Трет конгрес на ДОМ, Поповска повторно избрана за претседател Скопје, 21 декември 2014 (МИА) - Демократската обнова на Македонија денеска го одржува третиот конгрес. Лилјана Поповска, повторно со акламација беше избрана за претседател на партијата за наредните четири години.
- ДОМ има силен мотив да го јакне својот идеолошки профил и организационен капацитет како зелена партија. Зашто зелените имаат одговорна мисија во земја со костури од стари комбинати, без современи системи за управување на отпад и води и без целосна контрола на загадувањето од секаков вид, рече Поповска.
Партијата, рече таа, треба истовремено да работи и на стручен план, изнаоѓајќи решенија за проблемите, но и на подигање на еколошката свест кај граѓаните и политичарите.
- Ова второво е најефикасно со самостојни изборни настапи, па ДОМ веднаш по Конгресот започнува со подготовка за следните локални избори 2017, најави Лилјана Поповска.
На Конгресот беше усвоена новата Програма 2014-2018, во која се истакнати основните цели и заложби на партијата: јакнење на партијата на внатрешен план, јакнење на нејзиното политичко влијание и нејзино формално етаблирање во семејството на европските зелени партии.
Конгресот усвои и две Резолуции: за Македонија без ГМО храна и за подобрување на местото и положбата на младите во општеството.
|