Aко ја затворат "А1" ќе се појави некоја "Б2" или "В3"

„Тоа е еден од моделите кои веќе не може да се запрат. Ако не постои ’А1’, утре или задутре ќе се појави ’Б2’ или ’В3’, со слична уредувачка политика. Тој процес власта не ќе може да го задржи, дури и ако нема капацитет да го прифати. Демократското јавно мислење експлодира и ќе си ги бара своите патеки на притисок за да се добие она што е нормално во една европска држава“- вели долгогодишниот новинар и уредник Александар Чомовски, чија телевизија е соочена со ултимативниот предизвик да биде затворена, откако доби извршно решение за наплата на многу висока сума пари...

Дали добивањето извршно решение за наплата на данок од преку девет милиони евра значи дека приказната за „А1“ е завршена?

Не, јас сметам дека таканареченото досие „А1“ не е затворено и тоа од неколку причини. Важно е дали сопственикот, преку неговите претставници, ќе биде способен да го плати она што му го наметнува Управата за јавни приходи. Ако нема банкарска гаранција или доволно средства, кој трет партнер на „А1“ ќе го преземе тој долг за да може телевизијата да функционира понатаму. Многу е битно и дали ќе дојде до промена на сопственичката структура, т.е. дали зад „А1“ ќе остане семејството Рамковски, на директен или индиректен начин. Потоа, судбината на „А1“ е диктирана и од власта, во чии раце се инструментите на државната администрација. Ќе видиме дали таа ќе инсистира еднократно да ги наплати „затаените“ даноци од девет милиони евра за кои веќе е стигнато решение. За мене е многу симптоматично и тоа како одеднаш од почетните два до два ипол милиони, се качивме на девет. Имам разбирање дека постојат капитални поврзаности меѓу фирмите на Велија Рамковски и оти е возможно да се оди пет години наназад ако се работи за перење пари и финансиски криминал, но во овој момент на сцена се два одделни процеси за исто дело. Едниот е кривичната постапка против Велија и групата осомничени, а другиот е пред Управата за јавни приходи. Во ниедна правна држава не може да бидете осудени двапати за исто сторено дело. И конечно, зошто УЈП, дури и да станува збор за девет милиони евра затаен данок, не дозволува сумата да се исплати на неколку рати? Законот дава можност заостанат долг да се исплати на 24 рати, а тие имаат и дискреционо право да овозможат на 36 рати. На некои компании тоа им е дозволено. Ако е цел на власта да не се затвораат фирми, тогаш е сосема логично дека треба да им излезе во пресрет да ги подмират долгувањата, а потоа во судска постапка нека се докажува кој е виновен, а кој не е. Не можам да се оттргнам од впечатокот дека тука има тенденција за медиумско-политичка пресметка. Притоа, мора да кажам дека и ние не сме невини во целата работа, особено мојот сопственик, кој во првите две години кохабитираше со премиерот Груевски, а во последните три му стана медиумски непријател, со јасна политичка конотација. Сепак, според мене најважниот аргумент дека досието „А1“ не е затворено, е стеснетиот медиумски простор за презентирање на опозициски ставови. Затоа е важно за демократските текови, плурализмот и за дебатата да постои медиум како нашата телевизија.

Дали гледате демократски капацитет кај македонските политичари да го поддржат опстанокот на нешто што не е на нивната страна? Сте препознале таква намера од досегашното однесување и работење?

Понекогаш политичките процеси одат пред намерите на властодршците и независно од нивната волја. Дотолку повеќе што оваа старо-нова власт ќе се соочи со реален притисок на опозициски ставови, кои ќе растат се’ повеќе. Погледнете ги младите, кои се организираа на многу оригинален начин да побараат демократски процеси и демократска разврска на полицискиот случај со младиот Мартин Нешковски. Тие дури одат понапред од многу новинари и таканаречени експерти во нивните барања. Ја побараа една од најважните алатки во спроведувањето на демократијата, а тоа е врз полицијата да се воспостави контрола од граѓански, а не од полициски форум. Дури ни кривичарите во промената на законите за полиција не го сугерираа тоа, туку се’ се сведува на контрола на Службата за државна безбедност и на извештаите на Јавна безбедност во Собранието. Овој пат се бара граѓанска контрола, и тоа е значајно прашање. Во тој контекст, тоа е еден од моделите кои веќе не може да се запрат. Ако не постои „А1“, утре или задутре ќе се појави „Б2“ или „В3“, со слична уредувачка политика. Тој процес власта не ќе може да го задржи, дури и ако нема капацитет да го прифати. Демократското јавно мислење експлодира и ќе си ги бара своите патеки на притисок за да се добие она што е нормално во една европска држава.

Како, поконретно, ќе се одвиваат работите со „А1“ до средината на август, до кога треба законски да се реши состојбата со евентуалниот стечај?

Ако УЈП инсистира на реализирање на своето извршно решение, нам во наредните 45 дена ни претстојат две алтернативи: да платиме или УЈП да поведе постапка за воведување стечај, при што концесијата на „А1“ ќе биде загубена, бидејќи телевизија под стечај не може да има концесија. Ако е намерата да не’ згаснат по секоја цена, тие ќе го направат тоа. Меѓутоа, ќе се соочат со нов проблем. Ќе добијат 200-300 новинари на берзата на трудот и барем уште 150 луѓе од другите профили што работат во куќата. Од друга страна, ако на системот на улица „Перо Наков“ му биде дозволено да работи, тој ќе си ги плати долговите што ги има кон државата и ќе продолжи да функционира. Ние сме направиле проценка дека доколку ни биде овозможено сукцесивно плаќање, тоа во нашите тековни трошоци ќе изнесува 200.000 до 250.000 евра месечно. За „А1“, со сегашната гледаност и со сегашните приходи, тоа е поднослив товар. Можеби ќе бидеме на салдо нула и на газдата нема да му создаваме екстра профит, но ќе има шанса да се издржува новинарскиот и техничкиот дел и да се плаќаат продукциските трошоци. Ако некој што има моќ и’ мисли добро на македонската демократија, тогаш ќе го поддржи овој концепт. Ние сме најгледаната и телевизија со најголема доверба. Гледаноста во одредени моментни се движи од 250.000 до 850.000 луѓе зависно од понудената програма. Нема никаква логика или интерес во уништувањето на таков медиумски бренд. Зад тоа може да стои само политичка суета. Не зборувам чија - на премиерот, шефот на кабинет или на некои министри. Но, доколку го направат тоа, тие ќе мора да одговараат на многу тешки прашања. Јас ви тврдам дека згаснувањето на нашата телевизија, ќе го чини мошне скапо премиерот Груевски на политички план, имајќи ја во вид стопроцентната поддршка што ја добива од провладините медиуми. Не е народот глупав за да не сфати дека се работи за обична „лакировка“. Самиот премиер ќе побара да се формира критичко мислење, бидејќи со спротивно, поддршката за него ќе се претвори во гротеска.

Кога станува збор за Вас лично и за Вашиот ангажман во „А1“, карактеристично, па дури и симптоматично е што во последно време како да избегнувате појавување на екранот. Впечаток е дека Ве нема како порано.

Тука постојат два аспекта. Јас сум еден од промоторите на одбраната на „А1“ во другите медиуми, и од таа страна сум доволно ангажиран. Точно е дека програмски ме нема доволно, што е еден вид мој став кон некои уредувачки зафати на куќата, со кои не се согласувам. Се’ додека не се изврши одредено програмско балансирање во уредувачката политика, јас ќе бидам резервиран. Постојано ја застапував и ја застапувам тезата дека ние имаме право на поддршка на опозициските ставови, но имаме и обврска, бидејќи „А1“ е заснована на граѓански, цивилен и социјален концепт, да не сокриеме информација, која е важна за граѓанството. Па, дури и ако значи афирмација за ВМРО ДПМНЕ и неговата коалиција. Второ, она со што јас најмногу не се согласував е своевидната антиалбанизација во „А1“, која не се изрази низ говор на омраза или еднострани етнички перцепции, туку врз одлуката да бидеме тенденциозно критични кон владејачката ДУИ и да го форсираме Имер Селмани, играјќи на картата на персонално решение, а не на опција. Не се согласив и со тоа што немавме breaking news за најголемиот митинг на ВМРО ДПМНЕ во Скопје, какви што имавме за сите опозициски партии. И денес велам, ако продолжиме така, ние сме мртви. Засега, и покрај сите грешки, нас не’ спасува тотално ригидната, еднострана уредувачка политика на нашите конкуренти, кои не сакаат да го направат дури ни елементарниот баланс. Најголемата опасност во овој момент е инструментализацијата на уредниците. Ние се’ помалку имаме уредници со интегритет. А, интегритетот, особено за оние со ветерански статус, значи и право на став. Не прифаќам дека јас немам право на став и оти некој политичар кој пред година или две влегол во министерскиот кабинет знае повеќе од мене во следењето општествени процеси. Не претендирам да бидам министер, но претендирам дека знам барем еднакво колку тие што се на власт, и затоа знам што да ги прашам. Порака до колегите е да престанат да изигруваат етаблирани канцелариски уредници. Комоцијата на Груевски и претходно на Црвенковски, е во тоа што на прес-конференциите нема искусни новинари кои знаат кога, како и што да прашаат и да допрашаат. Бидејќи се доведовме до инструментализација на репортерите од страна на уредниците и на власта, добивме новинари без авторитет, млитави прес-конференции и изјави на естаблишментот, кои се смешни, дегутантни и зборуваат за општото незнаење.

Кога сме кај искажувањето на ставовите, кој е Вашиот став за тоа каква власт ќе имаме по формирањето на новата влада?

Кога пред пет години го интервјуирав Никола Груевски за „Дојче Веле“, тој ме праша што мислам за него. Му реков дека е еден од ретките техноменаџери во нашата политика, кој веројатно ќе се претвори во политички технократ. И се излажав, барем засега. Навистина не очекував дека од технократ ќе добиеме квазинационалист и квазипатриот, бидејќи тоа што тој го прави не е патриотизам. Но, верувам дека сега доаѓа периодот на Груевски - технократ. На таквото однесување ќе го принудат условите, кои ќе бидат се’ потешки. На пазарот на пари ќе се соочи со немаштија и со недоволно средства за досегашното материјално-политичко блудничење, односно трошење без пардон. На тоа ќе го принуди и технократизмот на неговиот коалициски партнер Али Ахмети. Погледнете, кај Албанците за прв пат не доминираат таканаречените национални теми и министерства, туку нивниот интерес е концентриран таму каде што зборуваат парите и каде што парите се моќ.

Често се коментира дека кај Вас постои анимозитет кон Бранко Црвенковски. Своевремено во „Чуму“ го опишавте како „еден политичар кој не доаѓа во оваа емисија“...

Вие сте го запамтиле тоа, а можеби не сте запамтиле дека кога ме одби Груевски, застанав пред владата и во истата „Чуму“ реков: „Овој премиер одбегнува демократки дијалог, што еден ден ќе му се удри од глава“. Според тоа, за мојот вкус, јас сум бил секогаш избалансиран. На новинарството му штети интимизацијата. И други ми го спомнуваат тој „анимозитет кон Бранко Црвенковски“. Но не, јас немам отпор кон ниту еден политичар, ниту пак, некогаш ќе прифатам да бидам новинарска експозитура на некој од нив. Првиот конфликт со уредничкиот дел на „А1“ и со газдите го имав по мојот настап, кога реков: „Симни се Грујо, кралице, долу меѓу нас. Црвенковски, немој да не’ инструментализираш, како што прави некој со Латас и со ’Канал 5’“. Но, јас не реков невистина. Тоа што Црвенковски го боли, е негов проблем. Тоа што Груевски се симна меѓу „рајата“, е мој успех, затоа што го принудив, без оглед со кои методи и средства. На моите колеги им велев, половина од луѓето ќе ве критикуваат, половина ќе ве храбрат, меѓутоа факт е дека му го симнавме тронот на премиерот, кој настапи на телевизијата што сака да ја затвори.

Една од чаршиските шпекулации што се вртеа за Вас пред некое време беше дека сте идниот македонски дописник на балканската филијала на познатата катарска ТВ-куќа „Ал Џезаира“. Има ли вистина во тоа и дали главниот уредник на телевизијата, Горан Милиќ, контактирал со Вас?

Контакт со Горан Милиќ и официјална понуда немало. А, и да добиев, немаше да ја прифатам, бидејќи јас сум се’ уште дописник на „Дојче Веле“ и тоа мене ме задоволува, во статусна, материјална и во професионална смисла. Она што имаше во врска со „Ал Џезаира“ беа некои навестувања, но многу индиректно и со посредници, така што тоа воопшто не го сфатив сериозно. Напротив, мислев дека е провокација од страна на нашите „добронамерни“ служби, кои веројатно ме тестираа. Провокациите од овој тип се базираат на моето „албанофилство“ кое во 2001 година се изразуваше како став дека сум непријател број 1 на македонската кауза и второ, тоа што сум реално убеден заговорник на тезата за мултиетничка кохерентност. Потребите на Албанците, ако имавме зрели политички елити, да ги акцептираме пред да се конституираат како нивни воинствени барања, и можеше македонскиот политички корпус да ги менаџира меѓуетничките односи, место решенијата да ни бидат наметнати отстрана. Во тоа цврсто верувам. И, веројатно заради ваквите мои ставови, некој сакаше да ме поврзе со медиум каков што е „Ал Џезаира“. Засега нема ништо од тоа.



Миодраг Мишолиќ



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Жена чека пред телефонска говорница да заврши човекот пред неа, меѓутоа поминуваат 10 минути, а тој не само што не отстапува, туку само седи со слушалката на уво и ништо не...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
СОСТОЈБА: Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. Во западните делови од државата, на повисоките места се бележат врнежи од снег, но...
Верски календар
На денешен ден
- Денеска е Светски ден на книгата и авторското...
1564.- Во Стратфорд е роден Вилијам Шекспир,...
1616.- Во Мадрид умре Мигуел де Сервантес,...
1792.- Создадена е француската химна "Марселеза"...