Deutsche Welle

Македонија пред нова криза или пред бура во чаша вода?

Мали се можностите за политичка криза во земјата, ако СДСМ остане изолиран во непризнавањето на изборите, сметаат дел од аналитичарите.

Македонија влезе во нова неизвесност со потенцијал за можна криза, откако лидерот на СДСМ веднаш по затворањето на гласачките места соопшти дека граѓаните се измамени, дека СДСМ не ги признава изборите и побара формирање техничка влада која ќе спроведе нови.

„Направивме се‘ за да не го урнисаме институционалниот поредок и да не предизвикаме уставна криза. Органите и телата на СДСМ ќе донесат одлуки за нашите следни чекори. Сите варијанти се отворени. Веќе никогаш нема да дозволиме алиби на криминалот и на пљачката во државата и целосно урнисување на принципот за фер и демократски избори. Овој срам, кој беше кулминација, предупредува на итна реакција од ВМРО-ДПМНЕ и владејачката коалиција, бидејќи со секој изминат ден и‘ се нанесува огромна штета на државата и на граѓаните“, рече вчера (27.04) Зоран Заев.

Но, вчера изостана таквата очекувана „итна реакција“ од ВМРО-ДПМНЕ. Премиерот Груевски во неговото обраќање по повод двојната победа на партијата изјави дека изборните резултати покажуваат „огромна, моќна победа, недвосмислена доверба и јасно изразена волја на граѓаните“. Тој во својот говор само со една реченица му се обрати на СДСМ.

„Жалам што и покрај убедливата победа, заради личен интерес, претседателот и раководството на СДСМ одлучија да ја негираат јасно изразената волја на народот. Не е единствен проблем што го потценуваат народот, туку работат на директна штета на Република Македонија на оние што не и‘ го сакаат доброто. Се надевам дека ќе преспијат, ќе ја видат волјата на народот и ќе постапуваат во правец на интересите на граѓаните, а не на нечии лични интереси“, рече Груевски.

По таквото нагласување на легитимитетот на изборната волја и избраните претставници, останува јасно дека владејачката партија нема да влезе во каков било разговор кој фрла фрла сомнеж врз легитимноста на изборните резултати.

Реприза на 24 декември?

Ако биде отфрлено барањето на СДСМ за формирање техничка влада, која ќе организира избори во кои волјата на гласачите нема да биде уценувана, нема многу опции кои и‘ остануваат на располагање на опозицијата. Кои се тие?

Во старт неприфаќање на пратеничките мандати, враќање на верификуваните пратенички мандати, борба низ институциите за докажување на наводите на СДСМ, инволвирање на меѓународната заедница како гарант за транспарентноста на постапките и на меѓународната експертиза за расчистување на криминалните афери за кои СДСМ прстот го впери во власта и на крајот - т.н. улична демократија. Последната опција не даде резултати по настаните во Собранието од 24 декември 2012 година. „Отпорот“ изгуби здив и под медијаторство на Брисел беше пренасочен кон дијалог и институционална разврска на случајот.

Тоа заврши со извештај на ад-хок Комисија, без утврдена одговорност и со препораки кои се‘ уште чекаат реализација. Уште синоќа аналитичари предупредија дека со овој потег СДСМ се враќа на периодот на „отпорот“ кој не доби поддршка од граѓаните.

„Ова ми наликува на нешто што е реприза на 24 декември 2012 година, едно црно сценарио, едно украинско сценарио за Република Македонија. Доволно сме заморени од такви сценарија и се надевам дека во СДСМ ќе имаат рационални луѓе кои ќе му посочат на Заев - по 24 декември партијата доби изборна казна од граѓаните во форма на историски пораз“, изјави поранешниот вицепремиер за евроинтеграции, Ивица Боцевски.

Оценките на аналитичарите за одлуката на СДСМ се крајно спротивставени. Боцевски во тв-дебата оцени дека „Заев се однесува како бомбаш-самоубиец“ и дека „СДСМ е системски извор на нестабилност секогаш кога се наоѓа во опозиција“. Според Арсим Зеколи, поранешен македонски амбасадор во ОБСЕ, на вистинската опозиција на овие избори (СДСМ и НДП) треба да и‘ се искаже признание дека со оглед на околностите, направи се' што можеше за да и‘ стави на јавноста до знаење во што е разликата помеѓу нив и владејачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, како и сателитскиот приврзок ДПА.

„Цинично, некоректно и над се' нечовечно е да се очекува дека двете опозициски партии можеа да сторат повеќе во ситуација во која беа исправени пред коалицијата на политички садизам, криминал, отворени закани и корупција на партиите од шинелот на премиерот Груевски“, оцени Зеколи. Уредникот во „Утрински весник“, Ерол Ризаов, констатира дека големите изборни победи во недемократски системи секогаш завршуваат со големи проблеми.

„Без оглед колку и да се претставува ова како победа, или изборна кражба, непризнавањето на изборните резултати значи пораз на демократијата и зрелоста на општеството по цели 23 години политички плурализам“, оцени Ризаов.

Дел од аналитичарите сметаат дека СДСМ нема аргументи да тврди дека се случиле посериозни изборни нерегуларности и дека непризнавањето на изборите води кон политичка егзекуција на целата партија.

Мали можности за криза

Прашањето што се поставува во јавноста е дали потегот на СДСМ е вовед во нова политичка криза која ќе го сврти вниманието на меѓународната заедница кон девијантните состојби во општеството, за кои укажува СДСМ, или ќе биде само куса „епизода за спас на раководството на опозициската партија од одговорност за изборните резултати“. Според аналитичарот Сашо Клековски, мали се можностите за политичка криза, ако СДСМ остане изолиран во непризнавањето на изборите.

„Како ќе се развива политичката состојба по изјавата на СДСМ дека не ги признава резултатите на изборите, зависи и од внатрепартиски фактори и односот на другите политички и државни чинители. Изјавата за непризнавање на резултатите треба да биде расправана од органите на СДСМ. Со помалку емоции или поради спротивставени мислења внатре во СДСМ може да има поинаква одлука на органите. Второто ниво е односот на другите политички и државни чинители, како ќе реагираат другите политички партии, пред се‘ ДУИ и ДПА, ДИК, како и извештаите од домашните и меѓународните набљудувачи. Доколку СДСМ остане изолиран во своите ставови за непризнавање на резултатите на изборите, мали се можностите за политичка криза во земјава“, вели Клековски.

Вчера лидерот на опозициската ДПА, Мендух Тачи, најави дека нема да ja признае изборната победа на ДУИ, бидејќи имало притисоци, кражби и голем број нерегуларности. Според извори во албанскиот блок партии, неизвесно е дали Тачи ќе опстои на таа идеја. Вчера и лидерот на НДП, Руфи Османи, соопшти дека на највисокиот орган на партијата ќе и‘ биде предложена одлука да не ги признае изборите. Таа изјава беше дадена пред да се знаат изборните резултати, според кои, неговата партија освои еден пратенички мандат. Извршниот комитет на ЛП пред вечерашното пребројување на гласовите истакна дека се солидаризира со ставот на мнозинството опозициски партии за неприфаќање на резултатите од изборите. Другите партии кои не се дел од власта, се‘ уште не се изјасниле за одлуката на СДСМ.

Улицата како излез


Мислам дека опозицијата нема друг излез освен „да ги фати улиците“, вели Биљали (архива, протести во 2012 година

Без оглед колку големо ќе биде „друштвото“ кое не ги признава изборите, аналитичарот Мерсел Биљали смета дека на повидок е голема криза.

„Мислам дека како држава навлегуваме во сериозна политичка криза. Власта веќе со години го контролира секој сегмент во државата, секоја институција и тоа го прави со сериозни прекршувања на Уставот и законите. Институциите веќе не и‘ служат на државата, туку на партиите на власт. Оттука, целото тоа влијание кое се зајакнува и со купување гласови, со уцени, заплашување и. т.н., е резултатот со кој се фали власта. Сега имаме ситуација кога опозицијата не ги признава резултатите, што неминовно го делегитимира и изборниот процес и власта како целина. Најголем проблем е тоа што премиерот има тешки коруптивни хипотеки, што само по себе е тешко делегитимирање на власта. Мислам дека опозицијата нема друг излез освен ‘да ги фати улиците‘“, уверен е Биљали.

Според извори во СДСМ, партијата и партнерите во коалицијата денеска ќе прават анализа и сублимат на состојбите. Во наредните денови органите на СДСМ треба да донесат одлука за следните чекори. Се‘ уште е неизвесно како членството на партијата ќе одговори на повикот на Заев, со оглед дека кандидатите за пратеници вложија и време и средства за учество во изборната кампања, а сега се соочуваат со неизвесноста дали ќе ги ефектуираат или отфрлат мандатите. Се зголемува и стравот од маргинализација на партијата, особено по победата на ВМРО-ДПМНЕ во „бастионите“ на СДСМ на локално ниво - Струмица и Куманово, што би можело да отвори и серија други прашања во партијата - од тоа кој потфрлил на теренот, преку создавањето високи очекувања од изборните резултати, па се‘ до одговорност на раководството.

Вжештени се и телефонските линии на релација Брисел - Вашингтон - Скопје. Како што дознава ДВ, неколку амбасадори на „клучни земји, стратегиски партнери на Македонија“ уште синоќа закажале средби со лидерот на СДСМ за денеска и утре.

Неизвесноста се згуснува и поради постизборниот вакуум период. Владата функционира на техничко ниво, а првиот мандат на претседателот Ѓорге Иванов истекува на 12 мај. Конститутивната седница на новиот парламентарен состав би требало да се одржи во период од 20 дена по изборите. По првата собраниска седница почнуваат да течат и роковите за состав на новата влада. Останува малку време и голема неизвесност за тоа какви одлуки ќе бидат донесени во наредните денови.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Наставникот по географија го завртел глобусот и го прашува ученикот кој треба да одговори:
- Што е ова?
- Почнуваат вести - одговорил ученикот.
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
1191.- Почна зографирањето на црквата "Свети...
1284.- Роден е англискиот крал Едвард II....
1595.- Во Рим умре Торквато Тасо, италијански...
1599.- Роден е водачот на Англиската револуција...