Ездил Нами:

Џабе преговарате со Грција во ОН, нас не „влечат“ веќе 50 години

Брисел, 14 ноември 2014 (МИА) - Преговараме веќе 50 години во Обединетите нации, но Грците со помош на ЕУ не изигруваат, а ќе ја изиграат и Македонија, вели меѓу другото во интервју за МИА, Ездил Нами, министер за надворешни работи на Турската Република Северен Кипар.
 
И покрај тоа што со екс-генералниот секретар на ООН Кофи Анан, кипарските Турци се согласија на договор со своите грчки сограѓани за обединување на Кипар, Грците пред десет години го изиграа договорот и според екс-комесарот за проширување, Ферхојген, со лага и измама го внесоа јужниот дел на Кипар во Европската унија.
 
За проблемите со кои се соочува Турската Република Северен Кипар при негирањето на нејзиното постоење со Резолуција на Советот за безбедност на ООН, за петдецениските преговори со кипарските Грци и нивните тактики, како и за тоа што може да ја очекува Македонија која „само” 20 години преговара под капата на Обединетите нации со Грција, шефот на дипломатијата на Северен Кипар Ездил Нами говори во интервјуто за МИА.
 
 Познато е дека Кипар е поделен на два дела, но сите говорат за другиот дел на Кипар кој е признаен и членка на ЕУ, но никој во меѓународната заедница не сака ниту да говори за ситуацијата во Турската Република Северен Кипар. Има недостаток на информации за приказната на Северен Кипар, како е создадена и како функционира оваа непризнаена држава на европската територија?
 
- Во 60-тите години на минатиот век, Кипар стана независна држава, а дотогаш беше британска колонија. Британците си заминаа и основана е Република Кипар од страна турските и грчките Кипрани. Тоа беше договор за поделба на власта. Но, по три години, политичкото лидерство на грчката заедница на Кипар одлучи да не го почитува договорот за поделба на власта, сакаа истиот да го променат и предизвикаа меѓуетнички конфликт. Тој судир настана во 1974 година, кога паравоените сили на грчките Кипрани организираа државен удар за со сила да го обединат целиот остров кон Грција. Тогаш интервенираше Република Турција и така островот се подели на два дела. Сите Турци кои живееја на Кипар се преселија во северниот дел на островот, додека Грците се преселија на Југот. Оттогаш, јужниот дел на Кипар го предводи грчко-кипарска Влада, а на Северот владее турско-кипарската заедница. Во северниот дел на островот, низ годините турските Кипрани формираа свој парламент, сопствени демократски институции и како и насекаде низ демократскиот свет, ние одржуваме редовни демократски избори.
 
Какво е политичкото уредување на Турската Република Северен Кипар?
 
- Имаме парламентарен систем, не претседателски. Иако имаме и претседател, вистинската моќ е кај премиерот и парламентот.
 
Сепак, само една држава во светот ја признава државноста на вашата земја.
 
- Да, само Турција ја има признато Турската Република Северен Кипар и една третина од буџетот на нашата држава го покрива Република Турција.
 
Зарем е доволна турската помош? Од што ги полните останатите две третини од буџетот на ТРНК?
 
- Наш главен извор на приход, покрај финансиската помош од Турција, е и универзитетскиот сектор, имаме осум Универзитети со повеќе од 60 илјади студенти од целиот свет. Вториот сектор е туризмот и третиот сектор е земјоделството, цитрусни овошја и извоз на грозје, како и производство на млечни производи, како сирење и слично. Значи, сето ова се главни извори на приход. Бројот на населението во нашата држава изнесува околу 400.000 лица и личниот доход по глава на жител изнесува 12.000 американски долари.
 

Еврокомесарот Ферхојген призна дека Грците лажат и мамат
 
- Зошто остатокот од светот лесно ја проголта грчката „вистина” за островот и сите го признаа јужниот дел на Кипар, иако и светската историја потврдува дека сите проблеми на Кипар настануваат со упадот на грчката хунта на островот? Во 1974 година, исто така е неспорно дека Армијата на Република Турција се вмешува со цел одбрана на турското малцинство, поради протерувањата и масовните убиства од страна на грчката хунта, но тоа се гледа како окупација, а не и влегувањето на војниците од Грција? Капак на се и покрај тоа што не исполнуваше ниту еден услов, во 2004 година овој дел од поделениот остров беше примен во Европската унија!
 
- Така е! Се започнува во 1964 година, кога паравоените сили на грчко-кипарската заедница го нападнаа турските Кипрани, при што турско-кипарската заедница претрпе големи човечки загуби. Во тој напад, грчките Кипрани беа четирипати побројни од турските Кипрани! Затоа, крвопролевањето мораше итно да биде сопрено и се донесе Резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации да се испратат мировни сили и да престане да се пролева крвта на турските Кипрани.
 
Грците формираа Влада, која не беше легитимна оти ја претставуваше само едната страна, па во 1974 година, со обидот за државен удар на грчките Кипрани, реагираше турската армија, а ОН формираа “зелена зона” која и денеска го дели островот на Јужен и Северен Кипар. Бидејќи Советот за безбедност се обраќа кон грчко-кипарската администрација како Влада на целиот Кипар, оттогаш, јужниот дел на Кипар е прифатен како легитимна Влада на целиот Кипар и тоа покажува колку нефер се светските политички аранжмани. Ние бевме истиснати со сила на на оружјето, а администрацијата која тоа го стори беше прифатена како легитимна Влада, за потоа да се испратат мировни сили со обезбедена согласност од нивна страна. Тој проблем се уште трае оти целиот свет нив ги признава како легитимна Влада, па дури и успеаја да станат дел од Европската унија, иако пред приемот во Унијата, ние кажавме “да” за обединување на Кипар, а тие кажаа „не”.
 
Во 2004 година, турско-кипарската заедница го прифати планот на Кофи Анан, а грчко-кипарската заедница вети дека ќе го прифати, оти беше пред прием во ЕУ, но ден откако станаа дел од Унијата, рекоа “не”. Тоа не е само нефер однос, туку и дрско пркосење на светската политика и никој не реагираше на ова!
 
- Да. Во тоа време, комесар за проширување на ЕУ беше Германецот Гинтер Ферхојген. Пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, тој тогаш кажа дека грчко-кипарското раководство ја излажало и измамило Европската унија. Па, така тие успеаја и да станат членка на ЕУ. За несреќа, никој не реагираше на ова во 2004 година, а не реагира ниту сега во 2014 година.
 
СБ на ООН го уништи Извештајот на Анан за грчки Кипар
 
Во процесот на проширување е и Република Македонија. Грција не дозволува земјата д аги почне преговорите за членство, иако Европската комисија тоа го бара веќе шест години по ред, само поради тоа што го спорат името на земјата. Во вашиот случај, тие ветија едно, а потоа го прекршија договорот, па Кипар, сепак, стана дел од Унијата пред десет години, но во македонскиот случај, Грците не ни нудат нешто, туку се ригидни во ставот прво да го промениме своето уставно име, а потоа да почнеме преговори за влез во ЕУ и во НАТО. Какво е вашето искуство со Грците, односно какви Ви се сознанијата во однос на тоа кој им ја дава сета сила да го прават тоа што го прават на Македонија, на Турција, на Северен Кипар...?
 
- Тоа е тешко прашање. Фактот дека Грција е веќе членка на ЕУ, кажува многу и е важен фактор. Не сум експерт за македонскиот случај, но во случајот со Турција, има многу земји во Унијата кои се плашат од членство на Турција во ЕУ и не сакаат тоа да се случи, па ги користат грчките Кипрани како алатка да го блокираат пристапниот процес на Турција. Причината е што тие знаат додека постои кипарскиот проблем, Турција нема да може да влезе во Европската унија, па затоа ја поддржуваат Владата на грчките Кипрани. Ја играат оваа игра, со цел кипарскиот проблем да остане нерешен, а турското пристапување кон ЕУ да остане заклучено. За несреќа, како што кажав, ова не е фер, не е врз основа на правдата. Како и да е, повеќето од земјите-членки придонесуваат кон таква нефер политика.
 
Во случајот со Македонија, земјата има јасна одлука на Меѓународниот суд на правдата, дека Грција не може да го блокира членството на државата во НАТО и во било-која друга меѓународна организација, бидејќи на такво нешто се обврзала со Времената спогодба од 1995 година во рамки на Обединетите нации. Но, затоа, пак, Грција постојано ја повикува турско-кипарската заедница да се жали на овој суд за кипарското прашање! Зошто би им верувале во вашито случај, кога во македонскиот и покрај пресудата на највисокиот судски орган на планетата - тие истата не ја почитуваат?
 

- Тоа е дволична политика која јасно се гледа. Тие постојано се обидуваат да го искористат против нас статусот со непризнавањето. Во 2004 година, кога пропадна планот на Анан, тој како генерален секретар на Обединетите нации напиша извештај во кој кажа дека повеќе нема оправдувања да се држи турско-кипарската заедница изолирана од остатокот од светот. И, тој исто така во извештајот ги повикува сите членки на Советот за безбедност на ООН да воспостават мултилатерални и билатерални односи со турско-кипарската заедница. И знаете ли што се случи со тој извештај?
 
Тоа е единствен извештај подготвен од генералниот секретар на Обединетите нации кој не беше ниту дискутиран на Советот за безбедност. Извештајот никогаш не беше ставен на агендата на СБ на ООН, ниту се гласаше за него, туку едноставно, извештајот беше уништен! Тоа е нефер однос што го добиваме и знам дека и Македонија страда од таква дволична политика.
 
Македонија да не се надева многу на Обединетите Нации
 
Што очекувате во случајот со Турската Република Северен Кипар, но и со Република Македонија, во однос на тоа како да ги решат своите прашања со Грците, кога тие не се придржуваат до меѓународните договори што ги прифатиле претходно. Таков беше случајот со Времената спогодба со Македонија. Значи, дури и да направиш договор со нив, потоа не го почитуваат.
 
- Се разбира, нашата желба е да го завршиме конфликтот со грчко-кипарската заедница и да воспоставиме соработка. Но, колку повеќе овие работи се влечат, толку повеќе сте обврзани да барате алтернативни решенија низ светот. Затоа, на пример, ние се обидуваме да создадеме се повеќе и подобри односи со Турција и останатите земји од регионот и со остатокот од Европа. Можеби не преку Европската унија, но на билатерално ниво. Јасно е дека ЕУ, бидејќи постојано ја зазема страната на Грција и на грчките Кипрани, станува се повеќе маргинализирана во регионот и нејзината сила се намалува. Погледнете што се случува меѓу Турција и Европската унија. Односите застанаа и ЕУ не се потпира повеќе на Турција. Има голема потреба од политики на соработка, а Европа тука губи многу поради својот став и голем потенцијал се троши. Тесниот ум на некои од политичките елити овде во Европа е причината за ваквата ситуација.
 
Вие преговаравте со Грците во рамки на Обединетите нации, но и покрај постигнатиот договор, тие истиот го изиграа. Ние, еве веќе 20 години преговараме за наметнатиот спор за нашето уставно име, но нема решение. Дали воопшто може да се постигне договор со Грците во рамки на ООН што тие потоа би го почитувале?
 
- Поставивте тешко прашање. Причината е што ние само што комплетиравме 50 години од преговори со нив во рамки на Обединетите нации. Тоа е половина век и велиме доста е! Ве советувам да не се надевате многу и жал ми е што ова го кажувам. Но, во кипарскиот случај, генералниот секретар на ООН рече дека ова е игра без крај и дека преговорите не може вечно да траат. Се надеваме дека ќе има уште еден последен обид во рамки на Обединетите нации и потоа да заврши целиот овој процес.
 
Ако грчко-кипарското раководство одбива сериозно да преговара со нас, тогаш ова ќе води до колапс на преговорите, па дури и до колапс на иницијативата на ООН за решавање на кипарското прашање, поради што ќе мораме да бараме алтернативни иницијативи. Ако ме прашувате што тоа би можело да биде, денеска немам одговор. Но, факт е дека сме дојдени до крајот на патувањето за нас во рамки на ООН.
 
Рековте дека почнавте да развивате билатерални односи со некои земји во вашиот регион, но со исклучок на Република Турција, ниту една друга земја на светот, се уште ја нема признато Турската Република Северен Кипар. На што се должи ова оти само осмина од земјите во светот се членки на Европската унија, која поради тоа што Грција и Кипар се членки не сака да ве признае. Што е со останатите држави на планетата, зошто тие не го признаваат официјалното постоење на ТРНК?
 
- Секоја земја има сопствени причини. Сигурно, еден од поважните фактори е Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации во која се повикуваат земјите-членки на ООН да не ја признаваат Турската Република Северен Кипар. Затоа, тоа е голем дипломатски проблем за тие земји што би сакале да ги нормализираат своите односи со Северен Кипар.
 
Второ, тука важен фактор за многу земји е и ЕУ-факторот. Тие не сакаат да имаат дипломатски проблеми со Европската унија. Кипар, иако нефер, беше прифатен како нормална земја и во Обединетите нации и во ЕУ, па затоа другите земји се колебаат да признаат независна земја на територијата на Унијата. Азербејџан, на пример, сакаше да иницира директни летови кон нашата земја, но ЕУ им рече дека ако тоа го направат, дека Унијата нема да потпише договор за отворено небо со Азербејџан! Па, така, сега ЕУ стана дел од проблемот, а не дел од решението. Многу земји се плашат да не бидат инволвирани во такви проблеми.
 
Грците имаат тактики на преговарање за да одолговлекуваат, барајте други алтернативи
 
Доаѓаме до Косово. Нивниот парламент изгласа Декларација за независност од Србија што беше прифатена и во моментов иако не се членка на Обединетите нации или на Европската унија, сепак се широко признати од голем број на големи светски држави, како на пример САД и Велика Британија, па дури и почнаа процес на приближување кон ЕУ иако не се признати од пет членки. Зошто остатокот од светот ја прифаќа оваа Декларација за независност на Косово, но не и на Турската Република Северен Кипар и што е разликата меѓу двете?
 
- Во случајот со Косово, таа држава произлезе од колапсот на Југославија и мислам дека тоа беше битка меѓу САД и Русија на европско тло и беше резултат на балансот на реал-политиката. Но, во случајот со Кипар, историскиот развој беше поинаков, а и никогаш Обединетите нации не донесоа Резолуција за непризнавање на Косово, што го направија во случајот со ТРНК. Тоа се два различни случаи.
 
Која е вашата порака до македонскиот народ, со оглед на тоа што се чувствува заморот од проширувањето на ЕУ, што пак предизвика замор во македонското општество од постојано чекање. Тоа е случај и со влезот на Македонија во НАТО. Плус, на вас, ООН ви вели да го решите случајот преку ЕУ со нивната земја-членка, а на Македонија, Унијата и вели да се договори со нивната членка преку Обединетите нации. Се разбира, вашата држава е во далеку полоша ситуација, па како шеф на дипломатијата на земја што е еден од најголемите страдалници на светската сцена, што сметате дека Македонците би требало да направат за да не падне духот и желбите за членство во најголемите воено-политички организации на светот?
 
- До македонскиот народ и одбраните политички власти во вашата земја е да одлучат во кој правец е најдобро да се движи земјата. Од нашето искуство, јас не би се потпирал многу на Обединетите нации и нивните преговарачи. Сепак, факт е дека ЕУ и меѓународната заедница се однесуваат неправедно кон Македонија, а Грците, пак, имаат извонредни тактики на преговарање со подместување, одложување, запирање, уценување и ред други работи.
 
Едноставно, треба да размислите дали треба да чекате и да бидете уценувани за прием во ЕУ и НАТО. Македонија е една горда земја, со длабока и долга историја со која секој во светот би се гордеел и треба да си го чувате тој углед. Плус, вие сте членка на Обединетите нации, признати од целиот свет, а дури и со уставното име Република Македонија сте признати од две третини од земјите на планета. Не верувам дека нешто ќе се договорите со Грците во рамки на Обединетите нации и можеби е подобро да се концентрирате на билатералните односи со земјите во светот, зацврстување и продлабочување на истите, да ги следите светските текови и да обезбедите добри услови за економски инвестиции, што знам дека го имате со владината политика на вашата земја.
 
Имате многу пријатели во светот, светот е голем и нуди многу можности за соработка. Меѓу најголемите пријатели ви е Турција, па искористете го тоа за да ги направите условите за живот на македонскиот народ подобри, да создадете силна економија и да не зависите од оние кои ве уценуваат.
 
Биографија на Ездил Нами

Ездил Нами е министер за надворешни работи на Турската Република Кипар од 2013 година. Пред 47 години, тој е роден во Лондон како дете на кипарски емигранти. Има дипломирано за бизнис-администрација на Универзитетот во Истанбул, а магистрирал на истата тема на славниот Универзитет “Беркли” во Калифорнија (САД). Од 1999 година, Нами започнува со политички ангажман во рамки на ТРНК, каде најпрво бил советник на тогашниот претседател Рауф Бенкташ, а потоа бил претставник на Северен Кипар во Парламентарното Собрание на Советот на Европа (2004-2008), специјален претставник на претседателот Талат во преговорите водени од Обединетите нации за решавање на кипарското прашање (2008 - 2010)и потпретседател на Комитетот на ЕУ за хармонизација во Собранието на Турската Република Северен Кипар.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Невработена службеничка го прашува директорот:
- Кои се условите да станам ваша секретарка?
- Многу едноставни: сакаш или не сакаш?
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
885.- Во Моравија умре Методиј Солунски, постар...
1587.- Британската флота под команда на адмирал...
1772.- Во Лондон е роден Давид Рикардо, англиски...
1775.- Американската војна за независност почна...