Ќе работам на тоа да започнат преговорите со Македонија

Брисел, 30 септември 2014 (МИА) - Идниот еврокомесар за преговори за проширување и соседска политика, Јоханес Хан вети дека сериозно ќе се нафати за тоа Македонија да ги почне преговорите за членство во Европската унија за време на неговиот мандат, јавува дописникот на МИА од Брисел.

На сослушувањето пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент што траеше три и пол часа, Хан посочи дека е неприфатливо Македонија да е земја кандидат од 2005 година и се уште не ги почнала пристапните преговори.

На почетокот на своето излагање, Хан посочи дека преговорите за проширување ќе започнуваат и траат интензивно во следните пет години, но дека ниту една земја нема да стане дел од Унијата до 2019 година. Сепак, европратеникот од грчката неофашистичка партија Златна Зора, Јоргос Епитидејос, во неговото прашање посочи дека е познато оти има застој во постапката на пристапување на Македонија поради реакцијата на грчката влада поради тоа што, според него, Владата на Македонија не го почитувала договорот со Грција.

- Се разбира дека не е задоволително таа земја од 2005 година да има статус кандидат и уште да не може да почне со преговорите. Тоа влијае и на расположението кај граѓаните во земјата и реформите во земјата се успорија. Тоа не е задоволителен развој на настаните и за мене ќе биде важно да се позанимавам со тоа и да се обидам да најдам решение, истакна Хан.

Според идниот комесар за проширување, оваа задача што ја превзема нема да биде лесна, но како што рече, во интерес на граѓаните на Македонија ќе биде неопходно да се поработи на тоа за да се почне со преговорите.

На прес-конференција по неговото сослушување во АФЕТ, одговарајќи на прашање на дописникот на МИА од Брисел дали има план како да се одмрзнат македонските евроинтеграции и да се избегне грчко вето на идните Самити на Европскиот совет, Хан со одговор:

- Ја знам ситуацијата во моментов, за што ќе разговараме и со Владите на Грција и Бугарија со цел одблокирање на оваа ситуација. Како што кажав, од 2005 година земјата е кандидат и оттогаш не е овозможен почеток на преговорите. Долгото чекање предизвика да се промени расположението кај граѓаните, но и волјата кај Владата во земјата. Се разбира дека ќе направам се што можам за помрднување на оваа состојба од мртвата точка. И до македонската Влада е да придонесе со реформи и да се подобри расположението и да се засили моментумот во евроинтеграциите, порача Хан.

Инаку, на почетокот на сослушувањето, претседателот на АФЕТ, Алмар Брок, му укажа на Хан дека превзема портфељ што е од клучна важност за источните соседи и доаѓа на функција во момент кога претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер објави дека не се очекува оти преговорите со ниту една земја ќе се довршат во овој петгодишен мандат. Сепак, како што напомена Брок, Унијата има обврска кон земјите од Западен Балкан и кога станува збор за мандатот за преговори со Турција во однос на нивните евроинтеграции.

- ЕУ настана како мировен проект и нашата политика на проширување и односите со соседите е продолжување на тој голем проект и се темели на нашите темелни вредности. Пред две години, за тоа Унијата доби и Нобелова награда. Во однос на проширувањето, Јункер кажа нема да дојде до ново во следните пет години оти е време за консолидација. Мојата улога ќе биде да помогнам на земјите кои сакат да влезат во ЕУ да ги исполнат сите критериуми, истакна на почетокот на својот говор наследникот на Штефан Филе.

Во однос на земјите-кандидати, тој посочи дека има три одлучувачки прашања во однос на преговорите, а тоа се владеењето и темелните права, економијата и доброто функционирање на демократијата. Според Хан, важно е да се засилат административните капацитети на земјите во пристапниот процес.

- Ова се основи во преговорите, при што моето мото ќе биде квалитетот пред брзината, рече Хан.

Тој очекува идните земји-членки на Унијата да исполнуваат економски стандарди што кога ќе влезат во ЕУ ќе придонесе за кревање на просперитетот на Унијата. За тоа, според Хан, се дава јавна потпора преку Инструментот за предпристапна помош (ИПА). А, во однос на потребната длабока и сеопфатна демократија, тој истакна дека земјите во проширувањето ќе треба да овозможат независни медиуми, фер избори и транспарентно владеење.

- Мора да сториме се што можеме за промоција на регионална соработка и решавање на билатералните прашања. Не може напредок ако не се надминат наследствата од минатото. Ќе направам се да го стабилизирам регионот. Земјите од Западен Балкан треба да се подобро поврзани меѓу себе и со Европската унија. Овој регион не може да остане празен простор во транспортните и енергетски мрежи. Сакам да осигурам силни инвестиции, рече Хан во однос на проширувањето.

Во однос на политиката на соседство, наследникот на Филе го посочи осигурувањето на безбедноста на ЕУ, со приоритет решавање на кризата во Украина со почитување на украинскиот територијален интегритет, суверенитет и независност. - Универзално право на Украина и украинскиот народ е сами да носат свои одлуки, посочи Хан.

Тој рече дека во соседската политика ЕУ мора да има диференциран пристап за секоја земја и тоа мора да стане реалност, да води флексибилни политики со брзи одговори, да се обезбедат вистински инструменти за соработка во сите подрачја, како енергетиката, трговијата и имиграцијата. Хан вети дека Украина, Грузија и Молдавија ќе добијат поддршка за да носат сопствени демократски избори за политички и економски реформи. Тој потенцираше дека е потребна поголема соработка со Ерменија и Азербејџан и активно учество во односите со Белорусија.

- Полн сум со ентузијазам, но и прагматичен. Се надевам на блиска соработка за да ги засилиме своите партнери, а се со цел засилување на заедничките европски интереси, посочи Хан.

Во однос на 45-те прашања на европратениците, поголемиот дел се однесуваа на соседската политика, односот на ЕУ кон ситуацијата во Украина, но и односите со Русија и состојбата на Медитеранот. Во однос на тоа кој од ресорите „соседство” или „преговори за проширување” му е поважен, Хан одговори:„И едното и другото ми се важни!”.

Во однос на проширувањето, европратениците му замерија на реченицата дека „треба да се убедат граѓаните на ЕУ дека ќе има корист од идно проширување, откако последните десет години дигестираа прием на 13 нови земји-членки”.  Сепак, Хан вети дека откако ќе биде именуван дека ќе ги посети земјите-кандидати на почеток на мандатот, со цел да објасни дека “Еврокомисијата сака да продолжиме со ангажираност во пристапните преговори што ќе доведат до крајната цел, а тоа е прием на соседите од Западен Балкан во ЕУ”.

За ситуацијата со Турција, Јоханес Хан посочи дека оваа земја треба да се придржува до реформите потребни да продолжи со преговорите со ЕУ, а во однос на Босна и Херцеговина, тој напомена дека „Брисел треба да се оттргне од дејтонската логика и да примени бриселска логика, ако сака да надвладее застојот во земјата”.

Во однос на земјите од Западен Балкан, Хан вети дека во иднина ќе се фокусира на работа на специфични проекти кои ќе се однесуваат на овие земји и тоа не само со зборови, туку и со дела. - Тоа се подрачја каде можеме интелигентно да ги обединиме нашите цели и тука да примениме наши финансиски ресурси, за да постигнеме допирливи резултати, вели Хан.

Во однос на идните преговори за проширување, Хан посочи дека ЕУ ги научила своите лекции и затоа најпрво ги отвора поглавја во кои се работи за прашања како владеење на правото, слобода на мислењето и транспарентноста.

- Тие искуства ги применуваме во преговорите со Црна Гора и Србија. Тие поглавја и последни ќе бидат затворени во сите преговори. Прва цел е пристапување на земјите кон ЕУ, но втора цел е за време на преговорите да се остварат промени и напредок кај земјите-кандидати. Тука е на земјите колку брзо ќе ги исполнат барањата на Унијата, а од тоа зависи и колку брзо ќе станат членка на ЕУ. Кога ќе ги видам желбите на тие земји и нивните граѓани, мислам дека ова средство на притисок ќе даде резултат, ветува Хан.

Хрватскиот европратеник Јозо Радош (АЛДЕ) го праша Хан дали е можно шест од земјите во проширување што се од Западен Балкан да влезат во пакет во Европската унија. На ова, наследникот на Штефан Филе рече дека преговорите се водат индивидуално, со цел да се постигне напредок во регионот. Тој рече дека границите не завршуваат каде престанува членството во ЕУ, потенцирајќи дека мисли на Хрватска, Бугарија, Романија и Грција и нивниот однос кон своите соседи.

Во неговиот завршен збор, по трииполчасовна дебата, Хан рече дека имал чувство дека ова било помалку сослушување, а повеќе размена на мислења.

- Нема секогаш да се согласуваме во се и тоа е така во демократијата, но не е трагично. Сите имаме волја во интерес на европските граѓани да се погрижиме европскиот проект да продолжи и европските интереси во иднина подобро да се застапуваат, а во наш интерес е и да дадеме свој придонес на развојот на земјите во соседството. Сакам во Европа и соседството луѓето да можат слободно да се движат и да одлучуваат. Ако во следните пет години можеме да дадеме придонес кон тоа, сме дале голем придонес пред историјата. Се надевам на ваша поддршка,  заврши Хан.

Со оглед на тоа што доби огромен аплауз по завршувањето на својот последен збор, претседателот на Комитетот за надворешни работи на Европарламентот, Елмар Брок му посочи дека аплаузот е индикатор за тоа како овој комитет го примил тоа што Хан го рекол и дека верувам дека постои добар темел за добра идна соработка и за следните пет години. Тоа беше потврдено и еден час подоцна, кога АФЕТ му даде “зелено светло” на Хан дека може да оди на гласање пред целиот Европски парламент.

Инаку, сослушувањето на сите кандидати за членови на идната Европска комисијата предводена од Јункер ќе заврши на 7-ми октомври, по што за 22 октомври на пленарна седница на ЕП во Стразбур ќе се гласа за целиот состав на Колеџот на комесари, кој доколку добие просто мнозинство од 751 европратеник, ќе започне со работа кон крајот на идниот месец.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Невработена службеничка го прашува директорот:
- Кои се условите да станам ваша секретарка?
- Многу едноставни: сакаш или не сакаш?
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
885.- Во Моравија умре Методиј Солунски, постар...
1587.- Британската флота под команда на адмирал...
1772.- Во Лондон е роден Давид Рикардо, англиски...
1775.- Американската војна за независност почна...