ОН бара сместување за палестинските бегалци во Ирак
Женева, 14 октомври (МИА) - Речиси три илјади палестински бегалци, кои повеќе од две години се наоѓаа во ирачка пустина, имаат итна потреба од станбено сместување, соопштија денеска Обединетите нации во повикот до државите да ги примат и да им помогнат на овие лица.
На речиси половина од 2.943 палестински бегалци, кои живеат во два кампа на ирачко-сириската граница, им е потребна итна медицинска помош или стравуваат дека ќе бидат кривично гонети доколку се врата во Ирак, соопшти високиот Комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР).
- Условите за живот во камповите на границата се исклучително тешки, опасни и продолжуват да се влошуваат. Бегалците се соочени со високи температури и со песочни бури во камповите во пустината, истакна портпаролот на УНХЦР Род Редмонд.
УНХЦР утре ќе одржи разговори за можноста за преместување на палестинските бегалци, за кои, како се наведува, не е безбедно да се вратат во Ирак, ниту во соседните држави.
Неколку стотини палестински бегалци се разместени изминатите години од камповите во Ирак во држави како Бразил, Данска, Холандија, Исланд, Нов Зеланд и Канада.
Околу 30 илјади палестински бегалци се примени во Ирак пред американската инвазија во 2003 година. Според податоците на УНХЦР во Ирак се уште се наоѓаат помалку од 15 илјади Палестинци.
|