
|
 |
Вести / Свет
Израел и Сирија преговараат за Голанската висорамнина, тврди израелското воено радио
Ерусалим, 4 јули (МИА) - Во последната трета рунда од индиректните израелско--сириски преговори, што се одржаа вчера со посредништво на Турција, се разговараше за иднината на Голанската Висорамнина, која е под контрола на Израел од 1967 година, јави денеска израеското воено радио, повикувајќи се на извори во турското Министерство за надворешни работи.
Според радиото, Сирија тврди оти во текот на преговорите добила уверување за целосно повлекување на израелските сили од Голанската Висорамнина, која Израел ја анектираше во 1981 година.
Израелскиот премиер Ехуд Олмерт неодамна најави дека Израел е подготвен на големи отстапки за постигнување мир со Сирија, што во израелската јавност беше протолкувано како подготвеност за повлекување од стратегиски важната Голанска висорамнина.
Меѓутоа, евентуалното повлекување на израелските сили од Голанската Висорамнина ќе биде усложнето со новиот закон чие усвојување е во тек во Кнесетот, а со кој се предвидува евентуалната отстапка на територии од страна на Израел да биде одобрена со двотретинско мнозинство од страна на Парламентот или пак на референдум.
Според последните анкети на јавното мислење, мнозинството Израелци се противат на повлекување на израелските војници од Голан.
Израелското воено радио наведува дека Израел од своја страна инсистира Дамаск да се дистанцира од Иран, да го осуди тероризмот и да престане со поддршка на палестинското радикално Исламско движење на отпорот (ХАМАС) и на либанскиот Хејзболах.
Радиото цитира изјави на израелските претставници во преговорите Шалом Тургеман и Јорам Турбовиц кои тврдат дека иако е постигнат напредок во разговорите сепак има значителни разлики во позициите на двете страни.
Олмерт синоќа изјави дека проблемите кои постојат меѓу Израел и Сирија „не се толку сложени, колку што изгледаат“.
Според него, во најскоро време ќе биде неопходно отпочнување на дирекни разговори меѓу Израел и Сирија. - Со Сиријците разговараме многу сериозно и според мое мислење овие преговри наскоро ќе треба да станат дирекни... Во иднина тие нема да можат да продолжат на начинот на кој сега се водат, нагласи Олмерт.
Претставник на Владата на Турција соопшти дека израелско-палестинските преговори, што се водат во Истанбул, минале во „конструктивна и позитина атмосфера“ дека двете страни се договориле за одржување четврта рунда индирекни преговори кон крајот на јули. - За време на таа средба двете страни ќе решат дали ќе преминат на дирекни преговори во текот на август, изјави турскиот владин претставник.
Во меѓувреме просириското палестинско движење ХАМАС најави дека ќе ги прекине преговорите за ослбодовување на израелскиот војник Гилат Шалит, кој неговите припадници го киднапираа пред две години, затоа што Израел ги блокира граничните премини кон Појасот Газа.
Израел денеска по трет пат оваа недела ги затвори граничните премини за транспорт на стока кон Појасот Газа, откако вчера од оваа палестинска територија беше истрелана ракета врз пограничниот град Сдерот.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|