Македонија доволно ги исполнува политичките критериуми

и треба да ги почне преговорите

Брисел, 7 октомври 2014 (МИА) - Севкупно, земјата продолжува доволно да ги исполнува политичките критериуми, го заврши најголемиот дел од реформите во однос на правосудниот систем и на јавната администрација и има направено прогрес откако стана земја-кандидат во 2005 година. Затоа Советот треба да се наврати на препораката на Европската комисија за отворање на преговорите за членство на Република Македонија во Европската унија. Ова се наведува во последната драфт-верзија на Еврокомисијата за Македонија, што утре, официјално треба да ја објави комесарот за проширување и соседство Штефан Филе.

Во овој документ, кој денеска ексклузивно го доби дописникот на МИА од Брисел, за Македонија се наведува дека „нивото на усогласување на законската регулатива е високо во однос на тоа каде во моментов се наоѓа земјата во пристапниот процес”. Сепак, Комисијата наведува и дека остануваат сериозни предизвици, а во некои области и се зголемиле, при што се наведува поделената политичка култура, сериозната загриженост за зголеменото политичко влијание и владината контрола на државните институции и медиуми, како и се уште кршливата меѓуетничка ситуација.
 
- Претседателските и предвремените парламентарни избори во април 2014 година беа оценети од страна на ОБСЕ/ОДИХР како ефикасно спроведени, но под влијание на недостаток на издвојување на државата и партиските активности и пристрасното медиумско известување. Загриженоста поради замагленоста на државните и партиските активности ја еродираат довербата во јавните институции. Недостатокот на дијалог и постојаните поделби меѓу партиите доведе до обновување на политичката криза, што произлезе од обвинувањата во однос на изборите што доведе до тоа главната опозициска партија самата да излезе од парламентот, се наведува во извештајот за Македонија. Комисијата, исто така, наведува дека главните политички партии направиле недоволни напори да се вклучат во конструктивна политика во интерес на целиот електорат и на државата во целост. Политизацијата на јавната администрација, на централна и на локално ниво, според ЕК е сериозен проблем. Принципите на транспарентност, одговорност и заслуги, се уште не се целосно применети, а се цитира и дека ОДИХР информирал за кредибилни обвинувања дека бил извршен притисок над вработените во јавниот сектор за време на изборите во април 2014 година. “Овие прашања треба да се решат, вклучително и преку нова законска рамка”, препорачува неформалната Влада на ЕУ.
Во утрешната оценка за македонскиот напредок во евроинтеграциите, Еврокомисијата наведува и дека независноста и компетентноста на судовите исто така треба да се зголеми и поголем фокус да се стави на квалитетот на правдата за граѓаните. Се нотира дека високото ниво на законски и технички напредок на земјата во оваа област е засенет од загриженоста за селективност на правдата. Официјален Брисел вели дека во овој дел има развој на показатели, но корупцијата останува да преовладува во многу области и продолжува да биде сериозен проблем во Македонија, па се препорачува антикорупциската рамка поефективно да се имплементира.
 
- Има понатамошно подобрување во областа на полициската соработка и борбата против организираниот криминал и трговијата со луѓе. Треба да продолжат напорите во изградбата на показатели за истрагите, прогоните и пресудите во случаите со организиран криминал и корупција. Борбата против организираниот криминал и корупцијата е од фундаментално значење во борбата против криминалната инфилтрација на политичкиот, правен и економски систем, гласи позитивниот тон во извештајот на ЕК во оваа област за Македонија.
 
Исто така, Македонија во извештајот е позитивно оценета за целосната рамка за заштита на фундаменталните права и дека е на вистинско место, но дека е потребен поголем фокус на ефективна имплементација. Комисијата препорачува континуирани напори да се одговори на загриженоста за предрасудите и дискриминацијата на Ромската заедница и да се разбие нетолерантноста кон ЛГБТИ лицата. Во однос на ситуацијата со слободата на медиумите, според ЕК таа продолжува да се влошува и се посочува дека има недостиг од вистинско независно известување и недостаток на точни и објективни информации што би биле достапни до публиката преку мејнстрим медиумите и недостаток на јавна дебата.
 
- Во врска со меѓуетничките односи, Охридскиот рамковен договор, кој доведе до крај на конфликтот во 2001 година, обезбеди рамка за гарантиран мултиетнички карактер на општеството. Како и да е, недостатокот на доверба меѓу заедниците преовладува. Тензиите лесно може да се поттикнат со погрешно толкување на настани или инциденти, како што беше случај по изборите во април годинава. Потребен е попроактивен и заеднички пристап кон промоција на инклузивно мултиетничко општество. Преглед на Охридскиот рамковен договор е се уште потребен за истиот да се комплетира и неговите препораки да се имплементираат, се наведува во извештајот на ЕК.
 
Утрешниот извештај за Македонија, исто така, содржи оценка дека Македонија, генерално ги одржува добрите односи со останатите земји од проширувањето и игра активна улога во регионалната соработка. Комисијата вели дека конструктивен пристап во односите со соседните ЕУ-земји останува важен и дека „треба да се избегнуваат активности и изјави што би имале негативно влијание на добрососедските односи”.
 
Што се однесува до економските критериуми, Македонија се наведува во извештајот дека останува во напредна фаза и во некои области има и понатамошен прогрес. Финансиска стабилност, според Комисијата е зачувана и зголемен е приливот од странските директни инвестиции. - Изгледите за раст и вработување, во голема мера зависат од бизнис-климата во домашниот приватен сектор и за поддршка на ова, потребно е понатамошно олеснување на лиценцните процедури, исто така со цел охрабрување на поврзаноста меѓу домашните и странските компании, препорачува официјален Брисел.
 
Исто така, се наведува и дека треба да се забрзаат постапките за излез на пазарот и генерално да се обезбеди терен за игра за сите компании преку засилување на бизнис-регулацијата. Извештајот содржи и препорака дека е потребно да се подобри пристапот до финансии, вклучувајќи поправка на каналот за банкарски позајмици во земјата и подобра усогласеност на работната сила со побарувачката на пазарот на работна сила, што е потребно да се реши преку понатамошни реформи на образовниот систем, вклучувајќи имплементација на стратегија за стручна обука. Во однос на јавните финансии, ЕК во извештајот посочува дека е обновено влошувањето на фискалната дисциплина во 2013 и 2014 година и повикува на подобрена процедура за буџетско планирање и подобра конзистентност на годишното реализирање на буџетот преку фискална стратегија на среден рок. Комисијата вели дека е потребно е да се подобри квалитетот на јавното трошење во Македонија со менување на составот на капиталните трошоци кон раст за зголемување на инвестициите.
 
- Република Македонија има направено понатамошен прогрес во подобрувањето на способноста за преземање на обврските од членството. Земјата продолжува да се ангажира во процесот за стабилизација и асоцијација и да ги исполнува своите обврски во рамки на Спогодбата за стабилизација и асоцијација (САА). Земјата има широка соработка со Европската унија во рамки на сите области од европското законодавство и е на напредно ниво на усогласување на законодавството, како на стратешко, така и на институционално ниво. Нивото на усогласеност на земјата е доволно да напредува во следната фаза од процесот на пристапување. Сега фокусот треба да биде на административниот капацитет и ефективна имплементација, препорачува неформалната влада на Европската унија.
 
На полето на внатрешниот пазар, исто така се нотира дека е постигнато добро ниво на усогласување на законодавството за движењето на капиталот, поштенските услуги и законот за трговски друштва. Во областа на правдата и внатрешните работи, во извештајот се вели дека земјата добро напредува во подготовките за визната политика, надворешните граници и Шенген-зоната, како и во полициската соработка. Од друга страна, сепак, се наведува дека се потребни понатамошни напори во однос на законодавството, а поврзано со регионалната политика, околината и климатските промени, социјалната политика и образованието. Се препорачува и засилување на јавната внатрешна финансиска контрола и истата да се развива низ целата јавна администрација.
 
- Советот се уште нема одлучено за предлогот на Комисијата од 2009 година за премин во втората фаза од Асоцијацијата, во рамки на Член 5 од Договорот за стабилизација и асоцијација, предупредува Еврокомисијата за втората препорака, покрај онаа за отворање на пристапните преговори, за што Европскиот совет исто така не носи одлука поради грчката блокада.
 
Во заклучокот на Европската комисија во генералната стратегија за проширување за 2014 година за Република Македонија се наведува дека „Пристапниот процесна ЕУ со Македонија е во ќор-сокак”.
 
- Постои итна потреба да се реши прашањето за името, но ова не треба да биде изговор за недостатокот на напредок во реформите што се во интерес на граѓаните во земјата, посочено е во заклучокот на целосната стратегија за проширување на Комисијата.
 
Утринава, висок извор од Директоратот за проширување на ЕУ, кој инсистира на анонимност, за МИА потврди дека Комисијата нема да ја повлече препораката за преговори за Република Македонија. - Не гледаме подобрување во домашната политичка околина. Една работа која очајно се обидуваме е да ја извадиме Македонија од ќор-сокакот во однос на ЕУ оти земјата чека десет години како кандидат, а преговорите не се отвораат. Го користиме Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) да креираме платформа за да напредуваат ЕУ-релевантните реформи, а последна година и тоа го немаше. Гледаме недостатоци во многу области и ова не е добра година за земјата. Но, сепак, ние нема да ја повлечеме препораката, но не гарантираме долготрајно опстојување на препораката оти е потребно враќање на Македонија на позитивниот тренд, вели високиот извор од Еврокомисијата за МИА.
 
Претставникот на ЕК додава дека отворање на преговорите за членство со Македонија ќе има стимулирачки ефект за реформи во земјата. Тој вели дека утрешниот извештај за нашата држава ќе ја има и препораката од пред две години на Филе за „започнување на пристапните преговори и решавање на прашањето за името во раната фаза од преговорите”, што две години Грција не го прифаќа.
 
- Одлуките за отворање на преговорите за пристапување се носат на меѓувладина конференција и секоја одлука за премин во следната фаза се носат со едногласност на Советот на ЕУ. Комисија ќе го повтори претходниот повик, но зависи дали Грција овојпат истото ќе го прифати. Како и да е ЕК е прилично лимитирана во однос на ова, наведува високиот претставник на Европската комисија за МИА, негирајќи дека е можно да се предложи отворање на преговорите со Македонија и решавање на наметнатото прашање за името со Грција во рамки на последното, 35-то поглавје од преговорите (како што е случајот со нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово).
 
Тој наведува и дека во утрешните извештаи за земјите-кандидати и аспиранти за членство во ЕУ, ќе се нотираат две работи: дека парламентот не е повеќе платформа за дискусија и дека сите се фокусираат на одговор - ајде да го бојкотираме парламентот, кога има тешкотии во политичкио дијалог. - Тоа силно одекна годинава, а бојкотот не е вистински одговор на тоа што се случува кога има тешки услови. Постојат демократски избори, се бира мнозинство во парламентите и тоа треба да се почитува. Но, исто така, Владата и владејачката пертија која го контролира мнозинството, исто така треба да осигура ефективна контрола на парламентот над Владата. Тоа покажува колку се зрели голем број на владини и опозициски партии, за што се нанесува штета на државата и како се гледа во ЕУ, тоа нема да помогне за лесен процес на интеграција, наведува изворот од ЕК за МИА.
 
Инаку, во однос на останатите земји во процесот на проширување, неформалната Влада на ЕУ наведува дека Србија има потреба од прогрес во неколку клучни области, но најмногу во нормализацијата на односите со Косово. За Албанија, ЕК посочува дека во јуни минатата година добила кандидатски статус поради прогресот и исполнување на услови, но дека оваа земја треба да го консолидира реформскиот моментум и да се фокусира на предизвиците во ЕУ-интеграцијата на одржлив и инклузивен начин.
 
Најголем проблем за официјален Брисел е ситуацијата во Босна и Херцеговина, па во заклучокот на стратегијата за проширување за оваа година, за оваа екс-југословенска држава се наведува дека останува во застој на евроинтеграцискиот пат. Притоа, ЕК бара по изборите во БиХ, дека би било од суштинско значење за земјата да говори со еден единствен глас, да се справи со итните социо-економски реформи и да напредува во европската агенда. Црна Гора, пак, се посочува дека продолжува да преговара за членство, но дека има уште многу реформи што треба да се исполнат во оваа земја со цел да се забрза отворањето и затворањето на поглавјата од преговорите
 
За Турција, пак, Еврокомисијата бара да остане посветена на реформите од пакетот за демократизација поставен во 2013 година, искажувајќи сериозна загриженост за практикувањето на демократијата во земјата, пред се во однос на слободата на изразувањето и на медиумите. Но, Брисел искажува задоволство од превземените чекори во решавањето на проблемите на Курдското малцинство. А, за Албанија, се нотира дека има понатамошен прогрес кон исполнување на политичките критериуми, но нема препорака за отворање на преговорите за членство во ЕУ.
 
Во текот на утрешниот ден, еврокомесарот за проширување Штефан Филе и официјално ќе ги објави прогрес-извештаите, и дотогаш за Македонија е непозната формулацијата при издавањето на шестата позитивна препорака за почеток на преговорите за членство. Сепак, истата, според високиот извор од Еврокомисијата, потврдува дека ќе има силен притисок врз Советот за да одлучи што понатаму со евроинтеграциите на Македонија (поради тоа што претходните пет препораки на ЕК се игнорираа), како и услов за враќање на нормалниот политички живот во земјата.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Муабетат двајца пријатели во кафана:
- Абе, знаеш дека од една пијачка ме фаќа?
- Ај, шо збориш, од една само???
- Да бе, и тоа обично шестата.

* * *
Прашува едно дете...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Времена измена на режим на сообраќај на регионален пат Р1101 делница Прилеп - Битола заради интезивирање на градежни активности во врска со проект "Санација на трупот на патот кај...
Верски календар
На денешен ден
1461.- Во најкрвавата битка во Војната меѓу двете...
1772.- Умре шведскиот филозоф Емануел...
1792.- Умре шведскиот крал Густав Трети, 13 дена...
1809.- Шведскиот крал Густав Четврти мораше да...