
|
 |
Забава / Showbiz
НА ФЕСТИВАЛОТ "ПЈЕСМА МЕДИТЕРАНА" Сите Македонци во финале на Будва
Сите македонски sвезди се пласираа во финалето на годинашново 15-то издание на меѓународниот фестивал "Пјесма Медитерана", кој се одржува во црногорскиот град Будва. Калиопи, Тамара, Тијана, Ламбе и Маја Оџаклиевска се во трката за прво место и награда од 15 илјади евра. Покрај нашите пејачи, во финалето настапија и Горан Каран, Екстра Нена, Мери Цетиниќ, групата "Тути фрути".
На Фестивалот единствено од Македонија не се пласираа младиот Стефан Величковски. Композитор на неговата песна е Григор Копров, кој е во Будва и кој беше сигурен дека неговиот пејач ќе влезе во финалето.
Македонците се речиси единствените и најголеми sвезди на Фестивалот, а за тоа што недостигаат моментно популарните фаци од екс ЈУ, новинарите за виновник го посочуваат годинашниов уметнички директор на Фестивалот Ѓело Јусиќ, кој, пак, на фестивалите, по долго време, ги врати Бисера Велетанлиќ, Мери Цетиниќ, Кемал Монтено и уште неколку sвезди од она, како што велат, негово време.
Кемал Монтено дури го посочуваат и како можен победник со неговата песна "Монтенегрина", не само затоа што песната му е наменска туку и оти тој не настапувал тукутака на фестивали ако не е сигурен во победата. Кемал, пак, во сите интервјуа кажуваше дека по Фестивалот престанува со пеењето оти, наводно, добил големи пари на лото. Но во ова речиси никој не поверува. Како можни победници се споменуваат и македонските пејачи, но тоа повеќе како новинарска претпоставка.
Мери Цетиниќ рече дека на Фестивалот е по покана од уметничкиот директор, инаку веќе не ги сака многу фестивалите. Призна и дека по долги години живеење во Загреб, го напуштила, за да се врати повторно во Сплит, зашто било многу тешко сплиќанец да се навикне да живее без море. Бисера Велетанлиќ, пак, многу, многу не сакаше да зборува со новинарите ниту, пак, да дава интервјуа. Таа се појави, настапи и се повлече. А додека чекаше за настап, украде неколку голтки пиво од Бато Ковач за да го навлажни грлото пред пеење.
***
Хулио Иглесијас на мала врата
Светската sвезда Хулио Иглесијас, кој имаше концерт на втората полуфинална вечер, ги изнервира новинарите. Тој строго забранил да се слика додека доаѓа на сцена и не смеело да светне ниту камера ниту апарат. Местото од каде што требаше да помине беше окупирано со камермани и фоторепортери поради кои обезбедувањето мораше да стави дополнителни паравани за да го скрие. Иако се беше подготвено и претставниците на медиуми со сила тргнати, сепак, тој од сосема друга страна само се појави на сцената.
Неговите менаџери на фестивалското обезбедување му забраниле да пуши. Во близина на Хулио ниту смеело да се запали цигара ниту, пак, да има пепелница со догорчиња. На сцената на Хулио му беа однесени еден куп крпи за бришење и неколку големи огледала.
***
Мадона во Будва на 25 септември
Светската поп-sвезда Мадона ќе има концерт на плажата Јаз во Будва на 25 септември, во рамките на нејзината светска турнеја "Тврда бонбона". За нејзиниот настап беше организирана специјална прес-конференција во ексклузивниот хотел "Сплендид", на која покрај градоначалникот на Будва и директорката на Туристичката организација на Будва, присуствуваше Ричард Херман, извршниот директор на "Аустријан ентертејнмент", фирма која веќе 10 години ги организира концертите на поп-иконата во Источна Европа, меѓу кои спаѓа и концертот во Будва.
Тој рече дека претходница на Мадона ќе бидат 19 шлепери во кои е сместена техниката са поставување на сцена, која ќе биде долга 100 метри, а висока 50 метри, што ќе биде голем предизвик не само за нејзините обожаватели туку и за самите луѓе што се задолжени за местење на бината. Концертите на Мадона во Париз, Цирих и во Франкфурт се веќе продадени, додека за концертот во Будва каде што се очекува над 60 илјади публика, ќе има три вида билети. Обичните ќе чинат 35 евра, билетите крај бината 70 евра и ВИП влезниците ќе чинат 200 евра. Најавени се 5.000 вип гости за кои ќе има резервирани 1.000 паркинг-места, додека за обичната публика има обезбедено 7.000 паркинг места. Концертот ќе трае од 19 часот до 30 минути по полноќ, а пред неа ќе настапи популарната пејачка Робин.
За време на турнејата Мадона нема да дава интервјуа ниту, пак, ќе одржува прес-конференции. На новинарското прашање зошто токму Будва, а не Белград или Загреб кои, исто така, беа во комбинација, Херман рече:
"Јас 10 години се обидував да ја донесам Мадона во Виена, бидејќи сум од Австрија, но секогаш кога таа имаше настап во овој дел од Европа, место Виена, ја избираше Прага, оти Прага повеќе и се допаѓала. Сега кога и ги понудивме Загреб, Белград и Будва, таа ја одбра Будва. Значи, таа сама одлучува каде ќе пее. Како што и сама одлучува во кој хотел ќе спие".
На информациите дека Мадона само на еден час ќе одморала во Скопје, Херман се насмевна и одговори:
"За неа постојано се шират приказни кои немаат врска. Така е и за цената и за местото на движење. Мадона е суперsвезда и јас со неа и со нејзиниот менаџмент работам 10 години. Значи, ги познавам. И затоа колку што мене ми е познато, Мадона нема да доаѓа во Скопје", рече тој.
За колку пари Мадона ќе настапи во Будва, одговорните во Будва не сакаа да откријат. Тие рекоа дека за сите гостувања цената е деловна тајна. Така било и минатата година за "Ролинг стонси", така било сега за Хулио Иглесијас, така ќе биде и за Мадона и за сите останати светски sвезди кои во иднина ќе доаѓаат во Будва.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|