Во Осло патува Ѓоко Танески со „Јас ја имам силата"

Уште една епизода од серијата наречена домашен избор за Песна на Евровизија е зад нас. Македонија по 11-ти пат избираше претставник за 55-от по ред избор на Песна на Евровизија. Овој пат, во главната улога беа мажите. Не дека жени немаше, но тие некако не беа во тренд. Тоа беше евидентно од листата на учесници, авторите, па се до стручното жири чии 50% од гласовите беа одлучувачки за изборот на победникот, Ѓоко Танески со песната “Јас ја имам силата”.

Но, да тргнеме по ред. На двете полуфинални вечери беа изведени по 14 песни. Осум од секоја вечер ја комплетираа бројката од 16 финалисти. Прв впечаток е дека втората вечер беше музички поквалитетна и понеизвесна во однос на резултатите. По првата вечер, како фаворити за победа се издвоија: Влатко Илиевски со „Среќа”, Сузана Спасовска и Дарко Нешовски со „Бог го има секој клуч” и Ѓоко Танески со „Јас ја имам силата”. Од втората, се издвоија исто така три фаворита за победа: Влатко Лозаноски со „Летам кон тебе”, Есмас бенд со „Џипси денс” и Маја Вукичевиќ со „Фама”.

Финалето помина во атмосфера на исчекување. Возбудата и прогнозите за тоа кој ќе не претставува во Осло.

Најпрво почна да се шпекулира дека победник ќе биде оној кој ќе плати 7000 Евра. Потоа, беше пласирана информација дека ниту еден од оние кои имаа најмногу гласови во двете полуфинални вечери (Влатко Илиевски и Влатко Лозаноски) нема да победи. Конечно, како информација беше пласиран фактот дека победник е оној кој ќе има најголема поддршка од дијаспората. Но, атмосферата во Универзална сала укажуваше на нешто друго. Изведбата на песните помина во најдобар ред.

Според реакцијата на публиката и квалитетот на песната, реакција предизвика Дарко Илиевски со „Лаги”. Песната модерна со богат сценски настап. Ангела Здравковска беше позитивно освежување на изборот. Тоа се однесува на: изгледот, гласот и посебно рефренот на песната „Забораваш”.  Кристијан Јованов со „Никоја на овој свет” докажа дека баладите најубаво му лежат на вокалот и карактерот. Викторија Апостолова по пехот кој го имаше на втората полуфинална вечер кога микрофонот не и работеше и мораше по втор пат да излезе на сцена, во финалето повторно предизвика реакција со изведбата на коректната во RnB стил песна „Заборави на сè”. Наде Талеска со „Среќен крај” понуди модерна и брза поп песна, Звучеше сигурно и потврди дека има квалитетна и чиста интерпретација. Настапот и интерпретацијата на Ѓоко Танески беа наградени со силен аплауз со што ненаметливо се наѕираше неговата кандидатура за победа.

Маја Вукучевиќ со „Фама” ја имаше најмодерната и веројатно најхитовската песна на изборот. Звучеше свежо во интерпретацијата и би рекол никогаш не изгледала поотпуштена, а сепак многу впечатлива. Најсилен аплауз од публиката предизвикаа Есмас бенд со „Џипси денс”. Станува збор за динамична, полна со енергија песна која влегува во уво од прво слушање. Импонира гласот на Елеонора и кореографијата. Ако сакаме да не забележат и да бидеме единствени на Евровизија, тогаш оваа песна требаше да победи. Истото се однесува и на Сузана Спасовска и Дарко Нешовски со „Бог го има секој клуч”. Финалето, својата кулминација ја достигна со последните два настапа на Влатко Лозаноски и Влатко Илиевски. Според аплаузите во салата, евидентно беше дека и тие се кандидати за победа.

Во паузата за гласање, настапија годинашните претставници на Еврвизија на Босна и Херцеговина и Албанија, Вукашин Браиќ, односно Јулиана Паша. По нив, паузата за гласање ја затвори Каролин Гочева.

По сумирањето на гласовите на шесточленото жири и телефонското гласање во сооднос 50-50, победата му пропадна на Ѓоко Танески, По него следуваа: Влатко Илиевски, Маја Вукичевиќ, Влатко Лозаноски и Наде Талеска.

На Ѓоко Танески му посакуваме успешно претставување на Македонија на изборот за Песна на Евровизија кој на 25, 27 и 29 Мај ќе се одржи во Осло, Норвешка.


ЗАД СЦЕНА

Додека настапуваа Есмас бенд, во публиката беше Есма Реџепова Теодосиевска која се веселеше и уживаше во песната. Таа целосно ги поддржува своите фаворити и истакна: “Ако победиме, има кој да гласа за Македонија. Ќе анимираме 16 милиони Роми кои живеат низ Европа да гласаат за Македонија”.

Пофалби до МРТ за сценографијата во Универзалната сала!

Пофалби за шоу програмите во текот на гласањето! Првата полуфинална вечер настапија минатогодишните претставници Некст тајм и учесници на Детската евровизија. Во втората полуфинална вечер, со шоу програма се претстави групата Синтезис, а како гостин настапи Наум Петрески во изведбата на “Ој девојче, девојче”.


Критики до МРТ за изборот на водители! Не само што беа крути во најавите, туку и беа отсутни во однос на атмосферата и случувањата во текот на преносот. Беа и конфузни во однос на објаснувањето на правилата и текот на гласање. Кулминација предизвика нивната збунетост при прогласувањето на победникот. Не ги знаеја дел од имињата на членовите на жири комисијата, иако ги имаа напишано на листовите во рака.

Критика и до изборот на членови на жири комисијата. Иста жири комисија имаше за двете полуфинални вечери, некомпетентна (немаше докажани музичари или поранешни учесници на Евровизија). Бројот на членови беше парен (6). Обично се става непарен број на членови во случај да дојде до надгласување при донесување на одлука.

Сите информации во однос на изборот не беа достапни на официјалната страна на МРТ. Нелогично за ваков голем настан кој се организира еднаш во годината!!! Ни беше предочено дека нив може да ги најдеме на други приватни страници.

Преносот на моменти имаше технички проблеми, а на Македонското радио се емитуваше телевизискиот пренос.

Како јавен радиодифузер и член на Европската радиодифузна унија, МРТ има ексклузивно право да го избира претставник за изборот на Песна на Евровизија. Во иднина, мора да понуди поквалитетни и поискусни имиња како интерпретатори и автори за да песните звучат поиздржано и поактуелно. Конечно, песните се прават за публиката, а не за жири комисија!

ИЗЈАВИ НА ПОБЕДНИЦИТЕ

Победничката песна „Јас ја имам силата” е авторско дело на Кристијан Габроски (музика и текст) и Дарко Тасев (аранжман). Станува збор за рок балада во чиј музички израз доминира гитарата Дамјан Пејчиноски. Интересен е и раперскиот дел кој го изведува Били Ѕвер од Кавадарци.

Кристијан Габроски – Позитвно сум изненаден од изборот. Благодарам на жири комисијата и македонската публика чии гласови ни овозможија да победиме.

Дарко Тасев – Задоволен сум од аранжманот и соработката со Кристијан и Ѓоко. Сметам дека на песната не и треба доработка, бидејќи таа е комплетно завршено дело.

КРАТОК РАЗГОВОР  СО ЃОКО ТАНЕСКИ

По втор пат ќе настапи на изборот за Песна на Евровизија. Првиот настап го имаше во 2005 година во Киев, Украина, кога беше придружен вокал на Мартин Вучиќ со песната „Make me day”.

Кои се Вашите први импресии по победата?

- Чувството е прекрасно, хаха. Благодарам на сите што гласаа за мене! Додека траеше паузата до гласањето бев многу мирен и се дружев со пријатели и соработници. Се сеќавам дека и со Вас разменив некој збор. Се сеќавам дека ми честитавте на настапот и интерпретацијата. Откога почна гласањето бев многу возбуден. Кога се заврши, заклучив дека сум победник и уште повеќе бев возбуден, хаха.

Што следи сега?

- Прво ќе се одморам. Следи снимање спот, евентуално некоја доработка на песната и подготовка за настапот на првото полуфинале на Евровизија на 25 Мај во Осло.

На кој јазик ќе ја пеете „Јас ја имам силата” и кои се Вашите очекувања?

- Се уште не сме одлучиле. На македонски песната звучи убаво и тој е јазикот на кој песната беше избрана. Очекувам да се претставам во најдобро светло што ќе ми овозможи пласман во финалето и висок пласман. Имам искуство и верувам во себе.





(И.Николовски)



Прочитајте: затвори
Наjновo од Забава
Видео клип
Пријател за мезе
IDIVIDI Сервиси
Апел за помош
Пребарување
Пребарување по клучен збор во содржина
webmail
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download