
Дамаск, 7 февруари 2012 (МИА) – Сириската армија повторно нападна во Хомс,средиште на бунтот, а во судири во државата загинаа речиси 100 луѓе, соопштија активисти за човекови права во момент кога Советот за безбедност на ОН не успеа да донесе резолуција.
Таа нова офанзива врз Хомс се случува пред посетата на Дамаск од страна на министерот за надворешни работи нa Русија Сергеј Лавров чија држава заедно со Кина воведе вето на резолуција на ОН со која се осудува насилството во Сирија.
Администрацијата на американскиот претседател Барак Обама, огорчена поради ескалација на насилствата во Сирија вети дека двојно ќе ги зголеми напорите за оставка на претседателот Башар ал Асад.
– Да се направи тоа без сила на резолуција на СБ на ОН можеби значи да им се прогледа низ прсти на други држави додека ја вооружуваат сириската опозиција, што е рецепт за тотална граѓанска војна, објави Њујорк тајмс, повикувајќи се на изјави на експерти.
Експерти за Сирија предлагаат САД да оди чекор понатаму и да се даде премолчено одобрување за вооружување на сириската опозиција. Таквиот потег би можело да предизвика граѓанска војна, но и причина за потенцијална војна преку сателитски сили во нестабилното подрачје, додека САД и сојузниците во Европа и Персискиот Залив, ја поддржуваат сириската опозиција, а Владата на Асад ја поддржуваат Иран и Русија, наведува весникот.
Американскиот државен секретар Хилари Клинтон најави дека САД со сојузниците ќе работи на нови санкции против Сирија и ќе побара затворање на сите извори на пари за Владата во Дамаск.
Обама најостро го осуди режимот на Асад споредувајќи го со неговиот татко Хафез, кој триесет години владееше со Сирија и им порача на граѓаните на Сирија дека Америка е со нив и режимот мора да падне.
Дел од администрацијата велат дека не очекуваат Асад да ја преброди бурата и да остане на власт, но признаваат дека многу фактори го прават неговото заминување потешко отколку симнувањето од власт на други арапски лидери.
Несогласувањата меѓу Русија и Западот по повод ситуацијата во Сирија прераснаа во дипломатски скандал, објави Комерсант.
Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров ги нарече „хистерични“ изјавите на западни лдиери во врска со ветото на Москва и Пекинг на резолуцијата на ОН. Западот смета дека Москва заштитила еден „крвав диктатор“, објавува весникот.
– Веќе е видено држави да не сакаат да преземат одговорни дејствија. Чесно кажано, некои политички култури заслужуваат удар одзади, вели Жерар Лонге, министер за одбрана на Франција во изјава за радио Европа 1. Од контекстот тешко е да се разбере кого тој го имаше предвид – Русија и Кина или сепак Сирија, наведува Комерсант.
– Зошто Париз и Лондон, Вашингтон и Брисел играат по свирката на Доха и Ријад, кои со поддршка од Анкара „ја прочистуваат“ Сирија во предвечерие на војна со Иран – тоа е посебно прашање, вели Евгениј Сатановски, руски политолог. Според него, посетата на руските официјални лица со Асад покажува дека тој е подготвен да разговара со Русија, но несака преговори со Западот, Турција и Арапската лига.
– Денес ниту Русија ниту Кина нема да војуваат со Западот заради Сирија, а нема ни да учествуваат и во евентуално симнување од власт на Асад, смета Сатановски. Тој е со став дека по можното симнување од власт на Асад, во Сирија со сигурност ќе дојдат на власт радикални исламисти, државата ќе се распадне и ќе почнат „убиства меѓу шиити и христијани“, анализира тој.
Вашингтонските политичари лицемерно ја обвинуваат Русија дека има сопствени економски интереси бранејќи ја Сирија, објави Росијскаја газета. Логиката на тие што критикуваат очигледно претпоставува дека акциите на САД се „предизвикани од гол алтруизам и високи идеали“. Како изгледаат тие идеали во практика, беше демонстрирано во воените кампањи со американско учество во Ирак и Либија, наведува весникот.
„Во најдобар случај повиците за мирно предавање, водат до точно обратен резултат…и завршуваат со бескрвни револуции кои отвораат пат за власт на исламски фундаменталисти. Во најлошата варијанта - со продолжување на граѓанска војна, која секој момент може да прерасне во религиозен или меѓуплеменски конфликт. Таква конфронтација може да трае со години земајќи нови и нови жртви, предупредува Росискаја газета.