Евакуирани повеќе од два милиони луѓе поради поплави во Индија
Њу Делхи, 27 август (МИА) - Повеќе од два милиони луѓе денеска се евакуирани, а околу 250 илјади домови се уништени во поплавите кои го зафатија источниот дел на Индија, што може да се смета за најлош период во последните 50 години, соопштија индиските власти.
Реката Коси во Бихар, една од најсиромашните индиски држави, минатата недела ја проби браната, при што загинаа околу 50 лица, а беа поплавени стотици села.
Од почетокот на сезоната на монсунските дождови во јуни, во Јужна Азија загинале повеќе од илјада луѓе, најголем број во северната индиска држава Утар Прадеш.
Некои научници сметаат дека поплавите предизвикани од монсунските дождови се резултат на глобалното затоплување, додека други сметаат дека локалните власти не направиле доволно при превентивата.
|