Deutsche Welle

Кога пред избори се сеат ветрови, по избори се жнее бура

По убиството во Скопје, аналитичарите децидни - повикот на „специјалистите за контролирани инциденти“, за етничка мобилизација, го посеа семето на раздорот, па вчера во Ѓорче Петров се жнееја неговите плодови.

Меѓуетничките односи во Македонија се како тркала на велосипед, кому му е скинат синџирот што ги поврзува, па секое се врти во место одвоено, несинхронизирано со другото. Се разбира таков велосипед не може да оди никаде, освен да се затетерави пред да падне. На ист начин вчера паднаа и меѓуетничките односи, на врелиот асфалт на главната улица во општината Ѓорче Петров, за што до денес сведочеа превртени контејнери, искршени стакла и опожарени објекти, резултат на револтот поради насилно одземен млад живот.

Вчерашното убиство на матурантот Ангел Петковски (19) извршено од крадецот на неговиот велосипед, ги крена граѓаните на нозе. Веста дека извршителот на убиството е извесен Насер Е., што според името укажа дека е лице од друга етничка заедница, беше доволна за првата искра. Потоа, многу брзо се‘ излезе од контрола. Трагедијата на семејството Петковски, нивната болка, тага и потреби во тој тежок момент паднаа во сенка на големата улична „катарза“. На класичниот криминален чин кој заврши со убиство, му се налепија сите непрележани болести на македонското општество. Смртта на момчето и украдениот велосипед станаа парадигма на уличниот избор: тие или ние!

Потреба од коренити промени

Денес, на тагата за изгубениот живот, се надоврзува и гневот од ваквиот развој на настаните, кој се заканува со „убиство“ на каква било можност за градење на граѓанското општество, без поделба на „наши и нивни“, особено не кога изворот на проблемите не е меѓуетнички, туку криминален. Експертската јавност прстот го вперува во главните виновници за ваквите состојби - политичките креатори на сеопшта поделеност. Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, вели дека нема краткорочни решенија за ваков вид на нараснат анимозитет.

„Во услови на голема недоверба на граѓаните кон институциите на системот, во услови на нараснато сеопшто незадоволство на граѓаните од секојдневното живеење и во услови кога етницитетот се користи како алатка во партиското делување - 'потребни ни се 62 пратеници за да нема уцени' - многу е лесно една ваква трагедија да биде искористена како искра која ќе ја запали заедницата. Кога граѓаните се веќе поделени на 'ние' и 'тие', кога провладините медиуми го негуваат и поддржуваат говорот на омраза, кога патриотизмот се гради врз основите на етничката поделба, едноставно не може еден ваков трагичен настан да не биде повод за насилство. Нема краткорочни решенија за ваков вид на нараснат анимозитет. Секое решение во себе мора да содржи такви коренити промени кои ќе го фокусираат системот на добробитта на граѓаните наместо да ја величаат државата. Она што мора во моментот да се направи, тоа е најстрога казна за извршителот на убиството и строги казни за сите починители на кривични дела како дел од толпа. Она што требало да се направи уште вчера, е сериозно преиспитување на основите врз кои се гради државата која мора да стане граѓанска, пред да ја направиме правна и демократска“, вели Најчевска.

Посеано семето на раздорот

ВМРО-ДПМНЕ И ДУИ, до пладне не дадоа коментар за вчерашните (19.05) инциденти, па би можело да се рече дака коалицираа и во молкот за настанот. Аналитичарите велат дека токму нивниот политички речник го посеа семето на раздор и насилство.

„Синоќешниот трагичен настан во Ѓорче Петров, по којзнае кој пат укажува на фрагилноста на меѓуетничкиот живот во Македонија“, оценува аналитичарот Алајдин Демири.

„По Охридскиот договор, кој требаше да ги унапреди овие односи, тие стагнираа, дури во некои сегменти и се деградираа. Политичките партии, посебно коалициските партнери, станаа специјалисти за контролирани инциденти или за говори од типот 'Струга е македонска, Кичево е македонско', како што беше за време на локалните избори. Или 'дајте ми 62 пратеника да не бидам уценуван', како што беше за време на парламентарните избори. Истото го слушнавме и од партнерот во коалицијата: 'Струга е албанска, Кичево е албанско, дајте ми 25 пратеника'. Оваа психолошка стегнатост на партиите се пренесува кај граѓаните, посебно на оние 'ултра' милитанти кои се кријат зад партиите“, констатира Демири.

И Сулејман Рушити, поранешен министер за образование, вината ја лоцира во политичкиот речник на владејачките партии.

„Жално е што е убиено младо момче. Прво, кога криминалот е во пораст, секоја сериозна држава мора да преземе мерки за негово сузбивање. Второ, ова ги покажува консеквенциите од погрешното водење на политиката, евидентно во пораките од изборните кампањи и јазикот што го употребуваа во мобилизација за превласт над другиот. Сега секој, макар и мал момент на недоразбирање, а уште повеќе на вакви случаи, се заканува да избувне во големи меѓуетнички тензии и инциденти. Политичарите треба да воспостават разбирање меѓу заедниците, а не да владеат со тоа што ќе шират говор на омраза“, вели Рушити.

Полицијата денеска соопшти дека се приведени 18 лица со обвинение дека предизвикале нереди и материјални штети за време на вчерашните протести во населбата Ѓорче Петров. Петмина од приведените се малолетници. МВР соопшти и дека постојат сознанија дека во попладневните часови постои опасност од организирање на нови протести во Ѓорче Петров.

„Институциите не смеат да дозволат дивеење на толпа“, предупредува аналитичарот Алберт Муслиу.

„Се‘ додека не се реагира како на лош индивидуален чин, туку како чин на однесување на една цела етничка заедница, ќе постои опасност да ескалираат во поголеми инциденти дури и бизарни случаи, а не само вакви случаи со убиство. Каква е одговорноста на медиумите кои го објавија, но и на оние од МВР кои вчера им го соопштиле името на осомничениот за убиството? Работите се испуштени на институционално ниво. Институциите не смеат да дозволат дивеење на толпа. Што ќе се случеше, ако на палењето на објекти на Албанци во Ѓорче Петров, се одговореше со палење на објекти на Македонци во Тетово, Гостивар или Дебар? Секоја акција може да вроди со контрареакција, ако се дозволи револтот да се излева кон лица, кои на никаков начин не се виновни за убиството на момчето. Институциите мора да бидат попрофесионални“, вели Муслиу.

Неодговорни медиуми

Советот и градоначалникот на општина Ѓорче Петров уште синоќа изразија жалење за убиеното момче, но и загриженост заради зголемените тензии. Тие ги повикаа надлежните институции на Република Македонија, а посебно МВР да ги преземат сите неопходни мерки од нивна надлежност за враќање мирот и безбедноста и заштита на животот и имотот на граѓаните. Невладината организација Цивил – Центар за слобода, апелираше граѓаните да се воздржат од секакви меѓуетнички тензии по убиството на момчето и да и‘ препуштат на полицијата да ја заврши професионално својата работа.

„Изразуваме жалење и сочувство до семејството за смртта на младото момче. Во овој момент е најважно лицето што го сторило убиството да биде изведено пред лицето на правдата согласно законите. Секое предизвикување тензии, особено на меѓуетничка основа, можат да го загрозат овој процес и да доведат до дополнителни ескалации на случувањата.

Бараме да се почитуваат законите и пресумпцијата на невиност и да не се објавува името на осомниченото лице. Ги замолуваме граѓаните да одолеат на провокациите и на ширење омраза на меѓуетничка основа“, апелираше Цивил и го осуди непрофесионалното и тенденциозно известување на дел медиуми кои го објавија името и етничката припадност на осомничениот, „која е сосема ирелевантна за немилиот настан“.

Но, веќе беше доцна. Граѓаните од општината веќе побараа градоначалникот да го затвори мостот на Вардар кој води кон Сарај, со цел да престане насилството меѓу жителите од различна етничка националност. Денес тој мост е под надзор. Во октомври 2012 година, на свеченото пуштање во употреба на новиот мост кон Сарај, присуствуваше и премиерот Груевски и по тој повод на присутните им се обрати на албански јазик. Една и пол година подоцна, се чини дека луѓето не се разбираат ни на албански, ни на македонски, туку со јазикот на улицата и насилството.

Далеку од таа улична арена, во солзи и тага семејството Петковски се подготвува за утрешното, последно испраќање на синот, кој само пред три дена со радост го испратија на прослава на неговата матура. Неговиот велосипед е пронајден, животот, за жал, загубен, а илјадници млади од неговата генерација се чувствуваат загубени во бесперспективноста на општеството, и обземени од стравот поради леснотијата и неодговорноста со која искрите лесно се претвораат во оган.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Наставникот по географија го завртел глобусот и го прашува ученикот кој треба да одговори:
- Што е ова?
- Почнуваат вести - одговорил ученикот.
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
1191.- Почна зографирањето на црквата "Свети...
1284.- Роден е англискиот крал Едвард II....
1595.- Во Рим умре Торквато Тасо, италијански...
1599.- Роден е водачот на Англиската револуција...