Њујоорк, 27 септември 2011 (МИА) - Претседателот на Советот за безбедност на ОН Наваф Салам изјави дека Советот донел одлука на утрешното заседание (среда) да ја разгледа палестинската молба за членство во светската организација, пренесоа американските медиуми.
Либанскиот амбасадор во ОН Наваф Салам, кој овој месец го зазема ротациското претседателство со Советот, на кратко се појави пред репортерите и на англиски и арапски ајзик ја соопшти одлуката на неговите колеги. Тој кажа дека Советот заседавал и донел одлука прашањето да го премести за следното утрешно разгледување.
Советот утре ќе има формална средба за да и ја предаде молбата на комисијата за прифаќање на нови членови, која ги вклучува сите 15 земји членки на Советот, изјавија дипломати, кои посакаа анонимност заради приватниот карактер на консултациите.
Палестинскиот амбасадор во ОН Ријад Мансур изјави дека му е благодарен на генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун за брзото предавање на молбата во Советот за безбедност.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас во петокот ја поднесе молбата.
- Се надеваме дека тоа ќе доведе до брзи дејствија за одобрување на членството на Палестина, рече Мансур.
Русија ќе гласа за полноправно членство на Палестина во ОН на заседанието на Советот за безбедност, но засега не предвидува дополнителни консултации со САД, изјави заменик министерот за надворешни работи на Русија Генадиј Гатилов, кој е во составот на руската делегација на Генералното собрание на ОН, пренесоа руските медиуми.
-Руската позиција и натаму е истата - гласаме „за“, без никаков проблем, потврди рускиот дипломат.