„Фајненшел тајмс“: Кина може да има најголема полза од кавгата меѓу Русија и Западот (РПТ)
Лондон, 28 август (МИА) - Кина би можела да има најголема полза од сегашната расправија меѓу Русија и Западот, пишува „Фајненшел тајмс“, објаснувајќи дека Пекинг навистина не бил премногу несреќен кога дојде до грузиско-рускиот судир, но потегот на Москва, со кој таа ги призна сепаратистичките провинции Абхазија и Јузна Осетија, како независни држави, може да го измени кинеското расположение.
Како што јави дописникот на МИА од Лондон, Кина досега не го коментираше премногу судирот под Кавказот, што почна во моментот на отворањето на Олимписките Игри, но дека конфронтација од низок интерес меѓу САД и Русија се вклопува во кинеските краткотрајни стратешки интереси.
Кинеската дипломатија е загрижена поради тоа што слабеењето на американското стопанство и податокот дека Кина е веќе сега најголемиот загадувач и создавач на јаглен двооксид во светот, би можело да поттикне определни групации во САД да се здружат против неа, со насочувањето на критиките против неа, па затоа на Пекинг му одговара Русија да биде предмет на американската претпазливост.
Според „Фајненшел тајмс“, судирот на Кавказот може на Кина да и обезбеди и други стратешки полезности, особено што ЕУ подолго време настојува да склучи договори за користење на нафтата во Туркменистан и Казахстан, каде Кина веќе има значајни инвестициски зделки, но доколку нестабилноста во кавкаскиот регион продолжи и ги исплаши европските инвеститори, тоа ќе може да остави повеќе простор за Кинезите, вели „Фајненшел тајмс“.
Лондонскиот весник оценува дека сето ова се однесува само доколку кризата во регионот, а особено кризата во односите меѓу Русија и Западот се одржува на ниско ниво и до моментот додека официјален Пекинг не ќе мора да се определува и да избира страна на која ќе и се приклучи.
|