САД со признавањето на Косово ги загрозија односите со Русија, смета американски аналитичар
Вашингтон, 27 август (МИА) - Американската администрација не е свесна колкава штета причини на односите со Русија кога ја призна независноста на Косово, изјави американскиот надворешнополитички аналитичар Луелин Кинг.
- Администрацијата не може да разбере каква штета им причини на односите со Москва со брзото признавање на независноста на Косово, а на друга страна покажува слепа лојалност кон грузиската Влада, што доведе до некои непромислени работи, истакна Кинг во интервју за „Гласот на Америка“.
Грузија очевидно верувала дека САД ќе ја заштитат, што, според Кинг, „било илузија“, бидејќи Вашингтон ниту во еден момент немал намера да влезе во војна со Русија поради оваа поранешна советска република.
Тој оцени дека кога станува збор за Србија, за неа во САД „се размислува во поголем дел во контекст на Русија, и сега по грузиската криза работите изгледаат уште полошо“.
На прашањето дали можат да се очекуваат промени во американската надворешна политика по претседателските избори во ноември, Кинг одговори дека демократскиот кандидат Барак Обама најверојатно би имал малку посмирувачки пристап, пред се во односите со Русија, додека републиканецот Џон Меккејн би заземал поостар став кон Москва и кон блискоисточните прашања.
|