Deutsche Welle

Контролата врз прислушкувањето еднаква на – нула!

Комисијата за надзор врз следењето на комуникациите не функционира, а нема ни политичка волја кај власта за цивилна контрола врз прислушкувањето, што остава широк простор за злоупотреби, тврдат политичари и експерти.

Кога лидер на опозициска партија ќе изјави дека е прислушкуван, во секое демократско општество се вклучува аларм. Иако Македонија се декларира како демократско општество, никаков аларм не се вклучи по сомнежот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дека бил прислушкуван за време на предизборната кампања, искажан јавно, во ТВ-интервју. Во практика, расветлувањето на вакви сомнежи носи многу придобивки за општество кое тежнее кон демократски вредности. Прво, државата покажува силна институционална зрелост, второ - рефлектира волја и неселективен пристап при утврдување на евентуална злоупотреба од службите во следење на нечии комуникации и трето - дава јасен сигнал за фер - третман на политичките опоненти.

Комисии про форма

Во Македонија постои институционална можност за цивилна контрола врз работата на безбедносните служби преку две собраниски комисии. Првата е Комисијата за надзор врз работата на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и на Агенцијата за разузнавање (АР). Втората - Комисија за надзор врз спроведувањето на посебната истражна мерка за следење на комуникациите од страна на МВР, Управата за финансиско разузнавање, Царинската управа и Министерството за одбрана. И двете комисии имаат долги имиња, но малку минат труд. За сомнежите на Заев, надлежна е втората комисија, но и таа исто како и првата - речиси не функционира. Претседателските места, кои по правило и припаѓаат на опозицијата, со месеци се празни. Поради бојкотот на опозицијата на Собранието, и во двете комисии не се именувани нејзини претставници. Дали СДСМ го чувствува како реален хендикеп фактот што поради тоа нема свои претставници во комисиите?

Не го чувствуваме тоа како хендикеп, категоричен е Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.

„Ние и кога имавме членови во тие комисии, и кога СДСМ беше во Собранието, факт е дека тие комисии не функционираа. Ниту, пак, надлежните раководители на безбедносните служби се појавија во парламентот за да дадат извештај за работата на службите, а уште помалку да овозможат увид врз нив, што е нивна законска обврска“, вели Шилегов.

Сомнежот дека оваа аргументација на социјалдемократите е само интерна „утеха“ за пропуштената шанса за контрола врз тие служби, го разбива пратеникот Павле Трајанов, лидер на владејачкиот Демократски Сојуз и поранешен министер за внатрешни работи.

„Никаде во светот не постои реална контрола врз безбедносните служби. Кажете ми еден пример на парламент кој има таква контрола! Да, уставно и законски во многу земји се воспоставени форми и механизми за цивилна контрола врз работата и оперативните мерки на безбедносните служби, но во практика таа контрола е малку остварлива или воопшто не е. Најмалку пак во сегментот, дали со одредени мерки, како што се следење и прислушување, се загрозуваат нечии човекови права. Затоа сметам дека таа контрола повеќе е сведена на демократски декор“, вели Трајанов.

Инструмент за пресметка

Во 2012 година беа донесени измени и дополнувања на Законот за следење на комуникациите, со кои беше проширен опсегот на институции кои можат да следат комуникации- покрај МВР, вклучени беа Управата за финансиско разузнавање, Царинската управа и Министерството за одбрана. Според процедурата за следење на одредено лице или група, барањето доставено од службите мора да го поднесе јавен обвинител, а потоа налогот за одобрување на следењето на комуникациите го издава судот. Јавното обвинителство мора да го наведе делото во кое се сомнева, но и периодот кога да се користат мерките. Мерките за следење е дозволено да траат четири месеци, а за некои кривични дела уште дополнителни четири. Доказните материјали се чуваат шест месеци по завршување на мерките, но може и веднаш да се уништат ако се оцени дека не постојат елементи на кривично дело.

Според безбедносни експерти, законското решение, така како што е сега формулирано, лесно може да се употреби како инструмент во политичката и економската пресметка, а според невладините организации, проширен е просторот за злоупотреби, а намалени гаранциите за заштита на човековите права.

Уранија Пировска од Хелсиншкиот Комитет за човекови права, вели дека надзорот во практика воопшто не се спроведува и нема информации дека Комисијата во Собранието воопшто функционира.

„Тоа значи дека оваа мерка се спроведува без каков било увид за тоа дали се почитуваат гаранциите за заштита на податоците, со што постои широк простор за волунтаристичко постапување и со тоа широк простор за манипулации и злоупотреби. Поранешната Комисија во Собранието во неколку наврати го покани Хелсиншкиот комитет на своите седници, кога беше претседател Тито Петковски. Но, од тогаш до денес, немаме сознанија дека такви седници воопшто се одржуваат“, укажува Пировска. Таа потенцира дека и Народниот правобранител врз основа на својата надлежност може да побара увид или информации за тоа како се чуваат податоците добиени врз основа на оваа мерка и дали соодветно се чуваат од злоупотреби.

Неопходна политичка волја

Единствениот, и судски потврден случај на прислушкување досега, датира од 2001 година, кога поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, во јавноста обелодени стенограми за прислушувани разговори на високи функционери и новинари. По објавувањето на аферата наречена „Големото уво“, поранешниот претседател Борис Трајковски им даде аболиција на директорката на Агенцијата за разузнавање, Доста Димовска и на Александар Цветков, пред да започне закажаното судење. Новинарите по седум години го добија судскиот процес.

Според експертите, ако нема конкретни докази, како што во тогашниот случај беа стенограмите, тешко е да се поверува во можноста дека преку цивилна контрола ќе бидат откриени какви било злоупотреби во следењето на комуникациите. Во таа насока, песимист е и Тито Петковски, поранешен претседател на Комисијата за надзор врз спроведувањето на посебната истражна мерка за следење на комуникациите. Вели дека цивилната контрола е стремеж на секое демократско општество каде институциите се отворени.

„Но, во услови на авторитарно владеење со државата, тоа е невозможна мисија. Зборувам од лично искуство. Кога бев претседател на Комисијата, без оглед што тројца членови беа од опозицијата, а двајца од владејачкото мнозинство, при секое усвојување на заклучок тие двајца инсистираа усвојувањето да биде едногласно. Со тоа одлуките постојано беа блокирани. По апсењето на Љубе Бошковски, иако од МВР соопштија дека имаат аудио и видео докази, министерката тврдеше дека тој не бил следен и прислушкуван. Кога побаравме увид во документацијата на МВР, таа не ни дозволи да влеземе таму, а камо ли да извршиме контрола. Во Комисијата ни испраќаше само фризирани информации, без суштинска супстанца, потребна за наше одлучување. Пред Собранието покренавме постапка за нејзина одговорност, но мнозинството не уважи ниту еден од нашите докази, иако и судската одлука за Бошковски се темели на прислушкување на телефон со конкретен број и снимка од конкретен стан. Ова укажува дека без политичка волја кај власта, не е возможна никаква цивилна контрола врз прислушкувањето“, укажува Петковски.

Токму од овие причини, голем број судски процеси во Македонија, во извештаите на релевантни меѓународни организации за човекови права се водат како „политички монтирани“.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Наставникот по географија го завртел глобусот и го прашува ученикот кој треба да одговори:
- Што е ова?
- Почнуваат вести - одговорил ученикот.
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
1191.- Почна зографирањето на црквата "Свети...
1284.- Роден е англискиот крал Едвард II....
1595.- Во Рим умре Торквато Тасо, италијански...
1599.- Роден е водачот на Англиската револуција...