Рано е за брак, но ќе почнам да живеам сама со дечкото

Деновиве Тамара ја имаше во весниците поради неколку работи: сними нови песни, се закани дека ќе ја тужи телевизијата „Пинк“ и наводно, го откажа настапот на „Еротика фест“ што во саботата на 14 мај се одржа во Метрополис арената во Скопје. Ја прашавме за тоа, но и за новостите во нејзиниот приватен живот…

Што се случи на „Фестивалот на еротиката“? Имаше информации дека си паднала и си се повредила, поради што твоето учество било откажано.

Само нешто од тоа е точно. Дезинформација е дека паѓањето се случи пред моето излегување на сцената и оти немало никаков настап. Јас се качив на подиумот и почнав да пеам, но веројатно на бината имаше масло од претходните „перформанси“, така што во еден момент се најдов на подот. За да се “ извадам ” ,продолжив да пеам лежејќи, а диџеј Маци со кого настапувам, не забележал дека паднав, и помислил оти и јас правам некаква еротска изведба (се смее). Значи, настапот воопшто не беше откажан поради моето паѓање. Но, точно е дека пеев само 15 минути, наместо еден час, а тоа не е заради повреда . Брзо сфатив дека нема смисла, бидејќи во салата имаше малку луѓе.

Се чини дека празната сала беше главна карактеристика на Фестивалот?

За жал, да. Тој немаше посетеност како што очекувавме. Сите организатори ми се блиски луѓе, па нивниот неуспех го сметам и за свој. Направивме се’ што можевме, од организациски и маркетиншки аспект, и сакавме сето тоа да изгледа како во големите европски градови, да биде интересно и ново, но од ова искуство е евидентно дека Македонците не се подготвени за таков „подвиг“. Кај нас тоа е се’ уште преголема табу тема. Веројатно, еден од проблемите беше цената на влезницата (1.000 и 1.500 денари), но сепак, мислам дека пресуден е менталитетот. На многу луѓе веројатно им е срам да бидат видени на такво место. А, навистина имаше ѕвезди во таа област. Јас не ги познавам, меѓутоа според она што ми го кажуваа поупатените, сите тие се познати имиња во својата бранша. И натаму верувам дека идејата е интересна, но можеби ќе биде подобро да се реализира во летна варијанта, во некоја отворена дискотека. Поголемиот дел од времето го поминав во бекстејџ и прилично ме разочара тоа што немаше народ. Решив да настапам само затоа што се подготвував, па дури ми направија и соодветен костим. Сето тоа го сфатив сериозно и многу време потрошив околу стајлингот. Креацијата ми ја правеа студенти од Универзитетот ФОН. Требаше да биде спектакуларно и провокативно, но ете, не успеа во првото издание.

Кој е твојот коментар за „Песната на Евровизија“ и за настапот на Влатко Илиевски?

Ја гледав само втората вечер, и тоа исклучително заради Влатче. Тој беше многу убав, како и танчерите, и според мене, тие направија се’ што можеа. Но, немавме доволно светлина на сцената и затоа изгледавме толку бедно. На нашиот настап бината беше најтемна. Тоа е заради недостиг на финансии. Требаат пари, по неколку илјади евра, за да се плати секоја скала со рефлектори, а нашите евидентно тоа не можат да си го дозволат. Влатко беше многу точен во изведбата и не испеа ниту еден погрешен тон. Сите знаеме дека е тој повеќе шармантен, убав и згоден шоумен, отколку голем пејач. Нема екстремно високи гласовни можности, но многу слуша музика, многу чита за музиката и многу знае. Во неговиот настап немаше фалш. Звукот беше океј, но сцената изгледаше јадно, исто како кога бев јас со Врчак и со Гаџа. Се’ додека пејачите не ги поддржуваме финансиски, нема да имаме резултат, ниту ќе бидеме забележани на „Евровизија“.

Вреди ли, воопшто, да се учествува на таа манифестација?

Не, јас одамна го имам кажано тоа, од сопственото искуство. Не знам зошто толку се трудиме и трошиме пари (колку толку), нерви и енергија, а ништо не добиваме. Напротив, само губиме. За Влатче е битно дека имаше одличен маркетинг, можеби најдобар досега од сите наши учесници. Тој направи квалитетна кампања, со тоа што во голем дел ја финасираше самиот. Лично инвестираше во својот настап и во своето претставување. Верувам дека тоа ќе му се исплати, бидејќи оствари контакти со многу важни луѓе, па можно е во иднина да работи со Горан Бреговиќ или со Дино Мерлин. Има такви прелиминарни договори, а знам дека веќе го бараат во Србија, што е одлично, како и секое проширување на пазарот за некој пејач. Повеќе му лежи тој вид музика, во стилот на “ Рибља чорба ” , Брега, Оливер Мандиќ и слични на нив. Мислам дека сето тоа го постигна затоа што е голем шармер и шмекер.

Да се префрлиме на твојата кариера. Имаш нови песни, работиш на албум...

Да, конечно, решив да се вратам на сцената онака како што треба. По моето учество на „Евросонг“, бев многу разочарана од односот на македонските новинари, кои не ни дадоа поддршка како што требаше. По враќањето од Белград, ја прекинав комуникацијата со МТВ и речиси со сите домашни медиуми. Но, откако малку прошетав низ светот, сфатив дека само дома си е дома и оти успехот во својата земја не може да се замени со ништо друго. Сега имам три нови песни, од кои првата, „Трафика мала“, е во трио, со Пере од “ Нокаут ” и со Фиц од “ Студени нозе ” и треба да се најде на албумот на Пере. Втората е на Дуке Бојаџиев и ја снимив додека бев во Њујорк. Се вика „Дали знаеш каде“ и беше некој наш експеримент, а спотот ќе се снима во Њујорк и во Скопје, со ајфон 4. Третата има наслов „Сама“ и е диско-хаус тема, што ја работев со мојот другар од средното училиште, Никола Васков, на текст на Слаткар, и планирам да се појави во средината на јуни. Деновиве треба да потпишам договор со продукцијата „Стерео рекордс“, па верувам дека тоа во иднина ќе резултира со квалитетни песни. До крајот на годинава планирам да го завршам целиот албум. Не сакам да брзам, за да биде се’ како што треба, па в година ова време да направам и голем солистички концерт во Скопје.

Во еден период изгледаше дека ќе се концентрираш на српската естрада.

Не! Сум била таму, ги знам состојбите и воопшто немам такви амбиции. Во Србија не можеш да пласираш квалитетна музика, зашто ако не те пуштат на „Пинк“ и на „Гранд“, не си направил ништо. А, јас не можам да го направам тој компромис. Сестра ми Тијана имаше среќа да го фати последниот воз додека поп музиката се’ уште поминуваше таму, пред десетина години, па сега има простор да се занимава со она што го сака. Денес во Македонија се создава поквалитетна музика, а и повеќе се цени. Во Србија правам по нешто само за да имам причина почесто да одам во Белград и да си ги видам Тијана, зетот, а особено внукот. Бев во реалното шоу „Двор“ и видов кои луѓе се популарни, каква музика пеат и каква слушаат. Пред малку го споменавме Влатче. Белградскиот менаџер Гане Пецикоза виде потенцијал во него на промоцијата на „Русинка“ и се нафати таму да му отвори некои врати. Му организираше прес-конференции и го претстави на одредени луѓе, но Влатко може да се вклопи во филмот на Горан Бреговиќ и на Дино Мерлин, а јас не можам да се вклопам во филмот на Сека Алексиќ и Дара Бубамара.

Го спомена „Двор“, заради кој најави дека би можело да ја тужиш телевизијата „Пинк“ за неисплатен хонорар од 5.000 евра.

Да, тоа е точно. Им испратив опомена пред тужба. Многу се налутив зашто се покажаа некоректни кон сите нас што учествувавме во шоуто. Колегите од Србија имаат проблем да ги тужат, зашто се плашат дека ќе бидат забранети на „Пинк“, а таа е најгледаната телевизија таму. Но, 24 луѓе не’ третираат како мајмуни, и толку ме фати инает што немам намера да се повлечам доколку не си ја исполнат обврската. Навистина се чувствувам измамено.

Ескивирањето на хонорарите им е вообичаена практика или тоа го прават само со вас?

За жал, многу работи дознав предоцна, откако излегов од шоуто. Голем дел и од учесниците на „Фарма“ не се исплатени, а тоа беше многу порано пред “Двор“. Мене ми е малку полесно поради сознанието дека таму поминав само три недели. Но, што да рече Дејан Милиќевиќ, кој беше затворен 120 дена? А, навистина треба да имаш голема сила, пред се’ ментална, за да го издржиш тоа. И Дејан сака да ги тужи.

Ако го ставиме настрана финансискиот момент, какво ти е искуството од „Двор“?

Не ми е криво што ја прифатив поканата, бидејќи себеси се видов во поинаква светлина, малку отстрана. Сфатив каде ми се грешките и како не треба да се однесувам и во приватниот живот. По три часа во таа монтажна зграда веќе забораваш на камерите. Немаш контакт со блиските, не знаеш колку е часот, некој ќе те изнервира, а со него мораш да останеш затворен 24 часа, иако не можеш да го поднесеш... Јас сум воспитано девојче и внимавав како се однесувам, но имав лоши моменти со пејачката Маја Николиќ. Со другите бев во коректни релации, меѓутоа кога таа влезе, ми измести се’. И среќа што си отидов толку бргу. За тие што останаа беше пеколно тешко. И сега да не добијат пари... Навистина не е човечки.

Што ти беше најтешко во тие три недели?

Многу ми недостасуваа моите. Очајно сакав барем еден телефонски разговор. Последната недела паднав во депресија, спиев цело време и само повторував како не сакам да гласаат за мене, за да си одам дома. Тоа се забележа и народот престана да гласа, вклучувајќи ја и сестра ми. Од денешен аспект мило ми е што излегов толку рано, бидејќи потоа стана страшно. Мислам дека нервно ќе се разболев ако останев подолго.

Сакаш да кажеш дека во тие непријателства воопшто нема глумење за да се подигне гледаноста, туку дека се спонтани?

Какво црно глумење? Среќа што има правила и се дисквалификува секој што ќе повреди некого, инаку ќе леташе крв. Милош Бојаниќ е класичен „пациент“ и навистина него можеше некој и да го убие. Мене ми помогна Дејан Милиќевиќ, кој заштитнички се постави и ме бранеше. Мислам дека ако не беше тој, јас ќе се збудалев, бидејќи никој друг не познавав толку добро како него. Се спријателив речиси со сите, но без Дејан немаше да издржам ни три недели.

Значи, не би учествувала повторно во некое реално шоу?

За никакви пари уште еднаш не би прифатила нешто такво. Тоа е преголема тортура за мозокот и беше доволно за мене. Бејби Дол ми раскажуваше дека по учеството во „Фарма“ редовно одела на психијатар, бидејќи не можела да се навикне на враќање во цивилизација.

Што е со приватниот живот? Неколку пати досега си имала љубовни врски, кои во јавноста биле претставувани како сериозни, а и моментно на твојот Фејсбук профил пишува In a relationship. Но, се уште си госпоѓица Тодевска. Ќе се случи ли наскоро промена на тој статус?

Наскоро не, но имаме во план да почнеме да живееме заедно. Сметам дека е тоа добро пред да се преземе официјалниот чекор и да се направи што било друго. Ќе се обидеме малку сами, па да видиме како ќе ни оди. Инаку, многу сум вљубена и задоволна од љубовта. Моето момче Матија Мирков (слика горе) е тренер на голманите во ФК Металург, многу е добар во тоа што го работи и сите го фалат, што ме прави уште погорда. Беше голман, долго време живееше во Хрватска, па во Виена, но откако ме запозна мене, реши да се врати во Скопје и да се посвети на тренерската кариера. Тоа му е желба и си ја сака работата.

Во минатото, една од карактеристиките за тебе беше одредениот вишок килограми. Како успеа да го решиш тоа?

Па, знаеш што? Повеќе од 50 насто од мојата работа се состои во тоа да се грижам за изгледот. Значи, редовни масажи, апарати за слабеење, маникири, педикири... Веќе осум години сум речиси секој ден во „Силуете“ и тоа дава резултат. Често се качувам на Водно, а нешто што го обожавам и се покажува како многу корисно е тренирањето кик-бокс. Ние сме пет девојчиња, блиски другарки, кои одиме три пати неделно, имаме одличен тренер и многу сме задоволни. Целото тело работи и мислам дека е тоа најдобриот спорт што сум го тенирала досега.

Успеваш ли да живееш од музиката?

Многу тешко во последниов период. Секој те бара да му пееш, а никој не сака да плати. Кризата силно ги погоди сите, а тоа го почувстував и лично на себе. Затоа и отидов на тој „Двор“. Никако немаше шанси во тие месеци, јануари-февруари, да заработам 5.000 евра. Но, да знаев дека вака ќе се случи, немаше да одам. Финансиски ме спасува тоа што настапувам на забавите на некои многу сериозни компании. Деновиве одам во Дубровник каде ќе пеам на презентација на „Џапанис тобако“. Со нив соработувам со години. Има неколку такви фирми, кои никогаш не би земале некој друг за нивните забави, освен мене. Од септември ќе почнам да предавам соло пеење во Средното музичко училиште во Скопје. Таму татко ми е професор веќе 40 години, и наскоро ќе оди во пензија, па сака јас да го наследам. Да има некој од фамилијата Тодевски во таа зграда. Многу ги сакам децата и сигурна сум дека ќе уживам во тоа. На почетокот ќе работам хонорарно за да видам дали ќе си одговараме едни на други, а ако се занесам во работата, можно е напуштам се’ друго и да се посветам само на учителствувањето. Ќе видиме што ќе донесе времето. Сепак, сум оптимист.

Миодраг Мишолиќ



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Наставникот по географија го завртел глобусот и го прашува ученикот кој треба да одговори:
- Што е ова?
- Почнуваат вести - одговорил ученикот.
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
1191.- Почна зографирањето на црквата "Свети...
1284.- Роден е англискиот крал Едвард II....
1595.- Во Рим умре Торквато Тасо, италијански...
1599.- Роден е водачот на Англиската револуција...