Качуркова: Ја победив болеста

Дека никогаш не знаеш што ти носи денот не е само обична изрека туку голема животна вистина потврдува и искуството на скопјанката Анета Качуркова, авторка и пејачка, некогаш позната како дел од женското трио "П.С.", а сега само Ане, која со ќелавиот имиџ успеа комплетно да го сврти вниманието врз себе по настапот на националниот Евросонг.

Анета по овој настап реши јавно да прозбори за својот проблем со паѓање на косата и на сите да им покаже дека на нозе треба да се дочекаат сите лоши нешта што ги носи животот. Вели дека ќелавиот имиџ на сцената не е ниту маркетиншки трик, како на Шинејд О'Конор ниту, пак, тешката болест на Кајли Миног туку, едноставно, здравствен проблем кој, по речиси две години, таа решила да го открие пред сите зашто конечно се прифатила таква каква што е.

"Сакам да им кажам на сите да земат пример од ова мое искуство. Знам како беше кога јас поминував низ мојот проблем. Знам колку се воодушевував кога ќе прочитав за нечија храброст. Тоа ми беше поттик за да издржам. И затоа сакам да им порачам на сите да гледаат само напред, кон сонцето. Да се сакаат такви какви што се и да ги прифатат сите животни предизвици", вели Анета.

- Што ти се случи?

- Се започна пред околу две години, кога од ништо почна да ми паѓа косата. Бев на лекар и ми рекоа дека тоа ми е од стрес. Примав некои терапии, ама беа неуспешни. Косата се повеќе и повеќе ми паѓаше. Никој од лекарите, и тука и во Солун, не ми кажа дека сосема ќе ми падне косата. Нивната дијагноза е дека станува збор за автоимуна болест, која најчесто се случува од стрес. Лекарите ми велеа: "Еее девојче, па не нервирај се, што се грижиш! Иако јас навистина во тој период немав никаков стрес. Тогаш магистрирав во Солун и се вратив дома. Бев среќна. Сметам дека сето ова што ми се случува е некој кармички долг кој сум си го отплатила. И овој проблем со здравјето ме разбуди. Сега го живеам животот будно и од секој момент и искуство учам нова лекција. Ова што ми се случи ме натера да го живеам животот ден за ден. Да му се радувам на секое утро, на сонцето, на расцветаните дрвја, На се. Го почитувам секој момент.

- Како успеа да го надминеш проблемот?

- Кога почна да ми паѓа косата, не плачев. Бев многу исплашена. Секое утро се будев со страв и гледав уште колку коса ми има паднато. Не знаев што да правам со себе и почнав со медитации и јога. Само така можев да се смирам. И морам да признаам дека го пронајдов внатрешниот мир. Се пронајдов себеси. Се препуштив на животот и прифатив што ќе донесе. Почнав да уживам. Носев перика, која многу ми пречеше, ми беше како шлем. Ја мразев, а морав да ја носам зашто сосема ми падна косата. Блиските знаеја што ми се случува и ми беа голема поддршка. Не дочекав да ми падне целата коса, ја избричив главата. Ми велеа дека сум супер, ама мене ми требаше време за да го преживеам тој момент и да бидам како што сум сега.

- Како овој проблем влијаеше на твојот љубовен живот?

- Кога ми паѓаше косата немав дечко, но подоцна имав. Сите дечковци што досега сум ги имала ми биле неверојатна поддршка и мојата моментална ќелавост не била пречка за врската. Сите мои избраници ја гледаа мојата внатрешност. Носев перика и имав момче. Кога требаше да ми почне врската, јас ја симнав периката и му реков:- "Ова сум јас! Или биди со мене, или немој! Одлуката е твоја". Нормално, прифати да бидеме заедно, иако јас бев подготвена и да не ме прифати. Сепак, косата игра голема улога во привлечноста на жената. Иако сметам дека целата женственост и шармот извираар однатре.

- Тоа го покажа и на настапот на националниот Евросонг?

- Настапот на Изборот на песна за Евровизија ми е најдобар настап досега. Поради прифаќањето на себе и и гласот ми беше поинаков. Бев јас вистинската, не се криев. Се чувствувам како победник. Дека по се, најпрво сама себе сум се победила. Првин сакав да настапам со долг жолт фустан и со периката. Ја однесов кај Бубе од " Ин" да ми ја надгради, иако и тој ме убедуваше да настапам без неа. Три дена пред настапот си реков: "Јас пеам за вистина, за вистинската љубов, а на публиката ќе и се кријам со перика". Отидов во еден салон да се избричам и таму го запознав Монси, кој ми даде комплетна поддршка и ми се понуди да ми биде стилист. Тој ми го смени целиот концепт за настапот, а Владо со шминката ептен ме погоди. Кога конечно се прифатив таква каква што сум, мислам дека во тој момент се дојде на свое место. Почна косата да ми расте, само треба време да се згусне. По настапот сите ми честитаа на храброста. Некои, не знаејќи, само ме прашаа: "Де бре Ане, па женско си, зошто направи така?". Никој не праша: "Ти да не имаш некој проблем?". Излезе дека недостатокот го претворив во предност. Ми пристапуваат луѓе што поминуваат низ слични и поголеми проблеми. Им давам бескрајна поддршка и им порачувам да го прифатат тоа што им се случува. Кога ќе го прифатиш како дел од своето постоење, тогаш ќе исчезне. Вљубена сум во целиот живот, во моите родители, во моите блиски. Многу сум среќна што по се професионално ми се случуваат убави работи. Во Солун дипломирав и магистрирав информатика, сега сум на филмска музика на Француската академија во Скопје. Ја сменив професијата кога во срцевината на моето битие признав дека сум музичар и оти за тоа сум тука. Музиката претходно ми беше хоби, а сега информатиката ми служи како алатка да правам музика на компјутер.



Прочитајте: затвори
Наjновo од Забава
Видео клип
Чувааааааај
IDIVIDI Сервиси
Апел за помош
Пребарување
Пребарување по клучен збор во содржина
webmail
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download