
|
 |
Забава / Showbiz
Продолжив да пеам заради мајка ми
Во моето Љубојно најубаво се спие. Кога сум тука, исклучувам телефони, возам велосипед низ селото, се качуваме на планина, одиме на плажа на Преспа. Баба ми Менка едвај чека да дојдам, таа ми прави најубави сарми и гравче. Пред да тргнам од Скопје, никогаш не и се најавувам. Ако направам така, ќе готви 2 дена...". Вака младиот поп-пејач Ламбе Алабакоски (21), ексклузивец на "М2 продукција" ја започнува приказната за селото во кое израснал, ги доживеал првите тинејџерски љубови, но и најголемата тага: загубата на мајка му Маријана, неговиот најдобар пријател, која почина пред две години.
Љубојно се наоѓа на 2 километра од Преспанското Езеро, на 920 метри надморска височина. Лани Интернет страницата "Маклинк" го прогласи за село на годината. Има околу 170 жители и осум православни цркви. Ламбе како добар домаќин, не чекаше сред село. Љубезно ги поздрави соседите, и со велосипедот ни го покажа патот до неговата куќа. Не пречека баба му Менка, со веќе сварено кафе и колачиња, и веднаш ни се пофали дека Ламбе е музикален на неа. Куќата на семејството Алабакоски е направена во 1932 година. Ја направил дедо Ламбро, по кого Ламбе го носи името.
- Роден сум во Битола. Во Битола завршив средно музичко училиште, но овде израснавме со брат ми Андреј. Кога ќе си дојдам дома, најубаво спијам. На оваа надморска височина ти се доволни само 3 часа за да се наспиеш. Кога сум тука уживам. Си муабетам со баба ми, се качуваме на Пелистер со братучед ми Филип, на лето одиме на плажа. Помагам и во бербата на јаболка наесен. Дедо ми Ламбро ми остави десет ниви и еден трактор. Од мал сум им помагал на моите во работата по нивите. Имаме уште една куќа од мајка ми. Во неа никој не живее, таму собирам друштво и си правиме забави. Печеме скара, свириме гитари... Кога ќе ми дојдат братучедите од Америка или гости од Скопје ги сместувам во таа куќа. Пред некоја година на гости ми беа Елена Ристеска, Дарко Димитров и Александра Пилева. Качувајќи се на Пелистер, Дарко си го шина зглобот. Од кога победив на изборот за таленти на "М2" животот ми се смени. Се преселив во Скопје, но во срцето ми остана моето Љубојно. Има една анегдота која сакам да ви ја раскажам. На аудицијата на "М2" се пријавив во Битола. Кога влегов во десетте финалисти, од Битола до Љубојно се вратив автостоп. Но, не задоцнив дома. Стасав тамам за бербата на јаболка. Во таа работа уживам", ни откри Ламбе. Соседите за него велат дека останал скромно и воспитано момче. Со сите знае муабет да направи, старите да ги праша дали им треба помош, а тие најмногу уживаат кога Ламбе ќе им запее на познатите "Илинденски средби", секоја година на 2 август.
- Ламбе е музикален на мене и на дедо му. Од мал сме го носеле на средбите каде што пееме преспански народни песни. Јас знам многу песни, а многу од нив и Ламбета го имам научено-, раскажува баба Менка. Бабата и внукот имаат пријателски однос. Таа вели дека ги знае сите негови тајни и не ги издава на татко му Лазар. На прашањето дали Ламбе носи девојки дома, таа одговара: "Го носи само тоа едното што си го сака, ама не кажувам кое е!". Ламбе ја бакнува за одговорот и и ветува дека специјално за неа ќе сними цеде со преспански народни песни. Баба Менка е голем обожавател на песните на Ламбе. Кога внукот не е тука, таа слуша негови цедеа и гледа негови спотови.
"Сите му се убави, вели таа. Многу ми се бендисува како ја испеа 'На Велигден'. Ама најмногу ја сакам 'Земјо моја'. Тој пее 'Земјо моја', но сака да каже 'Мајко моја'. Знам јас, песната е посветена на мајка му. Многу добра жена беше, со многу добра душа. Ламбе по табиетот и по душата е на неа. Кај нас дома син ми ја донесе на 16 години. Тогаш го роди брат му Андреј. Не знаеше да готви и да сука, ама за се ме прашуваше: Мајко, како да го направам ова, како она, и јас се ја научив".
Ламбе малку зборува за мајка му. Со солзи во очите само кусо ни рече: Така требало да биде... Подоцна ни раскажа дека мајка му најмногу го поддржувала во музичката кариера. Починала во мај 2006 година, вечерта кога Ламбе беше на Евровизија во Атина, како дел од екипата на Елена Ристеска. Поради неа тој продолжил да пее. Маријана многу се гордеела со својот помал син.
Братучед му на Ламбе, Филип, кој живее во Битола, вели дека Ламбе бил многу мирен како дете. Израснале заедно, но тој не може да се сети на ниту една негова поголема палавост. По разговорот со баба Менка, поп-пејачот не прошета низ куќата. Собата на Ламбе е на долниот кат, спроти собата на баба му. Таму му се наградите, мечињата што ги добил од обожавателите, неговата гитара, и електричната гитара од татко му која е стара 30 години. Татко му во младоста учел да свири на неа, сега ја наследил Ламбе. Кога е во својата соба, тој се обидува да компонира и да пишува текстови. Можно е некој од неговите текстови да се најде на третиот албум, кој ќе се подготвува во студиото на Дарко Димитров. На sидот на вториот кат од куќата, семејството на Ламбе има закачено негов голем постер, обвивката од првото цеде "Море од солзи".
Откако ја напуштивме куќата, Ламбе не прошета низ селото. Ги посетивме местата што најмногу му значат. Во дворот на црквата "Свети Јован", која е изградена во 1861 година е гробот на мајка му. Кога е во Љубојно, тој доаѓа секоја вечер за да ги запали кандилата.
Ја видовме и втората куќа "за журки". Откако ќе не испратат, братучедите си ветија дека ќе ја искосат тревата во дворот, и ќе почнат да ја подготвуваат за летната сезона. За време на прошетката, Ламбе ни откри дека една од куќите на сред село била јавна куќа за време на Втората светска војна. Низ тесните улички на Љубојно, секоја куќа си има своја приказна. Повеќето се на наши печалбари од Америка, но има и доста викендички на скопјани кои се по потекло од Љубојно. "Почувствувајте го воздухот, слушнете ја рекава", ни вели домаќинот. "Требаше денеска да одам во Скопје, ама се премислив. Не ми се напушта оваа убавина".
Патот не води кон омиленото место на Ламбе, игралиштето и старата караула на поранешната војска на ЈНА.
- На овие скали ми се случија првата љубов и првиот бакнеж. Бевме шесто одделение. Таа беше од Долно Дупени, дојдена тука на гости. Беше мојата прва девојка. Подоцна, со уште многу девојки се имам состанувано и бакнувано на овие скали. На игралиштето спроти се собираме и денес и играме фудбал.
На крајот од селото е новата воденица, последна наша станица од приказната за Љубојно. Ламбе и Филип често одат таму. Се пече лепче под вршник, скара, се пие домашно вино, се пеат преспански песни... За крај, сите се одмораат на ливадата и го слушаат жуборот на реката.
Како добар домаќин, Ламбе не покани да преспиеме во селото. За следниот пат ни вети дека ќе ни подготви риба на преспански начин, и ќе го пробаме домашното вино од неговата визба.
По опуштениот викенд, тој им се враќа на тековните обврски: студиите на "Евроколеџот" во Куманово и настапите за предизборната кампања на владејачката партија.
|
|
|
 |
|
![]() |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|