ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ, актер

„Кога проклето ти требам” е наша музичка љубовна приказна

Со оглед на многуте патувања на Калиопи во последно време, обично јас сум тој кој пазари и готви

Животот негов е сцена, а сцената живот. Со намера е активен учесник и дава дел од себе во многу нешта на професионален и приватен план. Зад себе има многу реализирани планови, а пред себе уште куп нови. Бројни улоги и театарско-општествени награди се дел од неговата биографија. По двегодишна пауза, годинава триумфално се врати на театарската сцена со главните улоги во претставите: „Баханалии“ и „Спиноза”. Васил Зафирчев, пред читателите на ИДИВИДИ.

Како сте?

Одлично, расположен и релаксиран со оглед дека заедно го пиеме утринското кафе.

Ви годи овој утрински ритуал?

Секако, посебно кога друштво ми прави или јас му правам на ИДИВИДИ, хахаха

Пред да работите на претставата „Спиноза”, дали го прочитавте романот „Разговор со Спиноза”? Ви се допадна?

Го читав и го препрочитував. И секој пат беше нов и поинаков разговор со себеси, ново трагање по темните ходници на скриеното и несвесното. Тоа е роман кој откако еднаш ќе го прочитате постојано ќе му се навраќате. Роман кој промовираше нов и поинаков сензибилитет во современата проза кај нас, заради што и го доби своето веќе култно значење кај читателската јавност.

Дали претставата Ве најде Вас или Вие неа?

Најверојатно таа ме најде мене, најпрво преку визијата на авторот кој го замислувал мојот лик при пишувањето на драмата, а потоа преку размислите на режисерот во дефинирањето на актерската поделба за претставата. Оваа претстава сега е мојата најголема духовна придобивка како уметник, за сметка на мојот актерски аскетизам во изминатите две години отсуство од сцената.

По првата јавна изведба на 1. Јули во рамките на „Скопско лето”, коментарите се позитивни. Официјалната премиера ќе биде на 24. Септември во рамките на фестивалот Млад отворен театар (трае од 18.26. Септември). Вие го провоцирате гледачот, кој не е само вообичаен воајер?

-Од една страна „Спиноза” е циркуска претстава со пет акробатски точки, а од друга страна таа е претстава за животот и за пропуштените можности. И токму тој контрапункт го става гледачот во активна позиција и го провоцира да ги преиспита сопствените размисли и ставови во обидот да ги пронајде и да ги промени миговите од животот кои никогаш не се случиле, а можеле да се случат.
Пред оваа претстава одигравте уште една маркантна улога во „Баханалии” на велешкиот театар „Џинот.”. Претставата беше прогласена за најдобра на фестивалот на античка драма „Стоби 2010”. Како ја доживеавте претставата и соработката со режисерот Наташа Поплавска?

-Претставата е фантастичен спој на актерската игра, танцот и музиката како изразни форми на кабарето, но во суштина таа го еманира гласот на народот. „Баханалии” е претстава која забавува, возбудува, но и ангажира на размисла за одредени општествено-политички појави и контексти, кои иако актуелни и денес, сепак имаат универзална вредност.

Моментно сте уметнички директор во велешкиот театар „Џинот”. Кој е предизвикот да се грижите за репертоарот на театарот во родниот град?

-Предизвикот е секако вистински и голем, особено затоа што се работи за театар кој ми ги даде првите можности и во кој одиграв голем број од своите актерски остварувања. Се разбира, дополнителен мотив е присуството и ангажманот на многу мои пријатели и колеги со кои често сме соработувале на сцената и со кои одлично се познаваме.

Само три децении живот, а толку многу награди и признанија. Кој е Вашиот следен предизвик и професионален ангажман?

-Во моментов уживам во изведбите на „Баханалии” и „Спиноза”, но им се радувам и на предвидените ангажмани за следната година кои се надевам дека ќе бидат вистинско изненадување за публиката.

Приватно сте сопруг на единствената Калиопи. Дали заедничкото професионално занимавање со уметност е потребниот баланс кој Ви дава мир и воедно одново Ве исполнува со креативна енергија?

-Би рекол дека меѓусебното препознавање како луѓе и уметници, но пред се љубовта, довербата и разбирањето кои ги чувствуваме еден кон друг се главната инспирација и изворот на креативната енергија за сето она што како уметност го твориме и создаваме.

Кога сте заедно, кој пазари, а кој готви?

Во принцип и двајцата, во зависност од времето кое ни го дозволуваат нашите професионални ангажмани. Со оглед на многуте патувања на Калиопи во последно време, обично јас сум тој кој пазари и готви.

Која е Ваша омилена песна од Калиопи?

Од постарите хитови „Знам да те волим” од албумот „Роџени”. Од поновите секако раскошната балада „Кога проклето ти требам” од албумот „Не ми го земај времето” која е всушност нашата љубовна приказна раскажана низ музика.

А, омилена улога од досега одиграните?

Омилени се сите, оти сите се мои и имаат дел од мене. Но, како интимно драги улоги кои се врзани за значајни моменти од мојата професионална кариера секако се: „Пијанистот”, „Лисистрата”, „Последниот маж” и „Спиноза”.

Приватно, што посебно сакате, во што лично уживате?

Како што споменав на почетокот, го сакам ритуалот на утринско кафе со кое ми почнува секој ден. Им се радувам на моите миленици Беба и Лона, зашто сакаат без очекување. И...да, уживам во читањето, бидејќи само тогаш разговарам со себе.

(И.Николовски)



Прочитајте: затвори
Наjновo од Забава
Видео клип
Путерот не е само за јадење
IDIVIDI Сервиси
Апел за помош
Пребарување
Пребарување по клучен збор во содржина
webmail
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download