармонија, актери и членови на Македонската опера и балет преку перформанси ќе пренесат приказни за љубовта, храброста и солидарноста – приказни од скопскиот земјотрес.

Ќе има и кино на отворено, меѓународна патувачка изложба „Show your hope“, 24-часовен филмски маратон со бесплатни филмски проекции на светски мегахитови,...

На одбележувањето на 50-годишнината од скопскиот земјотрес во Скопје се очекува да пристигнат повеќе градоначалници и претставници од Љубљана, Загреб, Софија, Тирана, Дрезден, Нирнберг, Нанчанг...

Што му се случи на Скопје на 26 јули 1963 година



Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.

Веднаш по катастрофалниот земјотрес од 05 часот и 17 минути имало два релативно силни земјотеса и тоа во 05 часот и 32 минути и во 05 часот и 53 минути, кои имале епицентрални интензитети од седум степени по Европската макросеизмичка скала. Во текот на истиот ден во Сеизмолошката станица во Скопје регистрирани се 122 земјотреса, до крајот на 1963 уште 411, во текот на 1964 година 49 земјотреси или вкупно 582 допилнителни земјотреси од појавата на главниот земјотрес до крајот на 1964 година.

Потоа сеизмичката активност се намалила и скопското епицентрално подрачје преминало во редовниот сеизмички режим.

Во Македонија и во Сеизмолошката станица во Скопје не постои запис од  силниот скопски земјотрес во 05 часот и 17 минути. Записи се набавени од другите земји, со кореспонденцијата што ја вршела Сеизмолошката станица по овој земјотрес.

Во времето на скопскиот катастрофален земјотрес, Сеизмолошката станица во Скопје била опремена со два механички сеизмогорафа MAINKA, монтирани уште во првата половина на 1957 година и со механичкиот сеизмограф CONRAD, монтиран во февруари 1963 година.

- Од силниот удар на земјотресот од 26 јули 1963, сите три сеизмографи во Сеизмолошката станица во Скопје биле исфрлени од работа. Тогашниот раководител на станицата, д-р Драган Хаџиевски успеал околу 38 минути по земјотресот да го врати во работа сеизмографот CONRAD, а по два часа и 32 минути и  еден од сеизмографите MAINKA, вели д-р Вера Чејковска, сегашен раководител на Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Стручните лица за причините за земјотресот и дали се можни нови слични потреси

Раководител на Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, д-р Вера Чејковска смета дека на Скопје на 26 јули 1963 година му се случи силен тектонски земјотрес.

- Согласно со истражувањата изведени во Сеизмолошката опсерваторија во Скопје, земјотресот бил предизвикан од наглото поместување на блок под дел од градот Скопје и Скопска Црна Гора кон запад–северозапад и надолу, долж раседна рамнина наклонета кон север–североисток. Оваа раседна рамнина може да се придружи на регионалниот Скопско-Ќустендилски расед, кој се протега низ Скопската Котлина приближно долж правецот исток – запад. Наглото поместување започнало од точка на длабочина од само 5 километри, а се проширило врз површина од околу 130 километри квадратни. Целата оваа површина го претставува дефинитивното жариште (извор) на земјотресот. Средната вредност на дефинитивното нагло поместување врз целата оваа површина изнесува околу 30 сантиметри. Поместувањето не ја пробило Земјината површина. Сепак, поради малата длабочина на која се одвивало, ова поместување предизвикало значајни ефекти врз Земјината површина – многу разурнувања и жртви, вели Чејковска.

Точката од која започнало поместувањето (хипоцентар на земјотресот), нагласува, има вертикална проекција на Земјината површина во подрачјето помеѓу Скупи (Злокуќани), Зајчев Рид и Бразда, и таа проекција е епицентарот на земјотресот. 

-  Сеизмичноста на Скопското епицентрално подрачје се должи на тонењето на Скопската котлина и на диференцираните вертикални и хоризонтални тектонски поместувања на околните планини, во резултат на регионалните тектонски напрегања. Сето ова предизвикува тектонската и сеизмичка активност на сите раседи во Скопската котлина и околината. Овие раседи се ориентирани долж правецот северозапад–југоисток и приближно долж правецот исток–запад. Најактивен од сите овие раседи е регионалниот Скопско-Ќустендилски расед, за кој веќе беше кажано дека се протега низ Скопската котлина приближно долж правецот исток–запад, прецизира Чејковска.

Директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија од Скопје (ИЗИС) Михаил Гаревски исто така вели дека Скопје е град кој е подложен на земјотреси.

- Силни земјотреси се случуваат на секои 300 до 500 години, но тоа не ни гарантира дека не би можел да се случи и утре или наредната година. Со сигурност може да се каже дека повторно ќе има силен земјотрес, но веројатноста дека тоа ќе се случи во блиска иднина не е толку голема, посочува Гаревски.

Тој смета дека скопјани не треба да се плашат бидејќи после земјотресот од 1963 година се градат асеизмички објекти.

- Генерално во Скопје, се гради добро бидејќи постои традиција после 1963 година. Проблем претставуваат само заградите што се доградуваат и надградуваат, особено оние со носечки ѕидови што се изградени пред земјотресот, бидејќи за нив е најтешко да се направи статиката, нагласува Гаревски.

Пред земјотресот, додава, немало прописи за сеизмичка градба и затоа ризикот е најголем кога се надградуваат тие објекти.

- Мислам дека во Законот за градење недостасува член со кој би се забранила надградба на објектите изградени пред земјотресот. Јас се  залагам да се забрани секаква надградба без да се докажува дали објектот е добар. Подобро е да се урне стариот објект и да се изгради нов, отколку да се надгради, потенцира Гаревски.

Според него, целата територија на Македонија е сеизмички активна и единствена превенција од земјотрес е сигурната градба на станбените објекти. Како исклучително сеизмички ризични градови во Македонија ги посочува Скопје, Валандово, Охрид, Битола, Пехчево, Берово и Дебар.

- По земјотресот практично не постои објект за кој не се земени предвид сеизмичките сили. Пред земјотресот тоа не се бараше, туку се земаа предвид само силите од ветерот. Сега пи проектирањето се прават статичка и сеизмичка пресметка. Можеме да проектираме 100 отсто сеизмички згради. Тоа значи дека кај мали земјотреси зградата не треба да има скоро никакви оштетувања, а за големи, како скопскиот, може да има конструктивни оштетувања, но зградата нема да падне, појаснува Гаревски.

Зградите,нагласува, паѓаат како резултат на лошо проектирање и поради лошата изведба.

- Кај нас најголемиот број згради се со голем квалитет. Факт е дека до 90-тите години од минатиот век контролата беше поголема. Рредовно се правеа ревизии и динамички анализи. Населбите Аеродром, Капиштец и други беа контролирани од ИЗИС. Од 1990 година наваму се случува понекогаш да не се води сметка. Постои некој многу мал број објекти кои не се добри, посочува Гаревски.

На почетокот на месецов Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија симулираше вештачки земјотрес од 5,5 степени според Европската сеизмичка скала врз десеткатница во Ново Лисиче изведена од Адора Инженеринг. 

Скопје град на светската солидарност 

Од трагедијата на Скопје предизвикана од катастрофалниот земјотрес на 26 јули 1963 година целиот свет беше ангажиран. Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Така Скопје стана град на меѓународна солидарност.

Обединетите нации веднаш по катастрофата презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град. Во времето кога екипи стручњаци на ОН почнаа да пристигнуваат во Скопје, во седиштето на меѓународната организација беше речено дека Скопје ќе биде споменик на човечката солидарност. На 23 септември 1963 година 35 земји побараа Генералното собрание да стави на дневен ред од своето заседание точка за преземање мерки по повод земјотресот во Скопје. По четири дена, на 27 септември, Генералното собрание и даде приоритет на меѓународната акција за давање помош на Скопје.

На 14 октомври, по двочасовна дискусија, Генералното собрание на Обединетите нации едногласно усвои Резолуција за давање помош на југословенската влада при реконструкцијата на Скопје. Во Резолуцијата се изразува жалење по повод големата катастрофа. Во дебатата за давање помош на Скопје, Генералното собрание го ислуша излагањето на претставници од над 20 земји од сите континенти. Тој ден остана во аналите на Обединетите нации како ден на Скопје.

Во својата долга историја, градот повеќе пати пропаѓал и одново се раѓал. На просторот меѓу селата Злокуќани и Бардовци постоел град Скупи, метропола на провинцијата Дарданија. Овој римски град во 518 година бил наполно разурнат од земјотрес. Тогаш во провинцијата Дарданија биле урнати 24 градски тврдини. Јачината на овој земјотрес изнесувала 10 - 11 степени. Катастрофалниот земјотрес наполно го уништил Скупи. За време на потресот биле создадени многу пукнатини во земјиштето. Од околните ридови се урнале големи маси карпи. Скопје потоа бил изграден на денешното место.



И новиот град не бил поштеден од сеизмички појави. Наредниот катастрофален земјотрес се случил во 1555 година. Неговата јачина изнесувала околу 10 степени, по што градот вторпат бил разурнат.

Последното трето големо катастрофално разурнување на Скопје се случи пред 50 години, на 26 јули 1963 година, кога Скопје беше погодено од  земјотрес со јачина  од девет степени  по Меркалиевата скала или шест според Рихтеровата со епицентар на плоштадот „Македонија“.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Невработена службеничка го прашува директорот:
- Кои се условите да станам ваша секретарка?
- Многу едноставни: сакаш или не сакаш?
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
885.- Во Моравија умре Методиј Солунски, постар...
1587.- Британската флота под команда на адмирал...
1772.- Во Лондон е роден Давид Рикардо, англиски...
1775.- Американската војна за независност почна...