
|
 |
Забава / Showbiz
Сјај и гламур во Кан
Од 14 до 25 мај на Азурниот брег годинава се собираат светските ѕвезди од филмската бранша. Започнува еден од најпознатите и најпрестижните филмски манифестации - Меѓународниот филмски фестивал во Кан.
Секоја година во овој период Кан привлекува илјадници посетители. Љубопитни се да ги видат своите омилени актери. Меѓу нив годинава е и холивудската ѕвезда Рене Зелвегер
„Навистина е прекрасно. Секогаш ги гледав снимките на телевизија од фестивалот и се надевав дека и јас еднаш ќе имам повод да дојдам овде и да ја доживеам атмосферата. Многу ми значи што сум тука и ова е навистина воздбудлив ден за мене“, вели холивудската ѕвезда Рене Зелвегер. Навистина, азурниот брег во мај е најубавиот период од годината кој целосно се совпаѓа со амбиентот. Сликите од вечерните дефилирања на црвениот тепих по познатите кански скали го обиколуваат целиот свет. Во следните 12 дена сеирџиите повторно ќе можат да им се воодушевуваат на редицата славни. Меѓу нив годинава се актерите Кејт Бланшет, Гвинет Палтроу, Харисон Форд, Изабела Роселини, Пенелопе Круз, Скарлет Јохансон, Роберт де Ниро, Џулијан Мур, Катрин Денев, Анџелина Џоли и Бред Пит.
Дваесет и два филма во конкуренција за „Златната палма“
Меѓу конкурентите за најпрестижната главна награда се и делата на режисерите како Клинт Иствуд, Стивен Содеберг, двократните добитници на „Златната палма“, Жан Пиер и Лук Дарден, Вим Вендерс, како и бразилецот Фернандо Меиерлес. Токму со неговиот филм „Слепило“ се отвора канскиот фестивал. Секако и годинава има филмови кои ќе се прикажуваат надвор од натпреварувачката конкуренција. На пример во овој дел публиката ќе може да ја види романтичната комедија на Вуди Ален, документарецот на Емир Кустурица за фудбалската ѕвезда Диего Марадона и најновиот филм на Стивен Спилберг со кој се очекува да предизвика најголемо внимание. Харисон Форд по 19 години, во улогата на археолог и авантурист се враќа во ново продолжение на „Индијана Џонс“. И тој се радува на повторното доаѓање во Кан заедно со продуцентот Џорџ Лукас и режисерот Стивен Спилберг. Режисерот пак на почетокот на снимањето пред 11 месеци изјави:
„Еве не повторно, осумнаесет години подоцна. Како времето да застанало. Никој не е променет и сите изгледаме како тогаш. Значи, со среќа. Дајте се од себе и на здравје за една добра работа“, рече Спилберг.
Германија е доста застапена фестивалот
Актерката Марија Лара седи во жирито. Режисерот Фатих Акин, Германецот со турско потекло е претседател на жирито на придружната манифестација којашто се нарекува „Одреден поглед“. Акин минатата година доби награда за најдобро сценарио за филмот „На работ на рајот“. Годинава меѓу другите во оваа конкуренција ќе се натпреварува и „На деветто небо“, најновото остварување на режисерот Андреас Дресен кој ги наполни кино салите со претходниот филм „Лето на балкон“. Убавата задача да гледа филмови му е секојдневие на Фатих Акин.
„Гледам многу филмови. По можност секој ден, и се надевам дека ќе остарам и на секои две години ќе можам да снимам по еден филм во кој ќе го рефлектирам сето ова. Едноставно го сакам киното.“
Посебно издание на „Канските класици“
Посебна нота на 61-то издание на Канскиот фестивал е ретроспективниот дел кој е наречен „Кански класици“. Тука ќе бидат претставени филмови коишто не можеа да бидат прикажани пред 40 години бидејќи фестивалот бил завршен предвреме. Режисерите како Труфо, Годар и Лелу се солидаризираа со револтираните студенти и насилно предвреме го прекинаа филмскиот фестивал.
|
|
|
 |
|
![]() |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|