Кабул, 22 февруари (МИА) - Во воздушен напад на силите на НАТО на југот на Авганистан убиено е најмалку 21 лице, а 14 се повредени, соопшти денеска авганистанското Министерство за внатрешни работи.
Авганистанците ги собрале телата на жртвите и со помош на НАТО ги згрижиле 14-те повредени, додека две лица се водат како исчезнати, потврди портпаролот на авганистанското МВР Земери Башари и додаде дека авганистанските власти покренале истрага.
НАТО изврши воздушен напад врз три минибуси кои се упатиле кон главниот пат на југот на земјата. Во возилата имало вкупно 42 патници, сите цивили, додаде Башари.
Во соопштението на НАТО е потврдено дека и нивните авиони извршиле напад врз колоната возила, мислејќи дека во нив се наоѓаат бунтовници кои тргнале во напад на силите на НАТО, но подоцна утврдиле дека во возилата се наоѓаат жени и деца.
НАТО не соопшти колку авганистански цивили се убиени во нападот, ниту дали во возилата имало само цивили.