Обама го одликуваше тимот кој го уби Осама бин ЛаденВашингтон, 7 мај 2011 (МИА) - Американскиот претседател Барак Обама ги одликуваше припадниците на американската специјална единица, кои го убија Осама бин Ладен и вети дека САД на крајот ќе ја поразат Ал Каеда, сега кога и ја „отсекле главата“.
- Ова за мене е можност да кажам во името на сите Американци и луѓе ширум светот, работата е добро завршена, рече Обама за акцијата на таканаречените „Морнарички фоки“, чии припадници во ноќта меѓу неделата и понеделникот тајно упаднаа во куќа во Пакистан, во која се криеше 10 години бараниот лидер на терористичката мрежа и го убија.
- Овие Американци заслужуваат пофалба за една од најдобрите разузнавачки и воени операции во историјата на нашата земја, рече Обама во воената база Форт Кембел, во државата Кентаки, која ја посети заедно со потпретседателот Џозеф Бајден.
Неименуван функционер изјави дека припадниците на единицата која ја изведе мисијата во Пакистан се одликувани со највисокото признание за исклучителни заслуги.
Властите не изнесоа детали за оваа единица, но соопштија дека Обама се сретнал со припадници на 160. воздухопловен полк за специјални операции и Петтата специјална единица во Кентаки.
Се смета дека командосите заслужни за убиството на Бин Ладен му припаѓаат на славниот одред познат како „Тим шест“, елитна единица од редовите на американските „фоки“.
|