Ексклузивно: Ѓоко Танески

Очекуваме повеќе од влез во финале!

Учесниците на Евровизија знаат за Македонија. Она што ми остана пред настапот се само позитивните вибрации. Целиот тим е оптимистички расположен и имаме преголема енергија која се надеваме дека сите ќе ја почувствуваат

По: Калиопи, Владо Јаневски, XXL, Каролина Гочева, Тоше Проески, Мартин Вучиќ, Елена Ристеска, Тамара Врчак и Адријан и Некст тајм, Ѓоко Танески ќе биде единаесеттиот претставник на Македонија на изборот за Песна на Евровизија. „Јас ја имам силата” е дел од 39-те песни на годинашново 55-по ред издание на Евровизија чие мото е „Сподели го моментот”. Теленор арената во Осло ќе биде домаќин на двете полуфинални вечери на 25-ти и 27-ми мај како и на финалето на 29-ти мај. За да биде дел од 25-те финалисти, Македонија треба да оствари пласман меѓу првите десет држави во првото полуфинале.

Пред настапот на Евровизија го одржавте Вашиот прв голем концерт во Универзална сала во Скопје. Колку сте задоволни од него?

Мојата цел беше реализирана. Идејата за концертот беше тој да биде поголемо собирање на мојата публика на едно место и заедничко пеење на моите песни. Јас колку што бев свесен, а бев, хаха, мислам дека така и беше. Атмосферата со сигурност тврдам беше одлична. Кулминација на концертот беше појавувањето на мојот драг гостин Трајче Манев и малото внимание од мене до женската публика- розите. На 08.05.2010 во Универзалната сала се исполни мојот сон - прв солистички концерт.

За три дена ќе настапите во првото полуфинале на Евровизија. Дали се е подготвено од Ваша страна или остана уште нешто што треба да направите пред настапот?

Да, целосно сме подготвен. Со мене на сцената ќе бидат: Били Звер и Дамјан Пејчиноски-Пејчин. Покрај момците со нас ќе се и прекрасните три девојки: Деана Николовска (која покрај танчарка ќе биде и придружен вокал), Мартина Србиноска (танчарка) и Јана Андрејевиќ (танчарка и кореограф). На пробите се покажавме одлично, така што мислам дека сме тип топ подготвени.

Веќе еднаш бевте на Евровизија во 2005 година во Киев, Украина како придружен вокал на Мартин Вучиќ. Дали ова искуство ви помага да се ослободите од тремата?

Ухххххх.... Како се ближи времето до настапот се повеќе имам трема но позитивна. Но, не се грижете. Искрено, не ме фаќа паника и страв, но позитивна трема постои не велам не! Да, од голема корист ми е искуството што го стекнав со Мартин. Сега имам точна претстава што значи евровизиската публика во салата, но и телевизиската публика како бројка, што не е ни најмалку мала. Мојата 15-годишна кариера и настапи имаат голема улога во надминувањето на тремата кај мене, така што она што ми остана се само позитивните вибрации пред настапот.

Настапувате под реден број 15. Имаме среќа што Македонија е во првата полуфинална вечер и сигурни сме дека „Јас ја имам силата" ќе се пласира во финале. Најголем дел од фаворитите се во втората полуфинална вечер. Кои се Вашите очекувања? Дали само влез во финале или нешто повеќе е Ваша лична амбиција?

Некоја енергија внатре во мене вели дека ќе имаме влез во финале. Дај Боже да е вистинита оваа енергија и да испадне така како што чувствувам. Според она што го гледаме овде на пробите, нашата песна добро котира и повеќето од делегациите ја потпевнуваат. Учесниците знаат за Македонија, така што очекуваме повеќе од влез во финале. Целиот тим е оптимистички расположен и имаме преголема енергија која се надеваме ќе ни овозможи подобар пласман.

Според процените базирани на квалитетот на песните, Ерменија и Израел се главни фаворити. Во тој круг се и: Данска, Германија, Азербејџан и Ирска. Дали ги слушнавте конкурентите и кој е Ваш фаворит?

Да ги преслушав сите песни. Немам една посебна песна која би ја издвоил како фаворит но, можам да кажам дека и мене: Германија, Данска, Србија, БиХ и други заради досегашното стекнато пријателство ми се фаворити.

Само за читателите на ИДИВИДИ, откријте им нешто од настапот, дел што Вас посебно Ви се допаѓа?

Посебно ми се допаѓа и би сакал да ја издвојам енергијата што сите шестмина ја пренесуваме на сцената. Она што го чувствувам на пробите во Осло на сцената е преубаво. Ми се допаѓа на сцената тоа што постојано нешто се случува и постојано некој нешто ново прави. Се е одлично вклопено со појавувањето на Били Звер со неговиот рап дел по кој излегува Дамјан Пејчиноски - Пејчин кој го изведува својот дел. Специјално за читателите на ИДИВИДИ ќе откријам дека крајот делото го краси, но детално ќе го видите во вторник 25. Мај, хаха.

Дали „Јас ја имам силата” целосно ќе биде отпеана на македонски јазик?

Да. На почетокот сметав дека можеби е попаметно да ја отпеам на англиски јазик, но сепак ова е Евровизија. Претставувањето на Македонија треба да биде на македонски јазик. Можеби со изведбата на англиски јазик целата европска публика ќе ја разбереше полесно пораката што сакаме да ја пренесеме, но Јана Андрејевиќ (кореографот) успеа да создаде кореографија која ја пренесува пораката, така што немаме што да загубиме.

Колку сте задоволни од поддршката на Вашите фанови и целокупната македонска јавност?

Фидбекот од целата кампања „Една сосема поинаква приказна...Осло 2010“ се покажа како одличен. Доказ за успешната работа во изминатите 3 месеци беше организираното испраќање на мене, Били Звер и мојот ПР Ема Темелковска од страна на пријателите на кампањата „Олимпиа Моторс“ и моите фанови. Настанот се случи пред евровизискиот штаб во рамките на Универзитетот за туризам и менаџмент.

Кој Ви е омилен дел од песната на кој сметате дека гласачите низ Европа ќе „паднат" и ќе гласаат за Вас и Македонија?

Секако би го издвоил рефренот, но исто така интересен дел е и рап делот на Били. Како финално изненадување е солото на Пејчин. Се надевам дека овие три дела исто како кај мене, ќе ги предизвикаат истите чувства кај слушателите и гледачите од Европа. Тогаш ќе знам дека сум го постигнал она за кое што се стремев овие три месеца.

Што по Евровизија? Дали пласманот ќе ги определи Вашите следни ангажмани?

За иднината на мојата кариера не се потпирам на евровизискиот пласман, Напротив, се што ќе произлезе од овој натпревар ќе биде добредојдено. Планирам достојно да се претставиме, здрави и живи да се вратиме, а по еден убав долг одмор со семејството ќе почнам да размислувам што понатаму.

(И.Николовски



Прочитајте: затвори
Наjновo од Забава
Видео клип
Џемс Бонд
IDIVIDI Сервиси
Апел за помош
Пребарување
Пребарување по клучен збор во содржина
webmail
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download