Лига на џентлмени
 Кога еден осуденик на смрт го прашале која му е последната желба, одговорил - дајте ми да одиграм уште една партија преферанс!
Да му го дозволеле тоа, истиот никогаш немаше да биде убиен. Би можел да игра бесконечно, а да не ги прекрши правилата. Освен оние непишаните правила и ако не ги почитува противниците. За преферансот неофицијално велат дека е најинтелектуална игра со карти, но официјално е најџентлменска. Во ова карташко џентлменство следниот месец во Бечеј ќе се испробаат повеќе од 150 до сега пријавени играчи. Тие ќе се борат за титулата светски првак во преферанс. Бечејците први се досетија да организираат ваков меѓународен турнир, поточно преферански клуб „Префмастерс“.
- Ваков натпревар, барем колку што знаеме ние, се уште никаде во светот не се одржал, изјави Никола Поповиќ, еден од организаторите. - Овој пат тоа ќе биде отворен турнир, но следните години ќе настојуваме прво во земјите каде се игра преферанс на ниво на сојузи, да се организираат квалификации, па потоа тие кои ќе го поминат „ситото“ ќе бидат поканети. Победникот ќе ја земе престижната титула „мастер - 8“ - најдобар играч на преферанс во светот за 2008 година и 2.500 евра за првото место.
Инаку, преферанс е игра со карти од француско потекло кои ја играат тројца. Се разбира не е исклучено дека Французите само први ги воспоставиле правилата. Како што велат книгите, нешто слично се играло уште во стариот Египет. Како и да било, почетоците на играњето преферанс во Србија, во Белград се врзуваат за Коста Цукиќ. Овој хајделбершки студент и доктор, за време на кнезот Михаил бил министер за образование и финансии, а е прочуен по тоа што го вовел динарот како официјално средство за плаќање во Србија и го формирал Српското научно друштво кое го наследи денешната САНУ. Историјата го помни како поранешен министер за финансии кој умрел во сиромаштија.
Приказната вели дека Цукиќ, освен „Економијата“ во три тома, напишал и прирачник за преферанс. Ако некогаш постоел овој прирачник изгледа некаде се загубил, бидејќи денес во Србија речиси секој тим игра по свои правила!
Разликитие се посебно изразени, играчите знаат за што станува збор. Некогашниот српски просветител и 120 години по смртта се уште се спомнува, но во жаргонот на денешните играчи „да се игра според Цукиќ“ значи да се одигра логично, т.е. без „парапсихолошки“ способности да се дознае кои карти останатите двајца ги држат во рацете.
Преферансот е џентлменска игра во која владеат определени правила и принципи на почитување на противниците. Коста Цукиќ за време на играта поставувал „гарда“ луѓе кои ја следеле играта и ако забележеле некој дека се обидува да лаже, го исфрлувале и му забранувале повеќе да игра, а и тие кои се покажувале некоректни во таа смисла, друштвото на играчите на карти едноставно го изолирале.
Некогаш кога преферансот бил „повеќе од игра“, настанала оваа изрека: - Животот е како партија преферанс - мораш два-три пати добро да одиграш, а останатото е рутина!
Игра на повисокиот сталеж
Современата форма преферансот ја добил околу 1840 година, во царска Русија, каде е прифатена како игра на повисокиот сталеж, слично на бриџот во англо-саксонските земји. Денес се игра главно на просторите на поранешниот Советски Сојуз, во централна и источна Европа, но и во Австрија, односно на просторите на поранешна Австро-Унгарија. Иако во Србија преферансот се игра со стандардни карти, изворните карти за оваа игра се оние „унгарските“.
Војводинските мајстори
Во Србија преферансот најмногу се игра во Војводина, каде се регистрирани 36 клубови со околу 1.000 играчи, од кои 30 со титула велемајстор на преферанс. Само во Западнобачкиот округ регистрирани се 12 клубови со повеќе од 200 играчи. Натпреварувањата во преферанс се организирани дури во две лиги.
(Вечерње новости - Белград)
|