Крис Хил за палењето на амбасадата во Скопје

Мемоарите на амбасадорот Кристофер Хил, кој беше првиот американски амбасадор во Македонија, а потоа служеше и во Полска, Јужна Кореја и Ирак, значителен простор посветуваат на воената 1999 година во Косово, како и на палењето на Американската амбасада во Скопје. Книгата насловена како Упориште - живот поминат на бојното поле на американската дипломатија, неодамна беше објавена во САД.

Кристофер Хил стана американски амбасадор во Македонија во јуни 1996 година, по претходен договор меѓу Ричард Холбрук и претседателот Киро Глигоров, како дел од потпишувањето на Рамковниот договор. Во своите мемоари, Хил вели дека грчкото лоби во САД не вршело голем притисок да се спречи именувањето на амбасадор во Македонија, но дека сепак републиканскиот сенатор Мич Меконел го блокирал неговото именување, протестирајќи против испраќањето американски мировни сили под знамето на Обединетите нации.

- Во тоа време Мојот татко беше во болница во Масачусетс, во тешка состојба поради рак на панкреасот. Сакав да види дека неговиот син станал амбасадор пред да почине, но не знаев колку долго Меконел ќе го блокира моето именување. Со целото семејство бевме во небрано, половина од работите ни беа спакувани, а ние не знаевме кога и дали воопшто ќе одиме во Македонија. Како што ми кажа една од ќерките: "тато, те сакам, ама ми го упропасти животот", пишува Хил. По неколку недели сенаторот Меконел сепак дозволил САД да го испратат својот прв амбасадор во Македонија.

Вашата прекрасна земја

Хил се осврнува на проблемот со тоа како да ја именува Република Македонија, имајќи предвид дека Времената спогодба ја употребува привремената референца "Поранешна југословенска Република Македонија".

- САД не го признаа уставното име на Македонија, и ја користевме апсурдната кратенка, која освен што беше апсурдна, беше и навредлива за Македонците. Честопати портпаролот Николас Барнс ќе добиеше прашање од грчките новинари зошто овој или оној функционер на Стејт департментот на некоја си меѓународна конференција рекол „Македонија" и дали тоа претставува промена на американската политика. Кутриот функционер што го сторил тоа ќе беше повикан и ќе му беше укажано да внимава во иднина. Но, во Скопје, јас не можев да одам наоколу и да ја нарекувам земјата БЈРМ. Никој во Македонија немаше намера да го смени името на својата земја поради Грците. Затоа, јас почнав место БЈРМ да велам "вашата земја" или, уште подобро, „вашата прекрасна земја". Тоа отпрвин им се допадна на луѓето, но потоа почнаа да ме прашуваат, "добро, господине Амбасадоре, драго ни е што мислите дека нашата земја е прекрасна, но ќе сакате ли да ни кажете какво е името на таа прекрасна земја? Конечно, по неколку месеци, се откажав и почнав Македонија да ја викам Македонија, се сеќава Хил, во своите мемоари.

По првичните критики од Вашингтон, Хил вели дека со текот на времето и службата за односи со јавноста на Стејт департментот престанала сериозно да ги сфаќа критиките на грчките новинари, додека грчкиот деск во Стејт департментот почнал да ги игнорира протестите на нивните дипломати. Конечно, и заменикот државен секретар Строуб Талбот, при посета на Македонија, одржал предавање во кое го користел зборот Македонија, по што Амбасадата во Скопје решила дека политиката е сменета.

Средбите со ОВК

Во мај 1998 година Хил бил повикан од државната секретарка Медлин Олбрајт да биде постојан пратеник за Косово, што подразбирало средби како со Слободан Милошевиќ, така и обиди да се стапи во контакт со Ослободителната војска на Косово и да се проверуваат информациите за судирите и извршените воени злосторства. Хил пишува за ривалитетот меѓу него и Ричард Холбрук, кого го повикал да помогне во разговорите, од една страна и Ричард Гелбард, пратеникот кој првин ја прогласи ОВК за терористичка организација, за набргу потоа да се сретне со нејзини претставници во Женева, по што ги затворил сите врати за средби во Белград.

Хил во книгата ги опишува обидите да се одржи релевантноста на Ибрахим Ругова како водач на косовските Албанци, наспроти се посилната ОВК, како и наспроти политичките водачи од Приштина кои сметале дека Ругова губи контрола врз настаните. Амбасадорот Хил опишува како подоцнежниот косовски претседател со часови сакал да зборува за примероците на минерали кои ги собрал како аматер - геолог, или да гледа телевизија додека разговара за се почестите престрелки низ Косово. Хил, придружуван од неговиот портпарол Филип Рикер и политичкиот офицер Тина Кајданов, направиле серија обиди за контакт и идентификување на раководството на ОВК.

- Албанците имаа една цел. Да се натера НАТО, односно САД, да интервенираат воено на Косово. Овој конфликт со низок интензитет стана конфликт со ниско ниво на интелигенција. Србите брутално и прекумерно ќе возвратеа со сета сила на ситни провокации, која потоа темелно ќе беше документирана и користена за да се добие симпатија за косовската кауза пред светот. Со интензивирањето на нападите, растел и притисокот врз посредникот да стори нешто.

- Во Вашингтон се создаде една луда коалиција на либерални интервенционисти и неоконзервативци, која бараше акција околу Косово. На еден состанок се расправав со Пол Волфовиц, кој сметаше дека секој проблем во светот може да се реши со неколку бомби, а на друг со поранешниот шеф на Фондацијата Карнеги, Мортон Абрамовиц, кој сметаше дека секое село на Балканот треба да добие независност, вели Хил.

Во мај 1998 година, Хил и Холбрук, при посета на селото Јуник, каде претходно имало судири меѓу ОВК и српската војска, организирале средба со највидните луѓе во селото, на која одненадеж дошол војник на ОВК.

- Овој војник, кој личеше на Че Гевара, во комплетна маскирна униформа, седна точно до Холбрук. Бидејќи просторијата беше тесна, сите што ја видоа фотографијата на светските агенции утредента имаа впечаток дека војникот му седи во скут на Холбрук. Холбрук разбра дека со ова ги израмни сметките со Гелбард, за кого дотогаш се доби впечаток дека тој се среќава со вистинските водачи на Албанците, додека ние двајцата губиме време со Ругова. Но, Холбрук сфати дека сега и ние ќе имаме проблем да се сретнеме со Милошевиќ и ме замоли да одам да се сретнам со него и да го убедам дека доаѓањето на "Че" во собата не беше однапред договорено, пишува Хил. Милошевиќ, се сеќава Хил, бил гневен поради настанот, велејќи дека со тоа се поткопува позицијата и на Ругова. "Милошевиќ разбираше дека постои ривалитет меѓу Холбрук и Гелбрад. На крај ми рече: го сакам Дик. Но, тој би јадел мали деца за да успее во кариерата", заклучува Хил.

Палењето на амбасадата во Скопје

За мировните преговори во Рамбује, амбасадорот Хил вели дека биле вложени вонредни напори да се убедат косовските претставници да го прифатат предложениот договор, бидејќи во спротивно воздушните напади врз Србија би биле невозможни. Според Хил, Ветон Сурои е косовскиот политичар кој единствен се одважил да го прифати договорот во име на целата косовска делегација, отворајќи пат за воздушните нападите, откако веќе српската страна го одби предлогот. Во меѓувреме, состојбата на теренот на Косово ескалира, со се почести пресметки и вести за масакри на цивили, и по последен обид на Холбрук и Хил за договор со Милошевиќ, воздушните напади на САД и другите НАТО земји врз Србија почнаа на 23 март.

Хил вели дека на денот на палењето на Амбасадата, 25 март 1999 година, немало никакви знаци дека се подготвуваат протести, освен мала група студенти кои ја пееле "Give Peace a Chance" пред Aмбасадата, и не го препознале амбасадорот додека тој протрчал покрај нив на својата утринска прошетка. Во меѓувреме, вели Хил, Скопје беше преплавено со портокалови џипови на набљудувачката мисија на ОБСЕ, вратени од Косово и сконцентрирани околу хотелот Александар Палас, во непосредна близина на Aмбасадата.

- Како набљудувачи на спортски настан, сите се туркаа преку малиот скопски аеродром за да седнат на трибините. Странските известувачи, кои беа навикнати на состојбата во Босна, сега им доделуваа улоги на завојуваните страни: Србите си се Срби. Албанците се новите Босанци. Македонците можеби се нешто како Хрватите?, пишува Хил, опишувајќи ги и првичните тензии меѓу набљудувачката мисија и другите дојденци, и Македонците, припишувајќи го тоа на тековниот спор со Грција и внатрешните меѓуетнички тензии.

Амбасадорот инсистира дека се крајно нефер коментарите дека Македонија, на некој начин, ја поддржувала политиката на Милошевиќ, и вели дека протестите во земјата се должеле на загриженоста од доаѓањето на војната.

- До раното попладне, малата група распеани студенти се повлече, а ја замени доста поголема група која не беше заинтересирана да пее, туку да фрла јајца преку оградата. Заедно со јајцата ќе долеташе и по некој камен. Главен проблем беше што македонската Влада не обезбеди поголемо полициско присуство. Автобусите со демонстранти се истоваруваа кај хотелот Александар Палас, но кога ќе го видеа застрашувачкиот полициски кордон таму, се вртеа назад, и одеа надолу по Илинденска кон Aмбасадата, пишува Хил.

Околу 17.15 часот прозорците почнале да попуштаат под налетот на камењата, а поради отсуството на полицијата, службеникот Чарлс Стоунцифер, кој бил задолжен да бара поголема заштита од полицијата, препорачал дека е време да се искористат специјално подготвените простории во подрумот на Aмбасадата, бидејќи влегувањето на демонстрантите во Aмбасадата е само прашање на време.

- Им наредив на сите вработени да се симнат внатре, лично проверувајќи ги собите да не заборавиме некого. Имаше вкупно 42 лица, повеќето Македонци вработени во Aмбасадата. Дотогаш веќе влезната порта беше урната, а толпата беше во дворот на Aмбасадата. Сцената беше ужасна, демонстрантите ги палеа нашите возила. Видов еден демонстрант, не многу млад, со долга волнена наметка, како зема голем камен и удира по задниот прозорец на автомобил додека не го скрши, а потоа запали молотов коктел и го фрли на задното седиште, вели Хил и додава дека заедно со преведувачот Бикс Алиу последен влегол во „бункерот".

Како дете, во своите мемоари, Хил раскажува дека бил на училиште во Белград кога резиденцијата во која живеел со татко му - политички офицер во Aмериканската амбасада во Србија - била каменувана поради убиството на Патрис Лумумба. По тој случај, се сеќава Хил, татко му го научил како да ракува со пиштол доколку има потреба, и му раскажувал како белгискиот амбасадор ја разбркал толпата, која ја нападнала неговата Aмбасада излегувајќи пред нив со пиштол во рака.

- Размислував за тој белгиски амбасадор во Белград во 1962 година, и како ја избрка толпата. Како да насети на каде ми оди паметот, Бикс ми рече - мораме да се симнеме во бункерот, веднаш!, пишува Хил.

Бункерот, составен од неколку простории заштитени со дебела челична врата, имал директна врска со Стејт департментот, од каде го следеле секој момент на драмата, а функционирала и мобилната телефонска врска со вработен од обезбедувањето на Aмбасадата, кој бил вмешан меѓу групата демонстранти и го информирал амбасадорот Хил за тоа што му се случува во дворот. Преку трета линија, службеници на Aмбасадата барале интервенција на македонската полиција, а од четврта страна во тек биле разговори со генералот Весли Кларк, кој на барање на државниот секретар Медлин Олбрајт подготвил единица од 75 американски маринци од базата кај Петровец, која би интервенирала во случај на крајна нужда.

Може да запалам?

Хил опишува како дел од вработените, како Рикер и Кајданов, се обидувале да го одржат моралот на колегите кои биле на крај со нервите. Во подрумот, освен вработените, била и Клара, една од ќерките на амбасадорот, но и Биљана Секуловска, новинарка на А1 телевизија со нејзиниот камерман, кои дошле за претходно договорено интервју.

- Биљана делуваше незаинтересирана за тоа што се случува, освен што постојано прашуваше: "Може да запалам?" Не!, сите и одговаравме, се сеќава Хил.

Амбасадорот додава дека главна причина за загриженост во бункерот било снабдувањето со воздух, и што би се случило со системот доколку целиот објект над нив биде запален. Во случај да останат без воздух, вработените во Aмбасадата имале опција да искористат и тунел кој ќе ги одвел до паркингот, точно каде што во тој момент демонстрантите ги палеле нивните автомобили.

Околу 18 часот, демонстрантите го скршиле јарболот и почнале да го користат како орудие за уривање на влезната врата. „Средновековно", Рикер забележа. Петнаесет минути подоцна, преку нивниот службеник во групата демонстранти, во бункерот дознале дека полицијата интервенира и ги брка демонстрантите од дворот на Aмбасадата. "Го брифирав генералот Весли Кларк за тоа. Тој ми кажа дека и од неговата единица за брза реакција, распоредена во близината, имаат информација дека полицијата влегува во Aмбасадата. Му реков дека сме подготвени да излеземе надвор. Додека се качував по скалите, Биљана, се уште држејќи ја цигарата во рака, праша, „може сега да запалам?"

Генералот Бенц Кредок, задолжен за американските сили подготвени за распоредување на Косово, преземал контрола над безбедносната ситуација и наредил поставување на боцкава жица на влезот и ѕидовите, додека група маринци биле распоредени околу зградата.

- Прашав еден од нив кои им се наредбите? Ми рече дека ако се случи неколкумина демонстранти повторно да се пробијат, да ги врземе и да им ги предадеме на македонските власти. Ако поголема група се пробие, да пукаме предупредувачки во воздух. Ако продолжат да навлегуваат... не би сакале да го сторат тоа, гласел одговорот.

Стејт департментот донел одлука Aмбасадата да остане отворена, исто како и сите други амбасади во Европа кои се соочувале со демонстрации поради нападите врз Југославија. Амбасадорот Хил вели дека главна задача потоа била што поскоро да се исчистат навредливите графити на ѕидовите, и да се крене нов јарбол со американското знаме, за да се испрати порака дека САД остануваат присутни во Македонија.

Стенковец и барање за членство во НАТО

По инцидентот со Aмбасадата, и со оддолжувањето на војната на Косово, амбасадорот Хил вели дека главна задача на неговиот тим во однос со Македонија станала да се бара поддршка за користење на македонската територија за влез на копнени сили на Косово. За таа цел, Хил и генералот Кларк се сретнале со претседателот Глигоров.

- Глигоров го праша Кларк - ако го прифатиме вашето барање, дали ќе ни дозволите да влеземе во НАТО? Кларк му објасни дека таквата одлука е надвор од неговите можности, и дека се уште постојат и технички прашања со подготвеноста на македонските вооружени сили, но и долготрајниот проблем со Грција околу името. Генералу Кларк, Глигоров продолжи мирно со одмерен глас, како целосно да го игнорира неговиот одговор, "ние ќе бидеме соседи со Србија уште долго време, а вие знаете дека Србите имаат долги ножови, а уште подолго сеќавање". Кларк во иднина се фокусираше на Албанија како место од кое ќе може да се изврши евентуалната копнена инвазија, наведува Хил.

Во меѓувреме, со масовното бегство на косовските Албанци кон Македонија и Албанија, Република Македонија почна да се преполнува со бегалци. Амбасадорот Хил наведува дека, како свој одговор, македонските власти, длабоко загрижени поради тоа што ќе се случува во иднина со масата луѓе, почнале да го забавуваат пуштањето на бегалците преку границата.

- Одговорот на меѓународната заедница беше да ја обвинува Македонија дека не ги исполнува своите обврски кон бегалците. Набргу, во очите на светот, малата и исплашена Македонија стана соучесник на Србите во нивната политика на етничко чистење, нешто како мал брат на терористичкиот режим на Милошевиќ, пишува Хил, додавајќи дека планот за излез од ситуацијата дошол од неговите службеници, Чарли Стоунцифер и Митко Бурчевски, кои предложиле спортскиот аеродром Стенковец да се искористи како место за сместување на бегалците.

Хил опишува итно свикана средба на Строуб Талбот со премиерот Љубчо Георгиевски и заменик министерот за надворешни Борис Трајковски, за кого вели дека главна задача му била да обезбеди дека премиерот навистина ќе дојде на состанокот, каде по едночасовен разговор во амбасадорската резиденција било договорено да се отвори транзитен центар во Стенковец. Борис Трајковски, вели Хил, станал главниот посредник во разговорите со американските и сојузничките власти, како и со Обединетите нации, за тековното згрижување на стотиците илјади бегалци, повременото нивно испраќање во трети земји, како и за набавките за потребите на камповите, за кои Хил вели дека Aмбасадата се обидувала да ги насочи преку македонски компании.

- Македонија ги издржа најтешките месеци во својата независност, а притоа научи многу и се стекна со многу самодоверба. Посетителите од Вашингтон, во почетокот само Строуб, но потоа и полни авиони со конгресмени и сенатори, дојдоа и од прва рака видоа што војната и стори на оваа мала земја која единствено сакаше да остане надвор од конфликтот и да преживее, Хил заклучува во своите мемоари.

На колена пред Мајка Тереза

Мемоарите на Крис Хил содржат детали и за неговата соработка со Мајка Тереза за обновата на Албанија, по падот на комунизмот. Велејќи дека Албанија била своевидна Северна Кореја во Европа, Хил бил испратен таму во 1991 година како вршител на должноста амбасадор, со задача да воспостави постојана амбасада. Во исто време, Мајка Тереза отворила мисија во Албанија за испорака на хуманитарна помош за сирачиња и отворила клиника.

- Се сретнавме во нејзината клиника, каде ми се заблагодари за помошта што ја добила од УСАИД. Се извини што не ги подготвила сите неопходни формулари за помошта, додавајќи дека нејзината ревизија доаѓа од горе, посочувајќи на шега со прстот кон небото. Следното утро отидов на аеродромот да пречекаме голем транспортен авион Ц-141 со хуманитарна помош.

Откако слетаа, му кажав на пилотот да очекува доаѓање на ВИП личност. Неколку минути подоцна ни се приближи мал џип во кој, на предното седиште, беше Мајка Тереза. Екипажот престана со работата, и подзинати гледаа во неа, за потоа, еден по еден, да клекнат пред Мајка Тереза, која на сите им подели мал брош со ликот на Богородица. Кога се качи во авионот, гледајќи колку е огромен, Мајка Тереза рече дека е премногу голем за да лета. Иако пилотот, ниска жена со црвена коса, ја убедуваше да не се грижи за тоа, Мајка Тереза рече, „сепак ќе го благословам".

Иако не бевме загрижени за техничките можности на авионот, сите и се придруживме во молитвата. Бидејќи во животот не сум имал можност да присуствувам на таква глетка, која многумина доведе до раб на солзи, направив неколку чекори наназад и ја фотографирав. Оттогаш, фотографијата на Мајка Тереза како се моли на влезот на транспортниот авион беше споделена до администраторот на УСАИД, началникот на Генералштабот Колин Пауел и безбројни канцеларии низ светот, како симбол за една нова, човечна и оптимистичка улога на Соединетите Американски Држави, се сеќава амбасадорот Хил.

Снајперистите на Хилари Клинтон

Во својата книга, Хил високо ја оценува работата на Хилари Клинтон, како прва дама, за поттикнување на американските текстилни компании да направат порачки во Македонија. Но, тој упатува и два силни удари врз Клинтон, која е водечки кандидат на Демократската партија за претседателските избори во 2016 година, кои може да ја нарушат нејзината репутација.

Во едниот случај се работи за нејзиното тврдење дека била изложена на снајперски напад при посетата на Тузла за време на Босанската војна. Клинтон ова го кажа за време на кампањата за демократската номинација на изборите во 2008 година, по што од таборот на нејзиниот противник, Барак Обама, ја обвинија дека лаже, и дека имала обична прошетка низ Тузла, без никакви безбедносни закани.

Во својата книга, амбасадорот Хил, кој патувал заедно со Хилари Клинтон, дефинитивно потврдува дека тимот бил подготвуван за можен српски снајперски напад, но дека такво нешто не се случило.

- Додека траеше безбедносниот брифинг во авионот, им објаснив дека, до Бога, слетуваме во воена база со илјадници американски војници во која немало ниту еден инцидент во трите месеци како што се таму. Но, патниците кои го слушаа безбедносниот брифинг имаа впечаток дека ќе треба да трчаат од авионот, преку отворен терен, како да се во "снајперскиот сокак" во Сараево. Се разбира, кога слетавме немаше снајперисти. Се симнавме преку огромна челична рампа предвидена за спуштање тенкови, и не пречекаа група босански деца во традиционални носии. Се надевам дека некое од нив не е снајперист, си реков. Посетата заврши бргу, и сите се качија во Ц-17-ката за летот назад до Германија. Но, од целата посета, како да ја запомнија само заканата од снајперистите, пишува амбасадорот Хил.

Иако, до претседателските избори во САД има уште две години, веќе е во тек кампањата за и против Хилари Клинтон, вклучително за нејзиниот однос кон Русија и повлекувањето од Ирак. Книгата на Хил може одново да го отвори случајот со лажењето дека била нападната од снајпери во Босна, кој Обама успешно го користеше во кампањата против неа во 2008 година.

Дополнително, Хил го опишува своето пристигнување во Ирак, на значајната позиција како американски амбасадор во 2009 година. Клинтон, тогаш државен секретар, која го избра Хил за оваа функција пред генералот Ентони Зини, го посетила Ирак вториот ден од неговиот престој во Aмбасадата. Хил ја опишува професионално организираната посета на секретарката Клинтон, нејзините средби со ирачките политичари и граѓани, за кои вели дека наликувале на предизборен настан, и нејзиното ветување до амбасадорот дека може да и се јави секогаш кога ќе има потреба за тоа.

- Воодушевен и благодарен стоев на крајот на пистата со неколкумина од Aмбасадата, и  мавтавме на секретарката, очекувајќи дека наскоро повторно ќе дојде да не посети. Три месеци подоцна, потпретседателот Џо Бајден ја презема одговорноста за политиката кон Ирак, и Клинтон веќе не се врати, пишува амбасадорот Хил.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Невработена службеничка го прашува директорот:
- Кои се условите да станам ваша секретарка?
- Многу едноставни: сакаш или не сакаш?
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
885.- Во Моравија умре Методиј Солунски, постар...
1587.- Британската флота под команда на адмирал...
1772.- Во Лондон е роден Давид Рикардо, англиски...
1775.- Американската војна за независност почна...