Deutsche Welle

Не распукува Шара, туку соживотот во Македонија!

Етничката сегергација во Македонија е последица од погрешните политики и практики на институциите на државата, коментираат за Дојче веле аналитичари и активисти за човекови права.

Мириса на нови поделби... Загрижени граѓани, вака, со шепот, ги коментираат последиците од некои инциденти во главниот град на Македонија, кои индицираат дека местото на соживотот се повеќе му го зазема бран на етничка сегрегација. Вчера во скопската чаршија - симболот на мултикултурноста на Скопје, навидум сѐ се одвиваше според вообичаениот чаршиски ритам. И покрај горештините, напладне кафулињата и рестораните беа преполни. Организирани групи туристи со интерес ги разгледуваа занаетчиските дуќанчиња и избираа сувенири, дечиња се освежуваа со тазе боза... Мирно беше и пред кафе барот „Њу Орлеанс“, неодамна демолиран заради тоа што диџејот ја пуштил македонската песна „Распукала Шар Планина“. Денес таму повторно заедно пијат кафе или ладно пиво Македонци, Албанци, Турци. Во друга прилика ќе беше доволно само да се каже дека се пријатели. Но, во оваа прилика, важно е да се нагласи дека граѓани од различни етнички заедници се загрижени за иднината на соживотот во градот и земјата. Не сакаат да живеат поделени според музиката што ја слушаат, според тоа во која општина или улица живеат, според јазикот што го зборуваат...

И Џабир Дерала, претседател на невладината организација „Цивил-Центар за слобода“, вчера напладне беше на кафе во чаршијата. Со загриженост укажува дека етничката сегергација е последица од погрешните политики и практики на институциите на државата, како и на локалната самоуправа која е принудена да ги следи трендовите на централно ниво.

„Етничките Македонци и Албанци живеат во светови одделени со високи невидливи ѕидови кои ги создаваат институциите, а ги фортифицираат провладините медиуми. Сегрегацијата на етничка и верска основа е очигледна насекаде. Младите одат во етнички кафулиња, се движат во херметички затворени кругови. Нивната интеракција е претежно во виртуелниот интернет простор, каде се натпреваруваат во тоа кој ќе биде пожесток и повулгарен на сметка на другата заедница, ширејќи говор на омраза. Од виртуелниот простор, омразата лесно се прелева во реалниот свет. Тепачки по автобуси и стадиони се редовна појава. И малкуте локали кои се претежно лоцирани во старата Скопска чаршија, каде етничко-верските припадности не играат никаква улога, каде се собираат прогресивни млади, се на удар на националисти и насилници. Тие се закана за 'чистотата' во која се убедени сѐ поголем број луѓе кои се жртви токму на политиките на сегрегација и национал-шовинизам. Интелектуалците, невладините организации, мировните и активистите за човекови права се етикетирани како предавници од двете страни на етничките бариери, а вредностите кои се негуваат денес произлегуваат директно од партизираните институции. Учебниците, културата, социјалните и другите политики се задоени со етноцентризам и шовинизам“, регира Дерала.

Поделбата како исцртана со креда

Надвор од границите на чаршијата, на левата и десната страна од градот царува етничка „чистота“. Секој слуша своја музика, гледа театарски претстави на својот јазик, живее со соседи од иста националност, стапува во брак со лице од истата заедница. На мешаните бракови сѐ уште не се гледа благонаклонето. Ретките кои ќе се охрабрат да ја крунисаат љубовта со лице од друга етничка заедница, главно ја скандализираат околината. Етничкото го диктира севкупното општествено живеење. Патем, и инцидентот во „Њу Орелеанс“ не беше осамен. Две експлозии одекнаа во комплексот на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, сместен на „другата страна“ од градот, во близина на Бит пазар. Додека полицијата трага по сторителите на тој чин, извршен со две рачно изработени експлозивни направи, јавноста е уверена дека ова е уште еден пример на манипулација, во која најлесна, нејевтина и најпрофитабилна инвестиција е токму предизвикувањето на меѓуетнички и меѓуверски тензии и насилства.

За жал, етничката сегрегација не е присутна само во Скопје, иако таму најмногу се чувствува веројатно поради големината на градот. Слична е состојбата во други етнички мешани општини - Струга, Кичево, Дебар, Гостивар... Ваквиот негативен тренд го потврдува и Лулзим Хазири, активист за човекови права и програмски директор на „Асоцијацијата за демократски иницијативи“ (АДИ) од Гостивар.

Во Чаршијата во Скопје мириса на поделби

„Штетата е направена! Не се искористи можноста да се изгради мултикултурно општество, кое ќе нудеше развој и стабилност. Наместо тоа, сѐ уште сме сведоци на меѓуетнички инциденти, говор на омраза и нетрпеливост. Сегрегацијата по етничка основа во мултиетничките средини, па и во Гостивар каде што живеам, е видлива, како да е исцртана со креда. Поделеноста е насекаде: во училиштата преку етнички смени, во кафулињата кои се поделени на албански и македонски, во населбите, во спортските и културни манифестации, во медиумите... Масло на огнот долеваат и верските заедници и медиумите. Мал придонес даваат граѓанските организации и меѓународната заедница коишто настојуваат да ги ублажат спротивностите во едно вакво силно партизарно општество“, вели Хазири.

Она што посебно загрижува, е фактот дека етничката сегрегација станува сѐ повидлива со годините поминати во имплементација на Охридскиот договор.

„Политиката, односно политичките партии не успеаја духот на Рамковниот договор да го преточат во практика, во секојдневниот живот. Напротив, секоја политичка партија се труди да му додвори на својот електорат, без да внимава на чувствата на другите и на штетите што ги нанесува на долгорочен план. Мора да се разбере дека Рамковниот договор не е само бројка и процент за етничка застапеност, туку значи стратегија за заедничка иднина“, укажува Хазири.

Соживотот регресира

Според статистиките, многу повеќе меѓуетнички инциденти имало од 2001 година до денес, отколку пред конфликтот. Сите прстот го вперуваат во политичарите, кои, пак, не преземаат ништо за да не го изгубат главниот адут со кој ја освојуваат власта - наводен патриотизам!

Петар Атанасов, професор од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, вели дека етничноста е многу моќен фактор на мобилизација.

„Иако во Македонија навидум Рамковниот договор затвори важни прашања, при одредени услови тие повторно се отвораат и актуелизираат. Соживотот оди наназад поради повеќе фактори. Најважен фактор е тоа што Груевски и Ахмети не го промовираат и не го градат соживотот. Тие би сакале другиот да не постои. Тие се партнери во Владата, но се етнички противници. Патем, тоа им носи национални поени поради промовираниот етноцентризам. Груевски поентира, а Ахмети се бори за повеќе ресурси. Секој според можностите. Второ, политичката криза во која влезе Македонија по настаните од 24 декември сѐ повеќе се шири и продлабочува. Ова е факт кој на ВМРО-ДПМНЕ му ја нарушува комоцијата на владеење. Груевски не ја сака политичката криза, но на Ахмети таа му одговара. Ахмети знае да балансира и да чека подобра ситуација за Албанците. И трето, сегрегацијата што се промовираше во образованието веќе ги дава своите резултати. Денес имате генерации млади Албанци коишто воопшто не го разбираат и говорат македонскиот јазик. Како нив ќе ги интегрирате. Каква музика тие ќе слушаат? И кога сето ова ќе го соберете на куп, лесно може да влечете заклучоци за (не)успешниот етнички соживот. Потребен е само повод за нови искри и зајакнување на предрасудите“, предупредува Атанасов.

Она што охрабрува се многубројните реакции против етничката сегрегација. Една од нив е на аналитичарот Даут Даути, кој жестоко ги искритикува загрижените албански патриоти на кои им засметала песната „Распукала Шар Планина“.

„Песната се родила децении пред да се родат тие, зборува за трите овчара, преку текст кој е толку поетски и метафоричен („Распукала, распукала Шар Планина. Ајде, распукала, распукала Шар Планина. Ми потфати, ми потфати три овчара. Ајде, три овчара, три овчара - три чобана...), та дури ни идеолошки комесари од комунистичко време не би успеале да извлечат националистички пораки против братството и единството на тогашните народи и народности. И овие наши маалски овчари (да ми простат фармерите што користам ваков вокабулар), штом се „распукала“ песната на покојниот Сариевски, кој во никој случај таа песна не можел да им ја посветени на некои нови настани кои будат лоши спомени, навалиле на инвентарот на кафулето, бламирајќи се себеси и заедницата на која и припаѓаат... Сепак, искрено, очекувам за нив судот да им одреди условна казна како на оние што палеа дуќани во Ѓорче. Ако биде поинаку, нешто не е во ред во државата“, напиша Даути.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Наставникот по географија го завртел глобусот и го прашува ученикот кој треба да одговори:
- Што е ова?
- Почнуваат вести - одговорил ученикот.
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
1191.- Почна зографирањето на црквата "Свети...
1284.- Роден е англискиот крал Едвард II....
1595.- Во Рим умре Торквато Тасо, италијански...
1599.- Роден е водачот на Англиската револуција...