Сенаторите демократи вршат притисок врз Саудиска Арабија да го зголеми производството на нафта
Вашингтон, 13 мај (МИА) - Група сенатори-демократи денеска се заканија дека ќе ја блокираат мултимилионската зделка за испорака на американско оружје за Саудиска Арабија, доколку Ријад не го зголеми производството на нафта и на тој начин директно помогне за намалување на цената на енергенсот.
Сенаторите приложија резолуција со забелешки на договорот за испоракана оружје, во мигови кога претседателот Џорџ Буш се подготвува да го посети Кралството, делумно поради растечките цени на нафтата на светските берзи.
- Им порачуваме на Саудијците дека, доколку вие не ни помагате, зошто ние би ви помагале вас, изјави сенаторот од Њујорк, Чак Шумер. „Ние велиме дека ни е потребно олабавување, и тоа итно. Вам ви треба нашето оружје, но нам ни е потребна вашата соработка, за да не се задушуваат американските потрошувачи“, додаде тој.
Резолуцијата, за која се очекува брзо да биде претставена пред Сенатот, има за цел забрана на големата испорака на оружје за Саудиска Арабија, доколку Ријад не се согласи да го зголеми производството на нафта за милион барели дневно.
Шумер изјави дека таквото зголемување на производството би можело да ја намали цената на бензинот на американските бензиски пумпи за 50 до 75 центи од галон.
- Ние го губиме богатството. Нашата економија слабее. Тоа ни е приоритет број еден, а не да испорачуваме софистицирано оружје за Саудијците, додаде сенаторот Шумер.
САД минатата година на Саудиска Арабија и на државите од Заливот им вети оружје во вредност од 20 милијарди долари, како дел од регионалната програма насочена за неутрализирање на заканите што ги претставуваат Сирија и Иран, либански Хезболах и Ал Каеда.
|