Deutsche Welle

За која жандармерија и‘ се извини Тадиќ на Македонија?

Македонските медиуми извинувањето на Тадиќ го поврзаа со времето на кралска Србија, а српски, пак, велат дека требало да се извини за инволвираноста на српската жандармерија во конфликтот во 2001 година во Македонија

За што точно и‘ се извини на Македонија поранешниот српски претседател Борис Тадиќ? Дилемата е голема, а прашањето многу повеќе се анализира во Србија, отколку во Македонија. Извинувањето на поранешниот српски претседател за „несјајните искуства на македонскиот народ со српската жандармерија“, македонските медиуми го поврзаа исклучиво со времето на кралска Србија. Српски медиуми, пак, коментираат дека Тадиќ требало да се извини за инволвираноста на српската жандармерија во конфликтот во 2001 година во Македонија.

„Денеска имав можност и да разговарам со ваши научници, историчари, не само со политичари. Некои од нив ми кажаа многу важна работа и се чувствувам виновен за тоа што додека бев претседател на Република Србија не упатив извинување на македонскиот народ поради некои лоши работи во историјата, кога овде била српската жандармерија и кога немаше секогаш сјајни искуства за македонскиот народ. Токму поради тоа, сакам да го упатам тоа извинување и да ја поправам мојата грешка која ја направив како претседател на републиката. Еве и на овој начин сметам дека допринесувам во зближувањето на двата народи“, изјави деновиве поранешниот српски претседател, Борис Тадиќ, по предавањето на Школата за млади лидери во Охрид.

Во Македонија, освен објавувањето на веста за извинувањето, тој чин не беше проследен со анализи за клучните прашања - за кој период зборува Тадиќ и дали е тоа покрива се‘? Како го прочитаа ова извинување домашните безбедносни експерти?

Владимир Пивоваров, професор и поранешен шеф на военото разузнавање, смета дека извинувањето на Тадиќ за постапките на српската жандармерија, се однесува на периодот на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, па се‘ до периодот на почетокот на Втората светска војна.

„Ова е голем чин и празник на демократијата во овој регион, да се собере храброст и да се има доблест да се осуди нешто што го тангирало македонскиот народ во тој период. Впрочем терминот жандармерија се однесува токму на наведениот период. Во времето на распадот на поранешната заедничка држава Југославија, во времето на создавање на паравоени формации од типот на Аркановите борци во СР Југославија, официјален термин за ваквите државни формации беше полиција. Многу подоцна во Република Србија се формираат, односно се реорганизираат, полициските сили во жандармерија, па согласно со тоа, ова извинување не се однесува на поновиот период од времето на воените дејствија во Република Македонија. Од друга страна, за време на конфликтот во Република Македонија во 2001 година, во тој период двајца, најмногу тројца инструктори учествуваа во обука на тогашните полициски сили 'лавови', лица кои не се припадници на српската полиција, а по непотврдени податоци се лица кои војувале на боиштата во Босна и Херцеговина“, категоричен е Пивоваров.

Новата жандармерија

Но, сите не се согласуваат со датирањето на терминот „жандармерија“. Во критичната анализа под наслов „Никој и ништо калкулира со ново извинување“, објавена во „Е-новине“, авторот Бојан Тончиќ, го потсетува Тадиќ на матните активности на српската жандармерија од поблиското минато.

„Жандармеријата на Србија, оформена во јуни 2001, учествуваше во борбите во Македонија се‘ до август 2001, кога тие се окончани. За целото тоа време Борис Тадиќ беше министер за телекомуникации во владата на Сојузна Република Југославија. Произлегува, дека сепак и не морал да разговара со научници за да дознае што работела жандармеријата на Србија во Македонија... Треба само да каже зошто Србија ги ангажирала своите искусни борци во соседната држава. Со каква проценка, по која цена? Дали можеби некој (кој?) мислел дека токму во Македонија треба да се демонстрира непрекинат континуитет со власта на Милошевиќ?“, прашува Тончиќ.

Во текстот тој тврди дека како новинар бил предупреден од српскиот воен врв да не ги објавува сведоштвата на српските борци – државни учесници во конфликтот во 2001 година.

„Државата Србија, секако, учествуваше во борбите кај Тетово и Гостивар (авторот на овој текст поради предупредување од воениот врв не можеше да објави сведоштва на униформирани и наоружани учесници); се работи за државни платеници, кои кариерата на борци ја почнале во Српската доброволна гарда на Жељко Ражнатовиќ – Аркан, а ја продолжиле во ЈСО под команда на Милорад Улемек Легија, кој командуваше во Македонија. Беше тоа рент-а-Легија единица, која се бореше во униформите на македонските територијалци. Тешко е да се поверува дека сериозен човек за тоа би зборувал како за тајна, но овде имаме работа со Борис Тадиќ“, критикува Тончиќ.

Тадиќ и Тачи се ракуваат во Дубровник (2012 година) - дел од аналитичарите сметаат дека Тадиќ сега сака да се самопрепорача како регионален дистрибутер на пораки за мир

Благоја Марковски, кој денес е воено - политички аналитичар, а во турбулентната 2001 беше портпарол на македонското Министерство за одбрана, смета дека нема причини Тадиќ да се извинува за српска инволвираност во конфликот во 2001 година.

„Добро ги познавам приликите од 2001 година, и ако имало такви случаи, тоа биле поединци, а не организирани трупи или групации. Од тој аспект, нема потреба од какво било извинување. Изјавата на Тадиќ ја толкувам во контекст на балканските војни, кога територијата на Македонија е искористена за заедничко дејствување на тогашните сојузници - Србија, Бугарија и Грција. Но, не за да ја ослободат сопствената и територијата на Македонија од турско ропство, туку, давајќи им лажни надежи на граѓаните кои живееле на таа територија, ги вклучувале во борбени активности и фактички ги злоупотребиле за да ја симнат турската власт, а потоа тие да ја поделат територијата на Македонија меѓу себе. Денешна Република Македонија е дел од таа територија, на која своја власт воспоставува тогашна Србија. Таму, како и во егејскиот, пиринскиот и вардарскиот дел, била вршена асимилација на населението и тоа е основа зошто Тадиќ наоѓа за потребно да го искаже тој став пред граѓаните на Република Македонија“, уверен е Марковски.

А атентатот врз Глигоров?

Дел од аналитичарите во извинувањето на Тадиќ гледаат само обид да привлече внимание, да се ребрендира и да го подигне урнисаниот политички имиџ, но и посредно да се самопрепорача како регионален дистрибутер на пораки за мир и помирување.

Павле Трајанов, актуелен пратеник и поранешен министер за внатрешни работи, смета дека ќе беше подобро Борис Тадиќ да дадеше коментар за атентатот на Киро Глигоров, наместо да зборува за улогата на српската жандармерија во минатото.

„Тој, како претседател на Србија, можеше да придонесе да се разјаснат некои аспекти сврзани со атентатот на Киро Глигоров. Се разбира дека тоа е тешка тема, но македонскиот народ очекува и српскиот државен врв да проговори отворено за тој настан и за други случувања при распадот на СФРЈ“, порачува Трајанов.

Не е само македонската јавност заинтересирана за најважните настани по распадат на СФРЈ. Според Тончиќ, и српската има поголеми очекувања.

„Веројатно Тадиќ може и повеќе од извинување поради неизвинување. Предизвикан со нешто или не, само сакаше да порача дека многу знае. А кој би се сомневал во неговите сознанија добиени од научници (веројатно од САНУ). И во тоа дека неговиот карактер на државник и посветеник на државниот континуитет, се прекинува таму каде што почнува виталниот интерес - да биде на слобода, а притоа, како лидер, можеби регионален, за големи пари, малку да анализира по регионот? А нешто молчи, да речеме, и за трговијата со оружје која со децении беше најважна и најисплатлива државна работа“, предупредува авторот.

Во дел од српските медиуми се поставува и прашањето - зошто Тадиќ се извинува сега, кога не е на државна функција. Едноставно, може ли тој да се извинува во име на Србија?

„И театарот може да има предгрупа, зарем не?“, се вели во еден од шеговитите коментари, кои потсетуваат дека Тадиќ престојот во Охрид го искористил најмногу за да присуствува на претстава на театарот „Звездара“ од Белград.

Расветлувањето на постјугословенските драмолетки, ќе чека подобри времиња и поискрени политичари.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Седат Буш и Пауел во кафич и прават муабет. Влегува човек во кафичот, ги гледа двајцава и не му се верува дека се таму. И приоѓа на маса и ги прашува:
- Абе, вие Буш и Пауел...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
1533.- Роден е холандскиот државник Вилхелм I...
1731.- Умре англискиот писател Даниел Дефо, кој...
1815.- Роден е англискиот писател Ентони Тролоп...
1854.- Врховниот суд на САД донесе пресуда дека...