NEXT TIME

Сакаме фудбал на плажа

Летово нашите настапи ќе траат до 20 август. На тој датум во Битола на локалитетот Хераклеја ќе го одржиме нашиот втор солистички концерт, инаку прв во тој град.

Иако, професионално на сцената се само три години, близнаците Мартин и Стефан Филиповски или Next Time, зад себе имаат голем број успеси кои се вредни за почит. Во оваа прилика ќе ги споменеме: настапот на минатогодишниот избор за Песна на Евровизија како претставници на Македонија со песната „Нешто што ќе остане", освоеното второ место на фестивалот „Макфест" во Штип и деби албумот „ Next Time". Професионално пристапуваат кон работата и обврските. Како млади луѓе, тие се ведри, расположени за дружење и со задоволство одвојуваат време за контакти со своите обожаватели.

Во моментов сте актуелни со песната „Убава" за која веќе снимивте видео спот. Колку сте задоволни од двата продукта и со кого ги работевте?

Презадоволни сме. Со оглед на тоа што имаме повеќе демо песни од кој што биравме што да пуштиме, решивме тоа да биде песната „Убава". Лето е и секогаш се бараат подинамични песни. Убава е многу реална песна, има многу емоции, а и спотот излезе супер за оние кои ќе го разберат, хаха, зашто не би требало да има потешкотии во тоа. Песната и спотот ги работевме со истиот тим со кој ја правевме „Рамо за плачење" и спотот за неа.

Песната и видео спотот се нешто различно од сè што досега сте работеле.

Нормално е тоа да сакаме да го смениме малку звукот, да се понуди и нешто поразлично на публиката. „Убава" е таква песна која што е со звук каков што не сме имале на нашиве простори. Сè е измешано и е комбиниран рок со поп, RNB и има малку електроника. Ова не значи дека ќе останеме на тој стил, зашто следната песна која што планираме да ја издадеме во септември или октомври ќе биде со наш препознатлив звук. Секогаш сме подготвени да експериментираме со звукот, околу линијата на кругот што се нарекува Рок.

Летото е во полн ек. Дали тоа за Вас значи повеќе или помалку настапи?

Имаме доста настапи летово, меѓутоа сите тие ќе траат до 20 август. На тој датум во Битола на локалитетот Хераклеја ќе го одржиме нашиот втор солистички концерт, инаку прв во тој град. Ја покануваме цела Македонија да дојде на нашиот концерт за да слушнат убава македонска музика. По концертот следи одмор од 10-тина дена и се враќаме со настапи и подготовки за вториот албум.

Неодамна настапивте на фестивалот „Славјански базар" во Белорусија на вечерта насловена „Евровизиски ѕвезди".  Какви впечатоци носите оттаму?

„Славјански базар" е уште едно големо искуство за нас. Пеевме пред 30 илјади народ на главниот плоштад во Витебск. Чувството не се опишува едноставно треба да сте на сцената и да почувствувате. Публиката не прифати искрено, бараа автограми и се сликавме. Дадовме интервју од кое дел се објави во нивните главни вести. Со Симона, нашата менаџерка, зборувавме дека со оглед на првичните преубави реакции во Белорусија, треба да се обидеме да се претставиме повеќе на тој пазар кој е огромен. Таму работите се одвиваа многу професионално. Уметниците имаат посебен третман и од организаторите и од публиката.

Со што се претставивте на фестивалот?

Ги изведовме песните „Рамо за плачење" и „Нешто што ќе остане". Дел од евровизиската „Нешто што ќе остане" запеавме и на англиски јазик, со цел публиката да разбере дел од песната.

Кога, каде и со кого на одмор?

На одмор ќе одиме со најблиските. Сеуште не знаеме каде ќе одиме, меѓутоа сигурно ќе биде некаде надвор од нашата земја.

Каков одмор сакате? Активен или пасивен?

Комбинирано, хаха. Не сакаме многу да излегуваме по дискотеки да урламе и викаме. Едноставно одморот сакаме да биде одмор.

Кој повеќе плива од Вас двајца, а кој повеќе се сонча?

Двајцата најмногу сакаме фудбал на плажа, хаха.

Дали може да им откриете на обожавателите кога ќе го објавите вториот албум?

Пред да одговориме би сакале да потенцираме дека во моментов напорно работиме и се подготвуваме за големиот концерт во Хераклеа, Битола. Потоа планираме да издадеме нова песна и малку да се затвориме за да го доработиме албумот на раат - темелно. Тој треба да излезе кон крајот на годинава или на почетокот на следната. За сите кои сакаат да дознаат и прочитаат повеќе информации за нас и нашата работа ја имаме нашата Интернет страница www.nexttimeband.com.



(И.Николовски)



Прочитајте: затвори
Наjновo од Забава
Видео клип
Машина за перење
IDIVIDI Сервиси
Апел за помош
Пребарување
Пребарување по клучен збор во содржина
webmail
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download