ВИДЕО: Најмалку три жртви и над 140 ранети за време на Бостонскиот маратон (ОБНОВЕНО)

Бостон, 16 април 2013 (МИА) - Најмалку три лица загинаа и над 140 се повредени во двете експлозии за време на Бостонскиот маратон. Најмалку 17 од ранетите се во критична состојба.

Две моќни експлозии одекнале речиси истовремено на околу 100 метри една од друга.

Претставник на Белата куќа кој побарал анонимност изјави дека експлозиите се третираат како терористички акт. Истрагата ја презеле од ФБИ.

Дел од медиумите од Бостон го идентификуваа убиеното дете како Мартин Ричард, кој заедно со неговата мајка и сестра стоел блиску до целта, чекајќи го неговиот татко Вилијам, кој учествувал во маратонот, јави дописникот на МИА од САД. Мајката и сестрата имаат претрпено тешки повреди од експлозијата на една од бомбите. Третото дете на семејството Ричард останало неповредено во нападот.

Според весникот Бостон Глоуб, семејството Ричард е од областа Дорчестер во Бостон.

- Тие се омилено семејство во нашата заедница, придонесуваат многу. Се собравме во голем број да ја изразиме нашата тага за овој трагичен настан, изјави Ајана Пресли, општински советник во Дорчестер.

Според полициските информации, бомбите биле направени од обичен, црн барут, а не од пластичен експлозив, кој би имал многу поголема разорна моќ, но е и далеку потешко да се најде. Убиецот или убијците користеле разни метални предмети за да го зголемат дејството на бомбата.

Полициските тимови нашле метални лагери, клинци, па дури и жилети, кои биле поставени околу експлозивот, за да нанесат што е можно поголеми повреди на собраните граѓани. Се претпоставува дека бомбите биле поставени во канти за ѓубре, и тоа многу кусо време пред да бидат активирани, за да не им се даде шанса на граѓаните да пријават дека некој оставил сомнителен пакет.

Бомбите биле поставени блиску една до друга, и детонирани набргу една по друга, веројатно во обид на терористот втората експлозија да убие што е можно повеќе од полицајците и медицинските лица кои очекувал дека ќе дојдат да им помогнат на ранетите. Бомбите биле активирани во време кога најголем дел од учесниците во маратонот веќе ја истрчале трката.

Граѓаните веќе се разотидувале кога бомбите биле активирани. Најмалку десет граѓани останале без екстремитети. Дел од повредите се изгореници, а граѓани биле хоспитализирани и од последици од ударниот бран на бомбите, од чадот, шок. Возраста на ранетите граѓани се движи од 3 до 62 години.

Првичните информации дека полицијата открила уште неколку пакети за кои смета дека се бомби, подоцна беа демантирани. Се претпоставува дека бомбите биле активирани со мобилен телефон, и една од првите мерки на полицајците во центарот на Бостон била да побараат од сите граѓани кои ги виделе како зборуваат на телефон, да го прекинат разговорот, за да не дојде до случајно активирање на други експлозивни направи за кои стравувале дека се наоѓаат околу целната линија на маратонот, и кои би можеле да се активираат и без директно да биде свртен бројот на детонаторот.

Полицијата работи со телефонските компании во Бостон на разгледување на податоците од предавателите, за да се обиде да го лоцира местото од каде што бомбите биле активирани.

Членови на семејствата на децата убиени во неодамнешниот масакр во училиштето Сенди Хук во градот Њутаун во соседната сојузна држава Конектикат биле присутни на маратонот во Бостон. Покрај големиот број хуманитарни каузи кои се застапени на маратонот, целата трка била посветена во спомен на убиените деца во училиштето. Нема информации дали некој од членовите на семејствата од Њутаун биле повредени во терористичкиот напад во Бостон.

Април е особено црн месец за терористички напади во САД и три датуми се поврзуваат со овој дел на годината што може да биде и потенцијален мотив за нападот. На 19 април 1993 година специјалните полициски сили извршија напад врз седиштето на верската заедница Давидијанци во градот Вејко во Тексас, убивајќи дури 76 од нив.

Точно две години подоцна Тимоти Меквеј го изврши дотогаш најголемиот терористички напад во САД, разнесувајќи зграда на сојузните власти во градот Оклахома сити. Меквеј, кој подоцна ќе каже дека дејствувал како одмазда, меѓу другото, и за масакрот во Вејко, уби 168 лица со неговиот камион бомба.

На 20 април 1999 година се случи масакрот во средното училиште Колумбајн во Колорадо, каде двајца ученици убија 12 соученици и еден учител, по што се самоубија. Самиот ден на трката во Бостон е познат како Денот на патриотите, се одбележува на третиот понеделник во април, а во чест на битките кај Лексингтон и Конкорд во 1775 година – првите борби во американската револуција против Британија кои се случиле во близината на Бостон.

Весникот Њујорк пост прв објави дека полициските сили, во една од болниците во Бостон, чуваат саудијски државјанин кого го сметаат како „лице од интерес“. Полицијата дополнително информираше дека се работи за лице кое дошло во САД со студентска виза, и дека се испитува дали тој навистина студирал, или ја користел визата како изговор. Терористите кои ги извршија нападите на 11 септември 2001 година, а од кои повеќето беа саудијски државјани, исто така допатувале во САД со студентски визи. Според информациите во медиумите, кои во текот на денот честопати беа противречни, се работи за 20-годишен маж кој имал тешки изгореници на телото.

Според некои информации, тој бил предаден на полицијата од страна на граѓани кои оцениле дека се однесувал сомнително пред експлозијата. Полицијата соопшти дека лицето соработува со истрагата и инсистираа дека тој не се смета за осомничен во нападот.

Претседателот Барак Обама, за нападот бил брифиран од неговата советничка за безбедност Лиза Монако, и од други претставници на разузнавачките служби. Во текот на денешниот ден, предвидено е врвни разузнавачки функционери да ги брифираат и членовите на Конгресот, од соодветните конгресни комисии, по што може да се очекува во јавноста да излезат повеќе информации за нападите.

Обама, во своето обраќање до јавноста, внимаваше да не го употреби зборот тероризам.

По завршувањето на обраќањето, тој не прифати да одговара на прашања, иако голем дел од новинарите го прашаа токму дали се работи за терористички напад.

Обама директно не го употреби изразот тероризам ниту за нападот врз конзулатот во градот Бенгази во Либија, прашање кое подоцна беше една од спорните точки во неговата кампања за реизбор.

Рик ДезЛауриелс, шеф на Федералното биро за истраги ФБИ за Бостон, изјави дека водат криминална истрага за „потенцијален тероризам“. Сепак, набргу по изјавата на Обама, од Белата куќа ги брифирале новинарите дека, и покрај тоа што не го употреби изразот тероризам, Обама нападот секако го смета за терористички чин.

Според информациите на дипломатските претставништва во САД, меѓу повредените нема македонски државјани.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Наставникот по географија го завртел глобусот и го прашува ученикот кој треба да одговори:
- Што е ова?
- Почнуваат вести - одговорил ученикот.
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
1191.- Почна зографирањето на црквата "Свети...
1284.- Роден е англискиот крал Едвард II....
1595.- Во Рим умре Торквато Тасо, италијански...
1599.- Роден е водачот на Англиската револуција...