
|
 |
Вести / Свет
Раст на цената на нафтата на светските берзи
Сингапур, 16 мај (МИА) - Нафтата поскапе денеска на азиските берзи, како резултат на намалувањето на глобалните залихи на енергенсот и шпекулативните тргувања на дилерите.
Американската лесна нафта за испорака во јуни поскапе за 93 центи на 125,05 долари за барел, што е речиси за два долари пониска цена од рекордните 126,98 долари за барел остварена во вториникот.
Цената на европскиот брент од Северното Море за достава во јули се зголеми за 62 центи на 123,25 долари за барел. Синоќа на затворањето на Берзата во Лондон, оваа нафта, но за јунска испорака, се продаваше за 122,77 долари за барел.
Според енергетскиот аналитичар на консултатската агенција „Парвин и Герц“, Виктор Шум, продлжува тенденцијата на раст на цените на нафтата, во услови на оскудност на глобалниот нафтен пазар.
- Побарувачката на нафта покажува тенденции на намаување, но нема информации дали тоа значи дека нафтените резерви се зголемиле, наведува Шум, додавајќи дека Организацијата на државите извознички на нафта (ОПЕК) и натаму одбива да го зголеми своето дневно производство на енергенсот.
Според него, нафтениот пазар е под влијание и на шпекулативните тргувања од страна на дилерите, кои купуваат нафта кога нејзината цена ќе се намали.
- Инвеститеорите се ориентираат кон нафтата, бидејќи тргувањето со неа е поисплатливо откоклку купувањето на валути или обврзници... Тие парите ги насочуваат таму каде што има можност за поголема заработка, а нафтата нуди подобар профит, смета Шум.
Според него, на денешниот раст на цената на нафтата влијание има и вчерашната експлозија на еден нафтовод во Нигерија, при што загинаа околу сто лица.
Шум смета дека на пазарот постои тенденција за одржување на цената на нафтата над 120 долари за барел, но темдемција да не се дозволи нејзино зголемување над 130 долари.
- Во следниот период (нафтата) ќе се продава во рамките меѓу 120 и 130 долари, оценува Шум.
ОПЕК, која обезбедува 40 отсто од светските нафтени потреби, и натаму одбива да го зголеми дневното производство на нафта со образложение дека високите цени не се последица на недостиг на енергенсот на пазарот, туку на успорениот економски раст во индустриските земји, пред се во САД.
Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) процени дека во следните месеци ќе претстои намалување на дневната побарувачка на нафта за 390.000 барели на 86,8 милиони барели.
Од почетокот на годината, кога нафтата чинеше околу 100 долари за барел, нејзината цена е зголемена за над 25 отсто. Некои аналитичари проценуваат дека во следните месеци нафтата би можела да поскапи и до 200 долари за барел. сп/9:26
###
МИА БИЗНИС - СВЕТ
16 мај
Лондон/Франкфурт - Онјавените податоци за забележаниот стопански раст во евро зоната во текот на првиот квартал од годината, резултираше со умерен раст на вредноста на еврото на светските берзи, додека европските и другите глобални индекси на акции главно стагнираа. Еврото зајакна во однос на доларот 0,4 отсто на Лондонска берза, откако беше објавено дека стопанството во евро зоната во првото тромесечје оствари раст од 0,7 отсто, во споредба со последниот квартал во 2007 година.
Лондон - Цената на златото на светските стокови берзи порасна, бидејќи новиот пад на курсот на доларот во однос на еврото го зголеми интересот за злато. На Лондонската берза златото за испорака веднаш поскапе за 2,63 долари долари на 866,63 долари по унца (31 грам), откако цените на златото од почетокот на неделата падна за 2,1 процент.
Љубљана - Најголемото словенечко трговско претпријатие „Меркатор“ во првиот квартал од оваа година оствари приход од 611 милиони евра, што е за 13,8 отсто повеќе од истиот лански период, соопшти компанијата. Остварената нето заработка во првите три месеци од оваа година изнесува 9,3 милиони евра и е поголема за 15,6 отсто отколку во истиот период во 2007 година и е за 23 отсто повисока од планираното.
Вашингтон - Потрошувачките цени во САД во текот на април се зголемени за 0,2 отсто, соопшти американското Министерство за труд. Зголемувањето на цените е помало од очекувањата на аналитичарите и пониско од мартовскиот раст кој беше 0,3 отсто и покрај поскапувањето на храната, наведено е во соопштението на статистичката служба на Министерството.
Москва - Русија во модернизација и изградба на нови хидроелектрани до 2011 година ќе вложи 1,1 билиони рубљи (46,2 милијарди долари), а сегашниот капацитет од 25 гигавати до 2020 ќе се зголеми за 43 отсто. Со растечките цени на енергетските суровини, хидроенергијата станува најрентабилна во производство на струја и за Русија која е богата со нафта и гас.
Вашингтон - Американскиот милијардер Карл Ајкан, најверојатно планира да спроведе акција за да влезе во Управниот одбор на домашниот Интернет пребарувач „Јаху“, објави американската ТВ станица Си-Ен-Би-Си.
Пекинг - Кина во април увезла најмногу бензин во последните две години, додека увозот на дизел беше дури 17 пати поголем во однос на истиот период лани, што е резултат на обидот да се намали недостигот на гориво во земјата, соопшти денес Кинеската општа царинска управа.
Будва - Сингапурската компанија „Аман Ризортс“ ќе вложи 77 милиони евра во реконструкција на туристичкиот комплекс Свети Стефан и хотелот „Милочер“, како и во изградба на хотелот „Кралска плажа“ во Милочер, соопшти претседателот на бордот на директори на оваа компанија Андријан Зека.
Париз - Растот на француското стопанство лани беше поголем по првичните проценки, соопшти владината статистичка агенција ИНСЕЕ. Податоците на ИНСЕЕ покажуваат дека францускиот бруто домашен производ минатата година е зголемен за 2,2 отсто во споредба со 2006 година, наспроти претходно проценетите 1,9 проценти.
Москва - Рускиот премиер Владимир Путин вети даночни олеснувања за нафтените компании со намалување на данокот за експлоатација на природните ресурси во недостапните региони. Путин потенцираше дека проектот за даночните преференси за нафташите е веќе изготвен и треба да се достави до Државната дума на усвојување.
Детроит - Американскиот „Форд“ соопшти дека повлекува повеќе од 650.000 доставни возила пик-ап Ф-150 и камиони „Линколн“ поради проблеми со системот за кочење, што може да предизвика губење на сила при закочување. Повлекувањето се однесува на моделите пик-ап Ф-150 и камионите „Линколн ЛТ“ од продажната 2005 и 2006 година опремени со мотори со зафатнина од 54 литра.
Лондон - Британскиот престолонаследник, принцот Чарлс апелираше да се запре сечата на тропските шуми, бидејќи според него шумите се најголем заштитник од последиците од климатските промени. Мора да се најдат механизми со кои на сиромашните земји би им се плаќало за да запрат со сечата на тропските шуми кои претставуваат „систем на еркондишен“ за Земјата, изјави принцот во интервјуто за Би-Би-Си.
Москва - Рускиот премиер Владимир Путин одобри изградба на втора линија на Балтичкиот нафтоводен систем (БТС-2) со крајна дестинација во Уст Луга и огранок до рафинеријата во Киришк. Русија и натаму „во полн обем“ ќе ги исполнува своите обврски кон потрошувачите на енергенси, но во исто време е должна соодветно да реагира на преголемите апетити на своите партнери кога се во прашање цените на транзитот или несанкционираното земање на руски суровини, рече Путин во местото Уст Луга, близи Санкт Петербург.
Виена - Австрискиот бруто домашен производ (БДП) во текот на првото тримесечје беше поголем од очекуваниот, соопшти виенскиот Институт за економски истражувања (ВИФО). Податоците на ВИФО покажуваат дека во првиот квартал е остварен раст на БДП од 3,5 отсто, пресметано на годишна основа. Во однос на претходното тримесечје стопанскиот раст исто така беше солиден - 0,8 проценти.
Мадрид - Акциите на шпанската авиокомпанија „Иберија“ последните месеци паднаа за 40 проценти поради острата конкуренција од евтините превозници и отварањето на брзата железничка врска меѓу Мадрид и Барселона. „Иберија“ не успеа да ја зголеми пополнетоста на капацитетите, а поради силната конкуренција од страна на дисконтните превозници, не смееше ни да ги зголеми цените на картите со што би ја надоместила загубата од пораснатите трошоци за горивото, оценуваат аналитичарите.
Атина - Грчката Влада по двомесечните преговори се согласи на најголема европска телекомуникациска компанија, германската „Дојче телеком“, да и продаде уште три отсто од грчкиот телеком ОТЕ, која го зазема првото место на Балканот. Грчката Влада на „Дојче телеком“ дополнително ќе и продаде три отсто акции по цена од 29,75 евра по акција, што вкупно претставува 442,3 милиони евра, на конференцијата за печатот изјави министерот за финансии Јоргос Алогоскуфис.
Будимпешта - Унгарската компанија „Раба“, која со делови за возила ја снабдува „Катерпилер“, соопшти дека значително го зголемила својот профит во првото тримесечје оваа година, благодарение на порачките од поголем број компании меѓу кои е и „Дир“.
Вашингтон - Лековите против мигрена, вклучувајќи ги „имитрекс“ на компанијата „Глаксо Смит Клајн“ и „максалт“ на компанијата „Мерк“, предизвикаа фатални реакции кај најмалку 11 случаи, стои во првиот американски извештај за дејството на овие лекови на лицата кои со овие лекови не примаат и антидепресанти.
Рим - Привремено вработените мажи не се загрижени само за тоа како да ги платат сметките, туку често и за импотенцијата, предупредува еден од водечките италијански уролози. Директорот на Уролошката клиника во Фиренца, Марко Карини тврди дека отсуството на редовното вработување младите луѓе ги изложува на ризик било од ефективна дисфункција или прерана ејакулација.
Токио - Јапонската „Тојота“, најголем производител на возила во светот, објави дека до крајот на април вкупно продала повеќе од милион хибридни возила „пријус“ откако пред 10 години овој модел се најде на пазарот. „Пријус“, првиот хибриден автомобил на бензин и електричен погон, кој сериски почна да се произведува во светот, на пазарот во Јапонија се појави кон крајот на 1997 година, а на останатите пазари во 2000 година.
Рио де Женеиро - Бразилската државна нафтена компанија „Петробрас“ изнајми околу 80 отсто од вкупниот број нафтени платформи за длабоки подводни наоѓалишта во светот, за да истражи некои од потенцијално најголемите нафтени откритија во Западната хемисфера во последните неколку децении.
Визбаден - Во првиот квартал Германија оствари поголем стопански раст од очекуваниот, соопшти државниот Завод за статистика од Визбаден. Податоците на германската статистика покажуваат дека во текот на првото тримесечје е остварен раст на стопанството од 1,5 отсто, во споредба со последниот квартал минатата година. Ова е највисоката стапка на кварталната економска експанзија во изминатите 12 години.
Минхен - Германскиот „Фолксваген“ ќе го произведува спортското теренско возило „кајен“ на „Порше“ во новата фабрика во САД која треба да биде отворена во 2010 година, пишува деловниот весник „Ханделсблат“. Портпаролот на „Фолксваген“ Андрес Мојрер не демантираше дека ќе започне производство на возилото на „Порше“ во САД.
Лозана - По конкурентноста, оваа година Русија се спушти од 43 на 47 место на листата на 55 водечки економии во светот, наведуваат истражувачите на швајцарското деловно училиште ИМД во Лозана, во годишниот извештај за „Конкурентноста во светот во 2008 година“. Под конкурентност на една земја ИМД подразбира способност на државата за создавање и одржување клима во која се создаваат конкурентни компании.
Москва - Русија ќе увезува разна стока од САД, вклучувајќи говеда, свињи и коњи од прочуени раси и тркачки коњи, изјави американскиот секретар за земјоделство Ед Шефер. - Одлуката на Русија е да отвори нов пазар за американските сточари, рече Шефер.
Москва - Францускиот „Рено“ кон крајот на идната година во московската фабрика „Автофрамос“ ќе почне да произведува уште еден модел на возило - „Сандеро“, се наведува во соопштението на компанијата. Производството на автомобилот „Сандеро“ е планирано во новите производствени капацитети на „Автофрамос“ кои следната година двојно ќе се зголемат на 160.000 возила годишно.
Брисел - Стопанскиот раст во евро зоната во текот на првото тримесечје е зголемен во однос на последниот квартал минатата година на 0,7 отсто, што е за 0,2 проценти над очекувањата на економистите, објавено е во Брисел. Добрата стопанска експанзија во 15-члената евро зона пред се е последица од силниот стопански раст во Германија, чие стопанство во регионот е најмоќно.
Прага - Чешката електро-енергетска компанија ЧЕЗ во првото тримесечје оствари нето профит од 15,7 милијарди круни (973,3 милиони долари), што е за 21,2 отсто повеќе во однос на истиот период лани, соопшти компанијата. Истовремено приходите се зголемени за 10,2 отсто на 48,6 милијарди круни (три милијарди долари), а добрите резултати во најголема мера се резултат на растот на потрошувачката и цените на електричната енергија. вз/
###
ОН: Глобалниот економски раст годинава ќе изнесува 1,8 проценти
Њујорк, 15 мај (МИА) - Во најновиот извештај на Обединетите нации за глобалниот економски раст во 2008 година се проценува дека тој ќе изнесува 1,8 проценти, наместо како што беше предвидено во јануари годинава - од 3,4 отсто.
Во извештајот се наведува дека развиените земји годинава можат да очекуваат економски раст од околу пет проценти, иако минатата година тој изнесуваше 7,3 отсто. ОН предвидува економскиот раст в година да изнесува 4,8 проценти.
ОН наведуваат дека ако САД ја поттикнат монетарната и фискалната економија во 2008 година, глобалниот економски раст може да изнесува 2,8 проценти.
|
|
|
 |
|
![]() |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|