Вести / Свет
Најмалку 80 загинати при серија експлозии во Индија
Њу Делхи, 13 мај (МИА) - Најмалку 80 лица загинаа, a над сто се повредени денеска при експлозии на шест бомби во градот Џајпур во северозападната индиска сојузна држава Раџастан, соопшти раџастанскиот премиер Васундара Раџе Скиндиа.
- Имаме информација дека 80 луѓе загинаа. Еден осомничен е уапсен, а истрагата продолжува, изјави министерот за внатрешни работи на Раџастан, Гулаб Чанд Катарија.
Експлозиите одекнале во интервал од неколку минути. Тие се случиле на неколку локации во густонаселни делови на Џајапур, меѓу кои и на неколку пазари, трговскиот дел на старото градско јадро, како и пред еден хиндуистички храм во кој биле собрани поголем број верници на молитва.
- Тоа претставува терористички напад, изјави директорот на локалната полиција Амарџот Синг Гул.
Поради нападите, индиските власт ја зголемија борбената готовност на полициските сили во двата најголеми града во Индија, Њу Делхи и Мумбај (поранешен Бомбај).
Џајпур, кој се наоѓа на околу 260 километри западно од Њу Делхи, е популарна туристичка дестинација за индиските, но и за странските туристи што ја посетуваат Индија.
|
|