Јадењето храна богата со шеќер и маснотии го стимулира мозокот потсвесно да претпочита брза храна, сугерира една студија.

Студија на научниците од Германија и САД ја мерела активноста на мозокот кај група луѓе на која секој ден им бил даван десерт богат со масти и шеќер во текот на два месеци. Тие откриле дека мозочните реакции значително се зголемиле по осум недели – притоа се активирал регионот одговорен за мотивација и награда и дошло до ослободување на допамин.
Истражувачкиот тим, од Институтот за истражување на метаболизмот Макс Планк во Келн, западна Германија и Универзитетот Јеил, ја тестирал својата хипотеза со две групи на волонтери.
На едната група и давале мал пудинг кој содржи високо ниво на масти и шеќер, додека другата контролна група добивала десерт кој содржел исто толку калории, но помалку маснотии.
Тимот предводен од д-р Марк Титгемајер, забележал дека реакциите на мозокот на храната богата со шеќер и масти во групата која јадела десерт со висока содржина на масти и шеќер биле значително зголемени по осумте недели.
Оваа зголемена активност го активирала ослободувањето на хормонот за добро чувство допамин во регионот на мозокот одговорен за мотивација и награда.
Д-р Титгемаер вели дека нашиот мозок учи да претпочита храна богата со шеќер и масти поради мозочната активност, како што е ослободувањето на допамин, што ја доживуваме кога ја јадеме таа храна.
-Мозокот потсвесно учи да претпочита наградувачка храна. Преку овие промени, ние несвесно секогаш ќе претпочитаме храна која содржи многу масти и шеќери, објаснува тој.