Deutsche Welle

„Монструм“ може да се прелее во сеопшт социјален отпор

Туркањето на проблемите под тепих, ненаучените лекции од минатотото и наследството на институционалната неправда, е потенцијал за голем социјален отпор, предупредуваат аналитичарите.

Ако не се спроведат темелни реформи во судството и во други сфери и ако не се воспостави ефективна институционална функционалност, протестите за „Монструм“ може да бидат иницијална каписла за сеопшта социјална експлозија на незадоволство, предупредуваат аналитичарите. На сегашното антивладино, особено анти-ДУИ незадоволство, со обвинувања за судска неправда, лесно ќе се налепи незадоволството од корупција, сиромаштија и невработеност. Топката „снег“ која во жешкото политичко лето во Македонија почна да се тркала заради „Монструм“, може да прерасне во лавина, што ќе биде тешко да се запре, ако се има предвид дека постојат и други системски слабости, односно дека дијалогот власт - опозиција е целосно закочен. Има ли власта капацитет да го запре тркалото на незадоволството?

Според премиерот Груевски, институциите имаат капацитет да се справат со вакви, но и со многу понепријатни ситуации.

„Министерството за внатрешни работи во изминатите денови мошне професионално ја вршеше задачата и државата нема да дозволи овие протести да ескалираат до таква мера да ги загрозат интересите на граѓаните или на институциите“, рече Груевски. Но, повикувањето на премиерот главно „на МВР“, според аналитичарите, индицира дека во земјата и натаму тежиштето ќе се става на санкционирањето, а не на превенирањето на незадоволството.

Артан Садику, активист за социјална правда, укажува дека последните протести на граѓани кои се незадоволни од начинот на кој судската власт ја дели правдата во Македонија, се автентичен излив на незадоволство кон државните институции.

„Тие го поставуваат клучното политичко прашање кое се прикриваше за време на транзицијата, а тоа е: за кого постојат институциите? Фактот што досега овие протести се исклучиво моноетнички, не значи дека и нивниот порив е исклучиво етнички. Таа група смета дека институциите во овој случај ним им нaправиле неправда по етнички клуч, кој повеќе од дваесет години им е главен политички оператор на елитите. Но, тоа не е пречка да се мобилизира поголема маса луѓе кои трпат неправда по различни основи, а пред се‘ економски. Отвoрањето на прашањето на неправда која се генерира од страна на институциите кои треба да внесуваат правда во општеството, е политички момент кој може да послужи за проширување на полето на контестација на воспоставениот социо-економски неправеден политички и економски систем. Наследството на институционалната неправда во Македонија е потенцијал за социјален отпор кон тие институции“, вели Садику.

Ненаучена лекција

Изјавите на учесниците во протестот – „И Македонците треба да бидат тука“, „Сите сме заробени во неправеден систем“, или „Сиромаштијата и невработеноста не се моноетнички“, покажува дека во вртлогот на „Монструм“ е собрано многу повеќе од судско незадоволство. Според аналитичарот Назим Рашиди, најзагрижувачко е продлабочувањето на недовербата кај институциите, а уште повеќе - негрижата и непреземањето ништо од институциите за овој феномен. Незадоволството од тоа води кон потреси, но и кон потреба од нови, поспособни политичари.

„Колку повеќе ќе нема доверба, толку повеќе ќе има вонинституционални реакции. Тоа што зачудува, е фактот што никој не ги научил лекциите од минатото. Дел од причините за она што се случи во 2001 година беше токму перцепцијата дека постојат различни аршини за Македонците и Албанците. Таа перцепција сега повторно се создава, а Македонија по 2001-ва требаше да биде држава еднаква на сите. Немаше ниту еден Албанец кој не го осуди петкратното убиство. Сега перцепцијата е дека Македонци неправедно судат Албанци со огромни казни. Никој не верува во фактите изнесени за пресудата. Како судските и други органи ова не ги интересира? Како може да се скријат зад реченицата дека судски одлуки не се коментираат, а коментарите се протести, камења, оган, полиција...

Ахмети апелира за институционално решавање на проблемите

Како е можно да не се даваат гаранции за фер судски процес? Од друга страна, револтот е насочен и кон албански политички субјекти. Овој е нов феномен по 2001-ва, кој укажува дека функционери Албанци, иако се дел од власта, не можат да ја употребуваат моќта, а уште повеќе дека не се способни за функциите кои ги имаат. Во албанската етничка заедница има и голема критика за политичките елити - власт и опозиција, за нивната неспособност и пред се за потребата од поголема професионалност. Ова е на некој начин и борба за нов момент во политичкото делување на Албанците, притисок за реформи и за претставници кои се способни да се носат со предизвиците. Третиот елемент на револтот е перцепцијата што ја креира македонскиот дел од власта, дека сепак Македонија е прво на Македонците, па после на другите. Ова, во комбинација со невработеноста и другите социјални моменти, создава тло за протеси“, вели Рашиди.

На туркањето на проблемите под тепих и ненаучените лекции од минатото кои на Македонија постојано и‘ се враќаат како бумеранг, потсетува и Садику.

„Да се потсетиме, токму преку протести повторно беше отворен процесот ‘Сопот' во кој повеќе осудени граѓани по неколку години ја добија слободата што ја имаа изгубено како резултат на монтиран судски процес во кој удел имаа сите инстанци - истрагата, прогонот и правдата. По таквата разврска не следеше никаква сериозна реформа, казна или расчистување на инстанците кои монтираат процеси во полицијата и судството. Истиот тој нерасчистен систем кој монтира, денес им суди на граѓаните на Македонија и сите се потенцијални жртви на таквиот систем. Но, имајќи го предвид меѓуетничкиот контекст во Македонија, предизвикот во моментов е да се задржи политичкото незадоволство кон институциите, без додавање на непотребни националистички тенденции“, порачува Садику.

Премиерот Груевски рече дека институциите имаат капацитет да се справат со ситуацијата

Изгубено лето

Што прават политичарите додека аналитичарите предупредуваат? Премиерот Груевски, кој се врати од азиска турнеја, ветува дека државата нема да дозволи протестите да ескалираат до таква мера да ги загрозат интересите на граѓаните, или на институциите. Неговиот коалициски партнер ДУИ, треба да го гасне огнот на терен. Функционер од владејачкото мнозинство, кој инсистира на анонимност, вели дека „е јавна тајна дека ДУИ ги поддржала протестите, но не очекувала дека тие толку ќе излезат од контрола“.

„Зошто вчера американскиот амбасадор беше на средба со лидерот на ДУИ, а не со некој друг? Сега, партијата која има најголемо влијание врз Албанците, треба да стори се‘ состојбата да се смири за да не добие меѓуетнички димензии и протестите целосно да запрат, а не да се шират секој ден од град во град.

Сега е важно и другите партии да работат конструктивно, а не да ја злоупотребуваат ситуацијата за да градат сопствен рејтинг на штета на стабилноста на земјата. Но, фактот дека вчера немаше протести во Скопје, укажува дека сепак нешто е сработено на терен“, вели нашиот соговорник.

Додека во Македонија „пожарот“ се локализира, од друга страна се регионализира, па протести против судската одлука за „Монструм“ се најавени во Приштина и Тирана. Засега е нејасно дали и колку тие според системот на сврзани садови, ќе влијаат врз смирување или разгорување на незадоволството во Македонија. САД и Британија веќе ги предупредија своите државјани кои патуваат во Македонија дека во земјата има протести, со апел да ги избегнуваат областите каде има собири. Сето ова се случува во време кога Владата троши огромни суми за да ја рекламира Македонија како значајна туристичка дестинација. Но, она што сега ги загрижува граѓаните не е како ќе помине туристичката сезона, туку политичката.

Белгискиот експерт Питер ван Хоуте, кој на барање на делегацијата на ЕУ во Скопје посредува во дијалогот меѓу власта и опозицијата, минатата недела си замина од Македонија. Дијалогот е блокиран, почнуваат летните одмори, на колективен одмор ќе бидат и Собранието и судовите. Тоа можеби ќе ги демотивира желните за протсети пред судот, но август сигурно ќе биде месец без преговори за враќање на опозицијата во парламентот. Прашање е дали до Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, земјата ќе обезбеди некакви мерливи и видливи резултати од политичкиот дијалог, или единствениот показател ќе биде УВ-индексот на политичко зрачење.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Муабетат двајца пријатели во кафана:
- Абе, знаеш дека од една пијачка ме фаќа?
- Ај, шо збориш, од една само???
- Да бе, и тоа обично шестата.

* * *
Прашува едно дете...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Времена измена на режим на сообраќај на регионален пат Р1101 делница Прилеп - Битола заради интезивирање на градежни активности во врска со проект "Санација на трупот на патот кај...
Верски календар
На денешен ден
1461.- Во најкрвавата битка во Војната меѓу двете...
1772.- Умре шведскиот филозоф Емануел...
1792.- Умре шведскиот крал Густав Трети, 13 дена...
1809.- Шведскиот крал Густав Четврти мораше да...