Тоше има само датум на раѓање

Да замислиме - и веројатно ќе ја погодиме реалноста каква што можеше да биде: октомври 2010, Тоше 29-годишен. Нови стихови звучат од фреквенција на друг континент, најнов хит не се симнува од топ-листата на музичкиот МТВ, гостува кај Опра...Светот ја запознава новата ѕвезда, со кратко и симпатично име. Со совршен талент и харизма што зрачи.

Ќе беше така, да беше 16 октомври 2007 обичен ден, како и претходниот, како и денот пред тој... Не заслужува да биде важен датум, иако е „нумеричка“ асоцијација за Тоше, како 25. 01.1981 или 5.10.2007. Ден кога се брои времето од националната трагедија. Три години.

Датумот ќе не сепнува и секој секогаш, и оној кој не ги слушал неговите песни, ќе памти и ќе прераскажува од кого и како дознал, каде го затекнала несреќната вест што одекна тоа утро.

Датумите ќе се чуваат во меморијата, исто како и опипливите чувари на сеќавањето на момчето со ангелски глас - манастирот Св. Преображение, Спомен-куќата што ќе биде на Гумење, фонтаната на улицата со негово име во Скопје, црешата во училишниот двор во Крушево и илјадниците дискови со обвивки на кои се чита Синот божји, или Божилак, или Игри без граници.

Неговото почивалиште ќе го посетуваат редица фанови од Балканот. Нив ќе ги има. Ќе има и „Ѕвездено небо“ за последниот концерт, и ѕвезда „Тоше“ на астролошката мапа. Естрада, нови имиња, фестивали...

А Тоше ќе има само датум на раѓање - како што гласно порачаа со своите ведри бои малите сликари од битолскиот Монмартр.



Прочитајте: затвори
Наjновo од Забава
Видео клип
Доделување на медаљи
IDIVIDI Сервиси
Апел за помош
Пребарување
Пребарување по клучен збор во содржина
webmail
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download