Обама реизбран за претседател на САД

Вашингтон 7 ноември 2012 (МИА) - Американскиот претседател Барак Обама победи на претседателските избори и е реизбран за нов четиригодишен мандат, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Обама успеа да ги задржи гласовите на клучните американски сојузни држави кои му беа потребни за победа во трката против републиканскиот кандидат Мит Ромни.

- Вечер, на овие избори вие, американскиот народ, не потсетивте дека иако нашиот пат беше тежок ние знаеме во нашите срца дека за САД најдоброто допрва доаѓа, изјави Обама по прогласувањето на победата.

Претседателот зборуваше во Чикаго, каде беше седиштето на неговата кампања, при што му се заблагодари на семејството за поддршката што ја добивал, како и на Џо Бајден, кого го нарече најдобар потпретседател што може да се посака.

Во Бостон републиканскиот претседателски кандидат Мит Ромни им се обрати на своите поддржувачи околу 1 часот по полноќ и им се заблагодари за поддршката.

 - Пол Рајан и јас оставивме срце на теренот, дадовме се од себе во оваа кампања. Навистина многу сакав да ја водам нашата нација, но нацијата одбра друг водач. Ен и јас искрено ќе се молиме за него и за нашата нација, изјави Ромни. Ромни му се заблагодари на потпретседателскиот кандидат Пол Рајан, велејќи дека е најдобриот избор што го направил, по изборот на сопругата Ен Ромни и му претскажа светла иднина.

Пол Рајан на овие избори се натпреваруваше за потпретседател, но остана и во трката за конгресмен во изборна единица во Висконсин, која ја почна пред да биде кандидиран за потпретседател. Рајан победи во оваа трка и останува член на Претставничкиот дом на Конгресот.

Повеќе медиуми јавија дека Ромни имал подготвено само победничко обраќање, но не и обраќање во случај на пораз, поради што се одолжи и неговото телефонско јавување на претседателот Обама, во кое Ромни му честита на победата.

Веднаш по овој разговор Обама му се јавил на поранешниот претседател Бил Клинтон, да се заблагодари на големата поддршка која Клинтон му ја укажа во текот на кампањата.

Изборната победа на Обама е со стотина гласови во Изборниот колеџ, тело составено од делегати од сите американски држави кои го избираат претседателот, но гласањето е изедначено во поглед на вкупниот број на гласови. Двајцата кандидати имаат освоено над 50 милиони гласови. Според американскиот изборен модел, кандидатот кој ќе освои повеќе гласови на ниво на САД, не мора да биде и победник на изборите, како што се случи во 2000 година, кога Ал Гор освои повеќе гласови, но Џорџ Буш освои повеќе делегатски гласови од државите и беше избран за претседател.

Резултатите од гласањето почнаа да пристигнуваат набргу по затворањето на гласачките места во источните сојузни држави. Една четвртина од Американците на овие избори гласаа по електронски пат, овозможувајќи брзо пребројување на гласовите. Определувањето на државите минуваше без изненадувања, со победи на Обама во североисточните држави како Масачусетс, Њујорк, Њу Џерси, додека Ромни ги собра делегатските гласови на јужните и југоисточните држави како Јужна Каролина, Кентаки, Џорџија, Алабама и Мисисипи. Индијана, која во 2008 година гласаше за Барак Обама, годинава му ги даде своите 11 делегатски гласови на Мит Ромни и беше ран знак за Ромни дека има надеж за пресврт.

Но, набргу потоа североисточните држави во кои Ромни и неговиот штаб инвестираа и се надеваа дека ќе добијат можност за победа, како Пенсилванија, Њу Хемпшир, Минесота и неговиот роден Мичиген јасно се определија за Обама. Со тоа просторот на Ромни се сведе на задолжителна победа во сите држави кои ги сметаше како сигурни в неговиот табор, победа во големите поделени држави кои му беа наклонети, како Вирџинија и Флорида, победа во клучната држава Охајо во која во текот на целата кампања анкетите беа на страната на Обама и дополнително победа во уште која било друга држава како Ајова или западните држави Невада и Колорадо.

Гласањето во Охајо и Вирџинија се оддолжи во текот на вечерта, со голем број на гласачки места на кои редиците останаа долги и по истекот на времето за гласање. Избирачките правила дозволуваат сите лица кои навреме застанале во ред за гласање да добијат можност да гласаат. На некои места граѓаните чекале и по 3-4 часа за гласање и целиот процес завршил дури во 8 или 9 часот навечер. Двете страни ги повикуваа своите поддржувачи да им однесат храна и пијалаци на граѓаните кои чекаат на ред да гласаат.

Во Вирџинија и Флорида разликата меѓу Обама и Ромни во текот на целата вечер на пребројување на гласовите беше многу тесна. Во Охајо Обама почна со значителна предност од 6 проценти добиена од раното гласање во кое Демократската партија е традиционално подобра, но со текот на времето разликата во Охајо се намали на само два процентни поени. Но на крајот околу 10 часот навечер неколку од големите телевизиски куќи кои го следат гласањето прогласија дека според нивните проценки, Обама сигурно победил во Охајо, со што шансите на Ромни за победа исчезнаа и славењето во штабот на Барак Обама можеше да почне.

До крајот на вечерта Обама победи и во Вирџинија со два процентни поени. Флорида исто така според последните проценки, се приклонува кон Обама, но разликата во оваа држава останува мала и е во рамките на законските одредби кои предвидуваат задолжително пребројување на гласовите. Обама успеа да ги освои и двете западни поделени држави - Колорадо и Невада, како и Ајова, сите три со значителна разлика.

Без сметање на гласовите во Флорида и Аљаска, Обама освои 303 делегатски места во Изборниот колеџ, во кој се избира идниот претседател на САД. Ромни има само 203 гласа. Додека во голем дел на САД се уште траеше гласањето, беа објавени и таканаречените излезни анкети, спроведени врз граѓаните кои гласале, во близина на самите гласачки места.

Според овие анкети, кои служат за отсликување на општото расположение на гласачите, 60 проценти рекле дека за нив економијата е најважна при носењето на изборот за претседател.

Ромни водел пред Обама како кандидат кој може да ја подобри економијата - 51 процент оцениле дека економијата ќе биде подобра под негово раководство, додека 45 проценти ги фаворизираат економските политики на Обама. Дури три четвртини од граѓаните оцениле дека економијата е во лоша состојба. Анкетите покажаа дека 45 проценти од гласачите сакале во целост да се укине пакетот здравствени реформи познат како Обамакер, додека 47 проценти би сакале тој дополнително да се прошири или да остане како што е.

Одговорот на Обама по ураганот Сенди играл важна улога во носењето на конечната одлука за 40 проценти од гласачите, додека не играл улога кај 55 проценти од нив. Околу половина од граѓаните оцениле дека политиките на Ромни би биле во полза на богатите, а 36 проценти сметаат дека тој ќе биде добар за средната класа. Само 10 проценти од гласачите сметаат дека политиката на Обама е добра за богатите, 43 проценти се определиле за средната класа, а 31 процент сметаат дека Обама е најдобар за најсиромашните граѓани.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Седат Буш и Пауел во кафич и прават муабет. Влегува човек во кафичот, ги гледа двајцава и не му се верува дека се таму. И приоѓа на маса и ги прашува:
- Абе, вие Буш и Пауел...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
1533.- Роден е холандскиот државник Вилхелм I...
1731.- Умре англискиот писател Даниел Дефо, кој...
1815.- Роден е англискиот писател Ентони Тролоп...
1854.- Врховниот суд на САД донесе пресуда дека...