Цената на нафтата се намали во очекување на состанокот на ОПЕК
Њујорк/Лондон, 5 септември (МИА) - Цената на суровата нафта денеска на берзите не намали на под 107 долари за барел и покрај натамошното јакнење на американската валута во однос на еврото, како и во очекување дали Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) на состанокот следната недела ќе одлучи да се намали производството на овој енергент.
Цената на американската „лесна“ нафта на Њујоршката берза денеска се намали за 1,39 долари на 106,50 долари за барел, додека европската нафта „брент“ на Меѓународната берза во Лондон истовремено поевтини за 1,22 долари на 105,08 долари за барел.
-Актуелен е трендот на опаѓање на цената на нафтата, изјави аналитичарот на австралиската консултантска фирма „Фет профетс“, Гевин Вент, реагирајќи на фактот дека „течното злато“ од почетокот на неделава поевтини за околу осум отсто.
Тој смета дека ОПЕК имајќи го предвид брзото намалување на цените, ќе сака да го спречи поевтинувањето на нафтата под 100 долари за барел.
Еврото денеска забележа пад од над 1,42 долари, што е околу 19 центи пониско во однос на рекордниот курс на заедничката европска валута кон доларот остварен кон средината на јули.
|