Сакам да уживам во дејството на дрогата, ама не и на сцена!

Петар Ѓошев / Метрополис радио мрежа - City радио

Големата панк и рок ѕвезда од 80-тите, Били Ајдол, на 20ти јуни ќе одржи прв голем концерт на овие простори. Пред македонската публика доаѓа со неговите мегахитови како White Wedding, Dancing with myself, Rebel Yell но најавува и свирка со некои од песните пред да работи соло, материјал со бендот Generation X. Били Ајдол ја воскресна неговата музичка карира минатата година после 12 години пауза, снимајќи го албумот Devil’s Playground. Ајдол својата европска турнеја ја започна на 5-ти јуни во Москва, а во Скопје доаѓа со петчлен бенд. Освен старите соработници, феноменалниот гитарист Стив Стивенс, басистот Стивен Мекграт и клавијатуристот Дерек Шеринијан, со него ќе свират и гитаристот Били Морисон (некогашен член на бендот The Cult) и тапанарот Џереми Колсон кој 6 години свирел со Стив Ваи. Во разговорот со програмскиот директор на Метрополис радио мрежа, Петар Ѓошев, Били зборува за чувството предизвикано од неговото повторно заминување на турнеја, работата со неговиот долгогодишен пријател со кого своевремено и не беа во добри односи, Стив Стивенс, чие свирење на гитара значајно придонесе за популарноста на неговите песни, уживањето на дрогите и претерувањето со нив, испуштените шанси во животот заради стилот на живот, за „немузичкиот канал“ MTV… Во целиот разговор недвосмислено ја потенцира возбудата дека доаѓа прв пат на овие простори со нова енергија која сака да ја сподели со нашата публика. Пред да замине на неговата европска турнеја, во склоп на која се и балканските концерти во Скопје, Белград и Љубљана, Били беше во Лос Анџелес од каде е и направено интервјуто за Метрополис радио мрежа и Сити Радио.

Како ги доживуваш сега турнеите, дали чувството е поинакво отколку пред 20 години?

- Турнеите се за мене сега поважни од било кога, тие се нешто на кое можеш да сметаш, изведбата во живо е нешто што ние знаеме да го правиме, а никој друг освен нас не може, не можат ниту албумот или плочата бидејќи тие не можат да дојдат и да настапуваат за вас.  Тоа е целата поента, рокенрол музиката е толку фантастична кога се изведува во живо, тоа е суштината на рокенролот. Оваа музика е наменета за луѓето да ја гледаат, музичарите да ја изведуваат во живо. Сакате да ја почувствувате потта, плунката, сексот во воздухот. Атмосферата за време на рокенрол шоу е толку возбудлива што ве потсетува на тоа колку е прекрасна оваа музика, колку била и колку секогаш ќе биде.

Бидејќи ова ќе биде твој прв настап во Македонија, претпоставувам дека тоа ќе биде концерт со најголемите хитови.

Ќе има елементи од тоа, очигледно ќе ја свириме “Dancing with my self”, “White wedding”, “Rebel Yell” и ”Eyes Without a Face ", но истовремено ќе свириме и неколку песни кои вообичаено не ги свириме, не се дел од листата на најголеми хитови како на пример “Protocol Blues” од албумот “Charmed Life” и исто така ке свириме и неколку различни песни од времето на “Generation X”, панк бендот од 80-те од кој порано бев дел, пред да настапувам соло, можеби ќе ја свириме “King Rocker” и неколку други песни кои не сум ги пеел со години и вистински е забавно да се потсетиш на тоа време, бевме луди, си поминувавме толку добро, бевме деца кои штотуку ја откриваа музиката. Забавно е да се навратиш на тоа време и да откриеш дека песните се се уште забавни за изведување.

Забележувам дека ти се уште се забавуваш со истиот интензитет кога си на сцена, се надевам дека и Стив Стивенс ќе биде заедно со тебе на сцената во Скопје!

- Да, Стив Стивенс ќе биде заедно со мене на сцената, ние настапуваме заедно повеќе од триесет години што значи подолго од траењето на повеќето бракови J. Тој свири подобро од било кога, доколку имам било каква муза за публиката во Скопје тоа би бил Стив Стивен. Сега имаме и ритам гитара во бендот па, Стив ја има слободата да ги истражува и да експериментира со звучните ефекти. Тој е одличен гитарист, тој е мастер. Јас сум многу среќен бидејќи, јас не сум толку добар вокал (се смее) но, за мене е фантастично чувството да сум на сцена покрај Стив и да го слушам како свири. Мислам дека тој е извонреден музичар, навистина има свој сопствен стил и сметам дека сосема неоправдано луѓето не знаат за него, како за Џо Пери од Аеросмит или Ерик Клептон но, мислам дека и Стив е таму некаде горе на врвот на листата на најдобри гитаристи. За мене е навистина возбудливо да бидам негов партнер, да бидам на сцена со него, секогаш е возбудливо никогаш не е досадно. Во тоа и е суштината на рокот - да не е досадно во ниеден момент.

Назад во времето кога ја започнуваше твојата кариера, имаше голема поддршка од МТV. Дали во последно време си го гледал каналот и што мислиш за артистите чии видео записи се најмногу ротирани во моментов? Дали имаш чувство дека најголемите ѕвезди од 80те и 90те се запоставени?

- Тоа едноставно се случува кога работите се движат понатаму. И самиот МТV канал се има променето радикално од времето на 80те кога јас почнував, тогаш беше вистински музички канал за разлика од денес. Денес е повеќе канал на реални шоуа, барем во Америка е така, многу реални шоуа а многу малку музика. Повеќе не ми е ни јасно зошто се уште се нарекува МТV.

Како ти би ги нарекол?

- Незнам реално шоу канал или нешто слично. Сепак животот тече понатаму, работите никогаш не можат да останат исти. Во 80те тоа беше нешто ново, сега се е изменето, постои интернет, многу начини на комуникација и начини да дознаеш за музиката, па очигледно и овие канали мораа да се сменат. Малку е тажно, во раните 80ти МТV им даваше на луѓето како мене одлична и масовна платформа за нивната музика. Кога јас дојдов во Америка имаше неколку блескави групи од 70-те на кои МТV им помогна за нивната музика да се слушне што, можеби немаше да биде случај доколку не постоеше. Во тоа време доколку имаш чудна фризура или можеби личиш на панк-рокер радио станиците одбиваа да ја пуштаат твојата музика бидејќи не е погодна за продавање на реклами односно не носи долари. Јас го направив следново, пуштив трака без мојата слика, ја пуштивме “Hot in the city” и таа се искачи до осумнаесетто место на листите. Но, кога ја испратив втората песна “White wedding” заедно со мојата фотографија, радиостаниците одбија да ја пуштат во етер. За среќа постoеше МТV, снимивме видео спот за песната, кој се пушташе на каналот, па децата на кои им се допаѓаше песната почнаа да се јавуваат во радиостаниците и да ја бараат песната се додека тие не сфатија дека мораат да ја пуштат. За мене лично МТV претставуваше инструмент кој ми помогна да се претставам во другите земји и да ја претставам нашата музика на луѓето кои воопшто немале шанса да слушнат за Generation X. На многумина изведувачи вклучувајќи ги Принц, Мадона па дури и на Мајкл Џексон МТV ни даде се, одлична шанса и поддршка за нашата музика.

Помина низ големи подеми и падови. Како предозирањето со дрога и твојата сообраќајна несреќа со моторот те променија како човек?

- Во тоа време имав одлична музика за која требаше да се трудам да бидам подобар, имав и одлични врски со луѓето со кои што свирев, но и приватни, а имав и деца кои требаше да ги одгледам. Некаде во критичниот момент помеѓу животот и смртта сфатив дека морам да престанам да и бидам роб на дрогата и да се вратам на тоа да и бидам роб на музиката. Тоа на мене дејствуваше закрепнувачки. Бев загрижен и за моите деца, бидејки ми стана јасно дека пропуштам голем дел од нив, а и од животот воопшто. Успеав да го надминам “робувањето на дрогата” иако никогаш не можеш да ја победиш дрогата. Но, сепак успеав да се вратам на местото каде сакам, сакам да бидам во група и сакам да создавам музика, а тоа е и суштината на моето постоење, не да и бидам роб на дрогата. Ми се допаѓа дрогата, ми се допаѓа нејзиното чувство на безсознание и сакам да сум под нејзино дејство, но не на сцена. Во старите денови, знаев да настапувам и на сцена да имам цел бар со сите видови на алкохол, се кревав со кокаин потоа се спуштав со хероин, се чувствував ужасно, навистина повеќе не сакам да настапувам таков, сега настапувам само чист и уживам многу повеќе, многу е позабавно, посилно ја чувствувам публиката, посилно ја чувствувам музиката. Прв пат ќе настапувам во Македонија забавата ќе биде фантастична, фактот дека свирам за прв пат треба да е доволно возбудлив, затоа сакам да бидам целосно присутен и да настапам во својот полн капацитет бидејќи понекогаш дрогата и застанува на патот на музиката.

Поради сообраќајната несреќа пропушти и многу шанси како на пример да бидеш дел од Терминатор на Џејмс Камерон. Мислиш дека ќе те повика за продолжението на Аватар можеби? :-)

- Точно е дека пропуштив неколку шанси поради сообраќајната несреќа како и поради други причини, но сеедно кога сега ќе погледнам назад гледам дека Роберт Патрик одлично ја заврши својата работа во филмот. Таа улога навистина мораше да ја глуми некој кого публиката не го знае, да бев јас во филмот сите ќе викаа- „Зарем не е она Били Ајдол од МТV, како тој може да биде дел од Терминатор. Така што, да пропушташ некои шанси така е тоа во животот, но подоцна гледаш дека некој друг актер ја завршил работата одлично. Нормално дека за мене ќе беше огромно задоволство да ја играм таа улога, бидејќи јас сум голем фан на Џејмс Камерон, но сепак имав мала улога во The Doors што значи дека работев со Оливер Стоун. Фантастично е да се биде инволвиран со сите тие луѓе, бидејќи се толку посветени на тоа што го работат, уметнички настроени и мислам дека Оливер Стоун ги пишува најдобрите дијалози кои филмовите ги имале некогаш, така што сум горд што бев дел од филмот и го зборував тој дијалог.

Дали има некој друг негативец кој отсекогаш си сакал да го играш на филм бидејќи требаше да ја толкуваш улогата на негативец во “Терминатор”?

- Да, да требаше да бидам негативец. Всушност повеќе би сакал да играм некаква комбинација на заокружени карактери, нешто помеѓу лош и добар. Бидејќи и во приватниот живот не сум само лоша личност, туку можам да бидам и добар и лош. На некој начин би сакал да играм некој кој е комбинација на двете, затоа што всушност тоа сум јас, да бидам и добар и лош истовремено.

Моето последно прашање за тебе Били е дали жалиш за нешто во животот?

- Искрено, мислам дека не вреди да се прави тоа затоа што очигледно сум правел грешки, неколку пати се губев некаде во темнината заради дрога или сообраќајни несреќи со мотор, губејќи го мојот пат, но на крајот сепак животот е за да се живее, животот е искуство, а од некои искуства добиваш и одлични песни. Ако не живееш не можеш да пишуваш одлични песни. Мораш да искусуваш мораш да поминеш низ лоши и добри времиња, да бидеш високо и ниско, мораш да поминеш низ сетоа ако вистински сакаш да напишеш добра песна. Затоа што така се исполнува една песна, тоа те определува кој си, тоа те прави целосен како личност. Тоа ме тера да дојдам во Македонија.



Аудио верзија на интервјуто:
This text will be replaced



Прочитајте: затвори
Наjновo од Забава
Видео клип
Шо напрај бабава.....
IDIVIDI Сервиси
Апел за помош
Пребарување
Пребарување по клучен збор во содржина
webmail
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download