КАРЛОНА ГОЧЕВА

Сакам активен одмор навечер, а пасивен преку ден

Новиот албум ќе излезе на есен. Ќе откријам дека е снимен во студиото „Long play" во Сараево и содржи 10 песни

Речиси две децении е присутна на естрадната сцена. Десет години за нејзината професионална кариера е задолжена „Авалон" продукција. Од богатото музичко досие на Каролина Гочева ќе ги издвоиме двата настапа како претставник на Македонија на изборот за Песна на Евровизија во Талин, Естонија и Хелсинки, Финска со песните: „Од нас зависи", односно „Мојот свет". Досега има издадено шест албума: „Мамо пушти ме", „Јас имам песна", „Зошто сонот има крај", „Знаеш колку вредам", „Вo заборав" и „Македонско девојче". Пред промоцијата на новиот албум и пред летните одмори актуелна е со баладата „За година две".

Се сретнавме за да испиеме ладно нес кафе и за да одговори на прашањата кои ИДИВИДИ и ги постави.

Пред неколку дена се вративте од турнеја во Австралија. Какви впечатоци носите од третото Ваше гостување таму?

Да, добро сте информирани. Носам одлични впечатоци од третото гостување таму. Ми се допаѓа Австралија и најголем впечаток ми остави Сиднеј. Тој е еден од најубавите градови што воопшто сум ги посетила.

На чија покана беше реализираше гостувањето?

Како и претходните две и ова гостување се реализираше по иницијатива на македонската заедница во Австралија. Ги посетив нашите сонародници со кои се дружевме и секако им пеев и ги забавував.

Каде се одржуваа настапите и концертите?

Настапите најчесто се одржуваат во сали каде се прават речиси сите македонски забави. Секако дека се одржуваат и концерти. За мене ќе остане запаметен гламурозниот концерт кој го одржав на брод на пристаништето „Darling Harbour" во Сиднеј. Тоа се случи на претходното гостување во 2008 година.

Во мај бевте во Софија каде настапивте на првите Балкански музички награди. Како поминавте и колку сте задоволни од пласманот во категоријата Песна на годината во која ја преставувавте Македонија со песната „Крај"?

Во Софија поминав одлично. За тоа придонесоа атмосферата и реакциите од публиката. Тоа го потврдија и гласовите од сите земји. Пласманот не ми беше многу важен. За мене беше поважно самото учество и привилегијата да бидам дел од најголемите ѕвезди во регионов. Секоја чест на телевизија „Балканика" која навистина успеа да организира шоу како никој досега на Балканот. Се беше на многу високо ниво и сите се чувствувавме како вистински ѕвезди.

Што Ви носат летните месеци во однос на настапите?

Стандардно и ова лето за мене ќе биде исполнето со настапи. Дел од нив ќе ги реализирам во повеќе градови низ Македонија, а дел од настапите се планирани за надвор од државава.

Дали тоа значи дека нема да имате време за одмор?

Не, никако. Секако дека ќе се одморам. Се уште не знам кога и каде. Она што е важно е дека знам со кого ќе одам на одмор, хаха.



Дали преферирате активен или пасивен одмор?

Кога сум на одмор најмногу сакам да лежам на плажа и да уживам. Навечер сакам да посетувам динамични места каде има добар ноќен живот. Тоа значи пасивен одмор преку ден, а активен одмор навечер, хаха.

Дали сакате и зимски одмор?

Задолжително. Јас сум Битолчанка, родена под Пелистер, љубител на чист воздух. Сакам и зимски одмор. Тогаш сум максимално активна, зашто скијањето ми е омилен спорт. Секоја година одвојувам десетина дена за некоја убава зимска дестинација.

Дали во Македонија наоѓате место за одмор?

Како што споменав, не ми е важно каде сум, туку поважно ми е друштвото. Голем дел од одморот во лето го минувам во Македонија. Најчесто сум во Охрид и во мојот роден град Битола каде одлично поминувам, зашто се дружам со луѓето кои ги сакам.

На есен Ве очекува промоција на новиот студиски албум. Откријте ни кој музички стил ќе го карактеризира и колку песни ќе содржи?

Само за читателите на ИДИВИДИ ќе откријам дека стилски се работи за поп албум. Снимен е во студиото „Long play" во Сараево и содржи 10 песни. Мислам дека овие детали се доволни..За останатите ќе треба сите да бидат уште малку трпеливи до излегувањето на албумот.

Наш впечаток кој сигурни сме дека и другите го делат е дека одлично физички изгледате. Како го постигнувате тоа?

Околу изгледот не се трудам особено, иако можеби не изгледа така. Порано обрнував поголемо внимание на изгледот и настојував да се хранам здраво.

Во последно време многумина ми замеруваат дека сум премногу слаба, а јас ја имам истата тежина веќе осум години. Добро, таа варира до три килограми, хаха. Едноставно, се помирив со фактот дека на луѓето никогаш не си им доволно добар, освен кога имаат причина да те жалат.

 

(И.Николовски)



Прочитајте: затвори
Наjновo од Забава
Видео клип
Слепиот не е секогасш слеп
IDIVIDI Сервиси
Апел за помош
Пребарување
Пребарување по клучен збор во содржина
webmail
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download