ЈЕЛЕНА КАРЛЕУША, ПЕЈАЧКА

Сексот со помлад маж е подобар

Како што веќе информиравме, концертот на Јелена Карлеуша е одложен за во март следната година. И покрај откажувањето, ИДИВИДИ денес го објавува најавеното интервју со српската пејачка

Сината коса слободно и паѓаше врз рамениците. Фустанот во бела боја го истакнуваше свежиот тен на кожата. Зад очилата кои го покриваа најголемиот дел од лицето се откриваа нејзините црни очи. Насмеана, се поздрави и кратко се претстави: „Добар ден! Јас сум Јелена, расположена за разговор”.

По 15 години професионална кариера за прв пат сте во Скопје. Како се чувствувате?

Се чувствувам одлично и полна со позитивна енергија. Како сте Вие?

Јас исто така одлично. Ме радува што лично се запознавме и ја користам приликава отворено да разговараме.

Слободно, отворена сум и можам да зборувам на различни теми.

На ИДИВИДИ веќе објавивме дека е откажан Вашиот концерт. Кој е Вашиот коментар?

Не можам да кажам ништо повеќе освен официјалното соопштение. Како што е најавено, концертот е само одложен и ќе се одржи во текот на март следната година. Ќе биде вистинско шоу како дел од турнејата „All about Diva”.

На сцена освен што пеете, Вие одлично и енергично танцувате заедно со вашите танчари. Нели е тоа премногу за жена?

Премногу? Никако, мене тоа ми е задоволство. Естрадата и сцената не е само да се излезе и убаво да се отпее. Денес важат други параметри. Да се биде ѕвезда значи дека треба да се понуди шоу. Тоа е шоу-бизнис и тука се е дозволено. Секогаш се трудам да бидам единствена, интересна и никого да не оставам рамнодушен. Не манипулирам, туку секогаш барам начин да бидам интересна.

За тоа очигледно придонесуваат Вашата физичка убавина и стил?

Се разбира. Знам дека сум убава и згодна, но моја примарна работа е да интригирам, да провоцирам. Во таа насока го градам и стилот.

Тоа значи дека точно знаете што сакате?

Да.

Ако е така, која е Ваша цел во кариерата?

Сакам сите да ме сакаат. Знам дека тоа е невозможно, но сепак работам и се чувствувам како да сум на почеток. Имам уште многу да кажам и отпеам и сакам да траам како Лепа Лукиќ.

Дали ја следите македонската естрада?

Да и знам што се случува. Тврдам дека македонските пејачи според вокалните способности водат 10:0 во однос на српските. Само им недостасува тоа што се задоволуваат со малку. Не работат поангажирано комплетно на себе и на своите кариери и затоа тапкаат во место.

Кој Ви е омилен изведувач од Македонија?

Ги почитувам и ги слушам Калиопи, Влатко Стефановски и Тоше. За Тоше можам многу да зборувам.

Лично го познававте?

Да. Се запознавме во Грција во студио каде заедно снимавме. И првиот и последниот пат кога го видов тој пееше. Всушност, тој постојано пееше и се гледаше дека е посебен, дека ја обожува музиката. Тоа ми го рекоа и музичарите кои во студиото работеа со нас.

Дали сте биле во Крушево?

Не, но сакам да одам. Во суштина мразам гробишта. Не сакав да одам на погребот на Тоше, зашто знаев дека медиумите ќе пишуваа за тоа. Дури не отидов на погребот на мојата баба која неодамна почина, зашто како личност сум преемотивна.

Освен музиката, Вие сте голем љубител на спортот?

Да, обожувам спорт, посебно фудбал.

Дали тоа има врска со Вашиот втор сопруг Душко Тошиќ?

Секако, хаха. Тој е многу талентиран и иако во моментов е играч на „Црвена ѕвезда”, му посакувам да изгради успешна интернационална кариера.

Тој е седум години помлад од Вас?

Да, па што?

Дали е тоа предност или недостаток?

Предност во секој случај, хаха.

Зошто?

Затоа што не е расипан и не е типична „Србенда” ниту „Балканец”. Тој е како глина која можам да ја обликувам по моја желба. Секс со помлад маж е подобар. На секоја жена и е потребен помлад партнер, како маж или љубовник. Кога е уморна се приклучува и ги полни батериите.

Добивам впечаток како да немате влакна на јазикот?

А, зошто да имам? Секогаш сакам да ја зборувам вистината.

Не се плашите од последиците?

Во никој случај. Заради тоа, мајка ми вели дека сум родена со дефект, хаха. Ако ја зборувате вистината секогаш ќе бидете интересни. Балканската естрада е досадна, не се случува ништо посебно и затоа од време на време јас ја разбранувам.

Тоа значи дека и српската естрада е во криза, иако голем дел од нашите пејачи и публика ја следат?

Да, таа е во криза. Монополот го држи „Гранд” и затоа многу големи ѕвезди се на работ на егзистенција. Не сакаат да се замерат и да го дигнат својот глас против Саша Поповиќ кој не е Бог.. Јас сум една од ретките која не јаде од тој леб, но немам поддршка од колегите.

(И.Николовски)



Прочитајте: затвори
Наjновo од Забава
Видео клип
Кој со што си игра !?
IDIVIDI Сервиси
Апел за помош
Пребарување
Пребарување по клучен збор во содржина
webmail
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download