Почнува Скопскиот Џез Фестивал

Скопскиот џез фестивал со 29-то издание започнува вечерва во Универзалната сала со почеток во 20 часот со концерти на Омар Соса Африканос Квартет од Куба и Мариа Пиа Де Вито од Италија, потоа Јури Хонинг Вајрд Парадајс од Холандија ќе имаат настап во клубот Хард Рок со почеток точно на полноќ.

Три пати номиниран за Греми, кубанскиот композитор и пијанист Омар Соса е еден од најсестраните музичари на денешната џез-сцена.

Марија Пиа де Вито е исклучителна појава на современата европска џез сцена. Студирала опера и модерно пеење, а својата музичка кариера ја започнува во 1976 година како вокалист и инструменталист (плектра, перкусии, пијано) во неколку истражувачки групи посветени на етно музиката, како и на етно и на неетно полифонијата, главно поврзана со Медитеранот, Балканот и со јужноамериканските области. Јури Хонинг е веројатно најзначајниот холандски саксофонист којшто поседува богато концертно искуство изградено со настапи во над 50 земји и дискографија од речиси 30 наслови. Свирел и снимал со великани како Пет Метини, Чарли Хејдн и Пол Блеј.

Утрешниот ден е резервиран за Лари Карлтон од САД, Хамилтон Де Холанда Квинтет од Бразил, нивните настапи ќе се одржуваат во Универзалната сала во 20 часот, а во 24 часот во клубот Хард Рок ќе настапи Паула Мореленбаум од Бразил.

Осумнаесет пати номиниран, а три пати освојувач на наградата Греми, еден од најдобрите гитаристи на сите времиња, Лари Карлтон успеа да се етаблира уште со своето прво издание “A little Help From My Friends“. “Виртуозен“, “брилијантен“ и “уникатен“, тоа се само некои од атрибутите што му се припишуваат на овој музичар, кој успеа за кратко време да ја запали публиката низ светот и да изгради богата кариера исполнета со многу награди. Антонио Карлос Жобим во една прилика изјави дека неговата група, Нова Банда, е составена од пет прекрасни девојки, пет згодни момчиња и еден валкан старец.

На 23 октомври во Универзалната сала во истот термин како претходните ќе настапат Флет Еарт Сосајати (Белгија, САД), а во клубот Хард Рок ќе бидат Етникс заедно со Нона Хендрикс од САД.

Флет Еарт Сосајати се основани во 1998 година, кога но-нонсенсе уметникот, поранешен архитект, кларинетист, клавијатурист, композитор и продуцент Петер Вермеерш одлучи да започне нова авантура откако веќе ги освои музичките вљубеници низ светот со своите бендови Максималист и култните Екс - Леџед Сали. Етникс е новиот проект на Кахил Ел‘Забар и Ернест Доукинс, двајцата легендарни џез музичари од Чикаго, кои долго време се заедно. Кахил Ел‘Забар, перкусионист и композитор признат во светски рамки, се смета за еден од најпрофилираните иноватори на својата генерација. Ел‘Забар е вистинскиот “човек на ренесансата“, со музички стил и содржина кои патуваат од старата Африка до современиот свет.

На последната вечер од фестивалот концертен настап ќе имаат Тригве Сеим/ Фроде Халтли од Норвешка и Терје Рипдал со Берген Биг Бенд исто од Норвешка кои ќе настапат во Македонската опера и балет со почеток во 20 часот, како последни изведувачи на годинешниот фестивал ќе бидат Аронас кои ќе настапат во Хард Рок.

Норвешкиот гитарист Терје Рипдал издава за познатата дискографска етикета ЕЦМ уште од самиот почеток, со респектабилна дискографија како лидер на бенд и како член и гостин во различни проекти, вклучувајќи ја неговата клучна улога во раната фаза на творештвото на Јан Гарбарек.

Но, токму кога веќе ништо ново не можеше да се стори со пијано, бас и со тапани, се појавија Аронас, надминувајќи ги сите очекувања. Предводени од некогашниот сиднеец, а денес жител на Лондон, инаку роден Новозеланѓанец, пијанистичкиот виртуоз Арон Отињон, Аронас и нивниот џез-панк звук ја брануваат современата музичка сцена уште од објавувањето на нивниот деби албум Цултуре Туннелс во 2005 година.



Прочитајте: затвори
Наjновo од Забава
Видео клип
Удри посилно
IDIVIDI Сервиси
Апел за помош
Пребарување
Пребарување по клучен збор во содржина
webmail
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download