Русија не планира на Сирија и Иран да им испорача ракетни системи „С-300“
Москва, 6 октомври (МИА) - Русија не планира на Сирија и Иран да им испорача ракетни системи од типот „С-300“, соопшти денеска компанијата „ Рособоронекспорт“ која се занимава со извоз на производи од наменската индустрија.
-Немаме таква информација, соопштија од компанијата за руската агенција Итар Тасс, по вчерашниот повик на израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак Русија да се воздржи од испорака на системи за вооружување на земји од Блискиот исток, кои се во состојба да го нарушат регионалниот баланс на силите.
Според пишувањето на израелскиот печат, Израел се плаши од појавата на системите „С-300“ во вооружувањето на Сирија и Иран.
Итар Тасс пренесува дека анонимен израелски високопозициониран службеник за весникот „Аарец “ изјави дека ако „С-300“, со досег до 150 километри, се најде во Сирија, тоа може да претставува закана за израелската авијација, дури кога таа изведува летови над Израел.
|