Deutsche Welle

Казната за Кежаровски - казна за македонското новинарство!

Немаме намера да се помириме со пазарџиското однесување на Судот на сметка на нашите права и слободи, порача претседателот на ЗНМ, откако Апелацискиот суд пресуди две години казна затвор за новинарот Томислав Кежаровски

Скандалозна пресуда! Вака во медиумската заедница ја оценуваат пресудата на Апелацискиот суд за новинарот Томислав Кежаровски, уапсен во акцијата „Ликвидација“ за случајот „Ореше“, а објавена вчера попладне, иако беше донесена пред повеќе од еден месец. Со правосилна пресуда тој е осуден на две години затвор, а времето што го помина во затворски и во домашен притвор му се пресметува во казната. Со тоа, до крајот на казната му остануваат три месеци и десетина дена. Претходно, Кежаровски, кој се товареше дека открил идентитет на заштитен сведок, беше осуден на 4,5 години затвор. Процесот против новинарот досега предизвика многубројни реакции од меѓународни организации и новинарски здруженија, а стана и главна „илустрација“ за медиумските слободи во Македонија во релевантни меѓународни извештаи.

Кежаровски е невин!

Тамара Чаусидис, претседател на новинарскиот Синдикат и член на Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски, вели дека пресудата по сите основи е неприфатлива.

„Независно што е намалена казната, останува фактот дека новинар е осуден за непостоечко дело, дека новинар е притворен и осуден затоа што во текст објави вистина. Тој објави дека полицијата прави манипулација со заштитен сведок, нешто што самиот лажен сведок неколку пати го потврди и во јавноста и пред судски органи. Значи Томислав Кежаровски е невин. Новинар е уапсен пред камери, држен во притвор и правосилно осуден за напишан текст во кој укажува на злоупотреба од страна на оние кои ја имаат моќта, што е суштината на новинарството како професија. Оттаму, потврдената казна за Кежаровски е казна за македонското новинарство“, децидна е Чаусидис.

И претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани, смета дека пресудата за Кежаровски е казна за слободата на новинарите и на медиумите.

„Европскиот суд за човекови права во Стразбур смета дека казна затвор против новинар, освен за говор на омраза и поттикнување на насилство, е прекумерна мерка и ги одвраќа новинарите да истражуваат за прашања од јавен интерес. Пресудата е апсурдна, бидејќи прогласувањето на заштитениот сведок се случува една година откако Кежаровски ги објавил неговите текстови. Ако тука има вина, тогаш таа е на обвинителството и полицијата. Како е можно да прогласиле за заштитен сведок лице кое претходно било компромитирано?! Заради сите овие причини се сомневам дека оваа одлука е политички мотивирана. Власта со неа сака да направи урамниловка во стилот 'ем волкот сит, ем овците на број'. Кежаровски да се казни, а останатиот дел од казната од три месеци да го одлежи во домашен притвор. Немаме намера да се помириме со ваквото пазарџиско однесување на судот на сметка на нашите права и слободи. Казната затвор за Кежаровски треба да ги застраши сите македонски новинари и да ги одвраќа од намерата да истражуваат за злоупотребите на јавните институции. Ако власта имала таква намера, тогаш не ја постигна целта. Не се исплашивме и како никогаш порано сме солидарни со нашиот колега. За нас слободата на Кежаровски е безусловна. Таа е и наша слобода. Ние сите сме Кежаровски!“, порачува Селмани.

Анкетна Комисија за случајот

Разочарување го исполни вчера домот на Кежаровски, каде Томислав неколку месеци е во домашен притвор. Неговата сопруга Марина е изненадена од пресудата.

„Шокирана сум. По сите докази и аргументи, по сите домашни и меѓународни реакции и барања за негово ослободување, ова навистина не го очекував“, вели таа. Фактот дека од казната затвор за Кежаровски остануваат нешто повеќе од три месеци, никој не ја смета за каква било „сатисфакција“. А само неколку часа пред објавувањето на пресудата, лидерот на владејачкиот Демократски Сојуз, Павле Трајанов, најави „иницијатива во Собранието за формирање ад-хок Анкетна Комисија, во врска со случајот 'Кежаровски', против кој се води постапка од мај 2013 година, а сè уште нема конечна одлука“.

Дали објавувањето на пресудата сега ќе биде причина за повлекување на оваа иницијатива?

Не, напротив, денеска ќе ја доставам до Собранието, вели Трајанов.

„Парламентот има мандат да расправа за случаи во кои се кршат основните човекови права и слободи. Во овој случај, обвинението е засновано на докази обезбедени преку кршење на закони, што е спротивно на Законот за кривична постапка и врз такви докази не може да опстои обвинение. Против Томислав Кежаровски има обвинение дека објавил податоци за заштитен сведок, за кој се покажа дека бил мотивиран-присилен на соработка со Судот, што е спротивно на Законот за заштита на сведоци и Законот за кривична постапка. Тој 'сведок' подоцна и самиот јавно призна дека бил подготвуван лажно да сведочи. Затоа Анкетна комисија треба да ја разгледа улогата на сите инволвирани во тој случај и да предложи постапка за утврдување на одговорноста“, категоричен е Трајанов.

Другите партии во власта не ја коментираа пресудата за Кежаровски. Таа наиде на жестока критика од опозицискиот СДСМ.

„Партизираното судство, преку одлуката на Апелацискиот суд направи уште една повреда на човековите права и уште еден сериозен удар врз уставно загарантираното право на слобода на изразување. Одлуката е врв на нехуманиот, нечовечки и нецивилизиран однос кон новинарот Томислав Кежаровски, што почна со долгомесечниот притвор, продолжи со одложувањето на изрекувањето на судската пресуда, за да заврши со затворска казна. Изрекувањето вакви пресуди, против новинар, посебно во услови на контроверзни докази и сведоци, нанесуваат сериозни последици врз слободата на изразување и дополнително ја влошуваат сликата за Република Македонија, која токму поради ова се најде во повеќе светски извештаи, за време на владеењето на Никола Груевски“, критикуваа социјалдемократите.

Три прашања за правдата

Организациите за човекови права имаат серија забелешки и за непочитувањето на законските рокови во судската постапка. Од Хелсиншкиот Комитет (ХК) за човекови права на Македонија потсетуваат дека и второстепениот и првостепениот суд неколкукратно го надминале рокот за доставување на одлуката. Според член 405, став 2 од претходниот Закон за кривичната постапка (по кој се води овој предмет), ако обвинетиот е во притвор, второстепениот суд е должен својата одлука со списите да ја достави до судот од прв степен најдоцна во рок од 45 дена од денот кога ги примил списите од тој суд. Двата суда ги надминаа роковите за изготвување и достава на нивните одлуки, вкупно, речиси за десет месеци. Според ХК, ако двата суда постапуваа во согласност со законот второстепената пресуда мораше да биде позната во март 2014 година.

„Овој случај отвора три сериозни прашања за правдата во Македонија: Дали одолговлекувањето на постапката претставуваше свесна активност со цел новинарот Кежаровски казната да ја издржи во притвор, вклучително и домашен притвор? Второ, која е причината поради која јавното обвинителство не спроведе истрага за проверка на тврдењето на заштитениот сведок дека полицијата извршила незаконито влијание преку фабрикување на неговото сведочење? Трето, дали македонското правосудство, во услови кога слободата на медиуми и слободата на изразување се сериозно загрозени, може да ја исполни својата општествена улога на заштитник на правата на граѓаните кои откриваат незаконито вмешување на извршната во судската власт или и таа власт испраќа уште една порака за замолчување и цензура на сите оние што имаат критички став и мислење?“, прашуваат од ХК.

Одговори на овие прашања ќе побараат претставници на Здружението на новинари на Македонија, на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и на Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски. Тие најавија дека денеска во 11 часот пред Судот ќе го го искажат револтот против ваквата пресуда.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Жена чека пред телефонска говорница да заврши човекот пред неа, меѓутоа поминуваат 10 минути, а тој не само што не отстапува, туку само седи со слушалката на уво и ништо не...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
СОСТОЈБА: Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. Во западните делови од државата, на повисоките места се бележат врнежи од снег, но...
Верски календар
На денешен ден
- Денеска е Светски ден на книгата и авторското...
1564.- Во Стратфорд е роден Вилијам Шекспир,...
1616.- Во Мадрид умре Мигуел де Сервантес,...
1792.- Создадена е француската химна "Марселеза"...