По изборот за Песна на Евровизија

Лена со „Сателит” ја однесе Евровизија во Германија

„Љубов, ах љубов морам да ти кажам што чувствувам за тебе

Зашто не можам да издржам минута без твојата љубов

Како сателит јас сум во орбитата околу тебе...”

Ова е дел од рефренот на победничката песна „Сателит” на 55-по ред избор за Песна на Евровизија. Таа и припаѓа на 19-годишната Лена Меуер која ја претставуваше Германија. Втората победа за Германија, земја која учествувала на сите избори за Песна на Евровизија доаѓа по победата во 1982 година со Никол и песната “Само малку мир”. На финалната вечер во Теленор арената во Осло, Лена убедливо победи со 246 бода. На второто место се пласира Турција која ја претставуваше групата Манга со „Ние може да сме исти” со 170 бода, додека трета позиција ја освои романското дуо Паула Селинг и Ови со „Играјќи со оган”, освојувајќи 162 бода. Од четвртото до десеттото место пласманот е следен: Данска, Азербејџан, Белгија, Ерменија, Грција, Грузија, Украина.

Финалето помина во одлична атмосфера која во живо ја следеа 20 илјади гледачи и 125 милиони гледачи ширум светот. Годинашново финале за 1 милион гледачи го надмина рекордот на најгледано музичко шоу кое го имаше минатогодишното финале во Москва. Интересен податок е фактот дека на домаќините им беа потребни 34 секунди да ја наместат сцената за секоја држава, иако паузата помеѓу два настапа траеше малку повеќе од 60 секунди.

Посебност на финалето беше и директното вклучување во живо на плоштадот пред Градското собрание во Хамбург каде беа собрани 20 илјади гледачи. Овие факти само потврдуваат колку е важно и колку може да се добие од триминутното претставување на секоја држава учесник.

Како и двете полуфинални вечери и финалната не помина без изненадувања. Првенствено тоа се однесува на непријатноста која се случи при настапот на Шпанија. Еден гледач од публиката случајно или ненамерно се појави на сцената што според правилата на Евровизија значеше дека настапот треба да се повтори. Меѓутоа, повторната изведба како последен од изведувачите не му помогна на Даниел Дигес да оствари пласман подобар од 15-тото место. Во однос на пласманот, апсолутно изненадување е второто и третото место. Иако, не беа споменувани како фаворити, Турција и Романија имаа сигурен и впечатлив настап, а воедно и песните им беа певливи. Грузија исто така имаше исклучително моќен во вокална смисла настап. Малку разочараа Ева Ривас од Ерменија и Харел Скаат од Израел кои не отпеа сигурно и добро како во полуфиналето. Во однос на прогнозите, според ИДИВИДИ Германија беше фаворит број 3 за победа. Настапот на Лена, која пред шест дена го прослави роденденот во Осло беше едноставен и ненаметлив. Всушност, комбинација зачинета со ленанглискиот нејзин јазик во интерпретацијата (англиски со „Лена” акцент) успеа да ги освои гласачите и гледачите во арената кои го скандираа нејзиното име и танцуваа при повторната изведба на песната „Сателит”.

„Здраво! Ова е чудно. Не ми се верува дека ова мене ми се случува. Ви благодарам на сите”, беа првите зборови на Лена по победата. Откако повторно ја отпеа песната, таа продолжи: „Сега сум подобра. Можам да си зборувам со вас. За што сакате да зборувам, јас сум тука за вас”.

Во однос на гласањето, годинашнава песна на Евровизија беше коректна. Не дека немаше соседско гласање, но тоа не беше изразено и не доаѓаше до израз.

Откако заврши изборот, Еропската радиодифузна унија ги објави полуфиналните резултати. Првото место на првата и втората полуфинална вечер го освоија Белгија и Турција. Македонија го освои петнаесеттото место со скромни 37 бода. Тоа значи дека Ѓоко Танески со „Јас ја имам силата“ не бил ниту близу за влез во финале.

Благодарение на Лена со „Сателит”, успеа да ја однесе Евровизија во Германија. По 28 години најбројната по жители земја во Европа ќе биде домаќин на изборот за Песна на Евровизија. И пред Евровизија, песната „Сателит" веќе е хит на радио станиците ширум континентот. Во Германија веќе беше на врвот на синглската топ листа. Со 100 илјади симнувања во првата недела од издавањето, песната го држи германскиот рекорд на најмногу дигитални симнувања од Интернет.

Неофицијално, се споменува главниот град Берлин ќе биде место на случување на настанот. Официјално, германската делегација најави настан кој ќе се памети не само во текот на 2011 година, туку многу, многу години потоа.




Прочитајте: затвори
Наjновo од Забава
Видео клип
Милионер
IDIVIDI Сервиси
Апел за помош
Пребарување
Пребарување по клучен збор во содржина
webmail
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download